Македонија
Арсовска прави циркус и парада пред локалните избори, Тошковски вели дека ќе било искрено ако пријавувала дивоградби во првата година од мандатот
Вклучувањата во живо од градилишта за кои вели дека се дивоградби, јавните повици да постапуваат институциите, обвинувањата дека власта им прогледува низ прсти на оние што градат дивоградби од страна на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, се циркус и парада пред избори. Тој смета е дека е добро градоначалниците да вршат контрола на она што е дозволено, а што не е дозволено да се гради, но тоа да го прават од почетокот на мандатот.
„Ова што го гледа македонската јавност е исклучиво само циркус и парада пред локалните избори. Да беше во рамките на првата година, ќе беше за поздрав и ќе беше навистина искрено. Го препознава народот тоа. Овој народ препознава кога нешто е искрено и препознава кога нешто е за правење циркус. Овде ние не говориме за желба да се стави ред во Македонија, овде говориме за парада и циркус, а МВР ќе постапи по неговите надлежности, како што постапувало и секогаш досега“, рече министерот Тошковски пред меѓународната конференција за 50-годишнината од формирањето на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје.
За заканите за кои градоначалничката кажува дека постојано ги добива, министерот Тошковски објасни дека постои посебна процедура. Доколку се пријавени во МВР, појасни дека имаат посебна процедура, во која се утврдува дали постои сериозна закана, на која соодветно реагираат и Министерството, и Обвинителството, и судот. Тошковски уверува дека доколку се утврди потреба од преземање мерки, МВР веднаш ќе ги преземе.
Градоначалничката Арсовска безмалку откога е на функцијата, кажува дека добива закани, но најчесто не ги пријавува во МВР оти ќе треба постојано да биде во станица.
Во неделата и премиерот Христијан Мицкоски ја охрабри да ги пријави заканите и рече дека му е жал што таа добива закани за животот. Денес МВР извести дека постапиле по пријава од градоначалничката која пријавила дека возчач, преку прозорец од возило и се заканувал на булеварот Словенија.
Обвинителството, пак, денес извести дека, постапувајќи по пријава од група граѓани, отворило истрага за дивоградба на шест ката во Чаир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Голем број документи, а сè повеќе кршења на човековите права
По повод Меѓународниот ден на човековите права, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Свечената седница на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Таа укажа дека 10 декември е симбол на современата култура на човекови права, без чие почитување нема правна држава, ниту демократија.
За неа, парадоксален е расчекорот меѓу огромниот број правни документи и институции, од една страна, и алармантниот пораст на конфликти, бегалци и нови форми на прекршување на правата како дигитално надгледување и алгоритамска дискриминација до климатски неправди што директно го засегаат правото на живот, здравје и достоинство, од друга.
Според неа, климатската криза и современите војни ја разголуваат ранливоста и неефикасноста на меѓународниот правен систем и поредок.
Таа истакна дека Меѓународниот ден на човековите права не треба да биде само ден за комеморација, туку момент на соочување со тешките прашања како:
‒ Дали нашите институции гарантираат правичност, еднаквост и достоинство или само ги опишуваат и набројуваат?
‒ Дали нашето судство има сила да каже „не“ кога политиката вели „да“?
‒ Дали медиумите имаат простор да истражуваат корупција без страв?
‒ Дали ранливите групи се видливи во нашите политики?
„Човековите права се секогаш резултат на постојана и секојдневна борба, на институционална храброст и на граѓанска свест и совест. Секоја генерација мора одново да ги освојува, брани и толкува низ призма на современите предизвици“, заклучи таа.
На Свечената седница се обратија и проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет и Олег Солдатов, раководител на програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.
Македонија
Градот Скопје обезбедува сопствен стан, шелтер центар за заштита на жртвите од родово базирано насилство
На денешната седница на Советот на град Скопје беше донесена одлука со која се отвора можност еден стан во сопственост на градот да се користи како безбеден, заштитен и привремен дом за жртвите на семејно и родово базирано насилство.
Овој простор ќе овозможи итен смештај, стручна поддршка, советување и целосна грижа сè до стабилизација на ситуацијата и изнаоѓање трајно решение.
„Ова е силна и јасна порака дека ниту една жена и ниту едно дете не смеат да останат сами во моментите кога им е најтешко. Градот Скопје создава безбедно место кое ќе биде подадена рака, засолниште и нов почеток“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Со воспоставувањето на првиот градски шелтер-центар, Скопје практично ги реализира приоритетните политики за заштита, поддршка и превенција од насилство. Оваа мерка претставува важен чекор напред во градењето на систем кој обезбедува сигурност, институционална грижа и достоинствено опоравување на жртвите.
„Градот мора да биде засолниште за сите свои граѓани, особено за најранливите. Затоа ова е само почеток. Ќе продолжиме да инвестираме во силни, функционални и хумани услуги, затоа што секоја спасена жена и секое заштитено дете е наша заедничка победа“, додаде градоначалникот Ѓорѓиевски.
Градот веќе ги подготви сите неопходни услови за објава на јавниот повик, кој ќе биде наменет за организација со докажано искуство и специјализирани услуги во областа на социјалната заштита и поддршка.
Со ова започнуваме нова фаза на одговорно, транспарентно и човечно работење, со цел изградба на град во кој насилството нема место, а поддршката е достапна за секој што ја бара.
Македонија
Тошковски во Брисел: Македонија ја потврдува посветеноста во борбата против криумчарењето мигранти
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Брисел учествуваше на Втората меѓународна конференција на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти – значаен светски форум кој ги обединува партнерите во справувањето со еден од најсериозните транснационални безбедносни предизвици.
Во име на Македонија, министерот Тошковски ја поддржа Заедничката декларација на Алијансата, со што државата уште еднаш ја потврдува својата цврста посветеност на засилената превенција и поефикасен институционален одговор на криумчарењето мигранти. Ова претставува важна потврда за улогата на Македонија како активен и доверлив партнер во глобалните напори за борба против организираниот криминал.
Во рамки на конференцијата, министерот Тошковски оствари билатерална средба со Европскиот комесар за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер. Разговорите беа фокусирани на процесот на европска интеграција на Македонија, како и на важноста од координирани европски политики во делот на управувањето со границите.
На маргините на конференцијата министерот Тошковски се сретна и со Сузане Раб, новоизбраната генерален директор на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ICMPD), со која разговараше за актуелните миграциски предизвици и можностите за продлабочување на идната соработка.
Министерот оствари и средба со министерот за внатрешни работи и контрола на наркотици на Пакистан, Мохсин Раза Накви. На средбата беше разговарано за зајакнување на билатералната безбедносна соработка, која во наредниот период треба да се формализира преку потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу двете министерства.
Учеството на Македонија во работата на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти уште еднаш ја нагласува улогата на државата како активен и кредибилен партнер кој придонесува кон европската и глобалната безбедност.

