Манифестации
Интернационален детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“ од 24 до 26 ноември
Вториот интернационален детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето” годинава ќе се одржува од 24-ти до 26-ти ноември, во просториите на Младинскиот Културен Центар.
На 24-ти ноември ќе се претстави театарската група „Сенки и Облаци”, која е организатор на фестивалот, со претставата „Девојчето, змејот и црните облаци”. Ова е претстава која зборува за актуелни тема како загадувањето на градот, за железарата како најголемиот непријател на луѓето и змејот, и за девојчето кое тргнува да го спаси својот најдобар другар.
Раскажана на необичен начин, преку користење на две досега неспоени техники како што се песочната уметност и играта со сенки, оваа претстава ќе ве однесе во еден имагинарен свет полн со слатки илузии.
Интернационалните учесници на фестивалот се „Le Théàtre des Ombres“ од Тулуз, Франција со претставата „Пет забавни приказни”, интересен спој на кратки приказни раскажани на магичен начин преку игра со свела и сенки и „ Cia quase cinema“ од Сао Паоло, Бразил со претставата „Животот на Северино”, приказна за проблемите на урбаниот живот и потребата за навраќање кон природата.
За време на фестивалот ќе се отвори изложба на фигури од театар на сенки. Делата на изложбата се изработени од Драгица Николовска, Јана Младенова и Ивона Ѓорѓиовска. Во вторник и среда со почеток од 18 часот ќе се одржуваат работилници за деца под менторство на девојките од Колектив Ветерница. Децата ќе имаат можност да се запознаат со целиот процес на создавање на претстава со сенки. Фестивалот ќе се затвори со презентација на претставата изработена на работилниците.
„Сонот на облачето” е фестивал кој ќе им овозможи на децата и младите од нашата земја да се запознаат со поинаков театар, традиции и културни вредности, со различни начини на раскажување и игра. Фестивалот има и хуманитарен карактер бидејќи ќе бидат вклучени одредени општествено маргинализирани групи како – деца без родители од СОС детско село и Трисомија 21-деца со даунов синдром за кој се обезбедени бесплатен билет и превоз за фестивалот. Со овој фестивал се очекува да се зголеми интересот за театарот кај децата , да ги запознаат основните човечки вредности и да се едуцираат за важноста на работите во светот кој ги опкружува“, велат организаторите.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура, во соработка со Младинскиот културен центар-МКЦ.
Влезот за сите претстави е 120 денари, картите можат да се набават на касата на Младинскиот културен центар. За организирани посети(над 10 посетители) цената на билетот е 100 денари.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор
Полската вечер во рамките на годинешното издание на „Охридско лето“ го носи концертот на гудачкото дуо Емануел и Емилија Салвадор.
За виолинистот Емануел Салвадор специјализираниот магазин „Страд“ пишува дека е еден од најдобрите виолинисти од неговата генерација. Студирал и на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Емануел Салвадор има снимено неколку албуми и реализирано успешни концертни турнеи во Југоисточна Азија, Кина, Јапонија и САД.
Емилија Гох Салвадор како уметник на виола има дипломирано со највисоки оценки на музичката академија „Јан Падеревски“ во Познан во класата на проф. Доминик Рутовски. Во 2008 година го основа гудачкиот оркестар „Балтик Неополис“.
Култура
Утре, во Трпејца, почнува 12. издание на манифестацијата „На зајдисонце“
Во организација на здружението „За Трпејца со љубов“ и под покровителство на Општина Охрид, од утре до 28 јули, 12. пат оваа туристичка населба и гостите ќе дишат во ритамот на новото издание на културно-забавната манифестација „На зајдисонце“.
Утре, четврток, на отворената сцена во Трпејца, од 20.30 часот, во името на покровителот, Општина Охрид, манифестацијата за отворена ќе ја прогласи заменик-градоначалникот Перчо Божиноски.
Приустните ќе може да ја видат изложбата на дела од Интернационалната уметничка колонија, која се одржува во Трпејца, а во музичкиот дел ќе настапат Влатко Броз и диџеј Марама.
В петок во истиот термин публиката ќе може да се запознае со минатото на дел од околината на Трпејца. Младиот Петар Симоноски ќе прикаже видеопрезентација на тема: „Тврдина Осој од VI век“.
Викендот е резервиран за документарни филмови. В сабота навечер публиката ќе го гледа документарно-туристичкиот филм „Трпејца на дланка“, работен по сценарио на Милчо Јованоски.
Следната вечер од 20.30 часот публиката ќе се запознае со Љупчо Паункоски и неговиот документарен филм „Охридските пливачки легенди“.
Неделното утро е резервирано за традиционалната прошетка на домаќините и гостите по патеката Чоколско.
В понеделник, на 24 јули, во Трпејца ќе гостува бендот „3.0“ (три промили), а денот потоа е резервиран за традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ и натпреварот во пливање.
Вечерта е резервирана за прошетката „Со кајче по езерото“.
В среда, на 26 јули, од 19.30 часот, посетителите на манифестацијата „На зајдисонце“ ќе може да учествуваат на атрактивната трка со куфери по скалинадата во Трпејца.
Час подоцна, ќе следува интересната видеопрезентација „Пчелите ќе го спасат светот“ од Петар Стојаноски од фирмата „Органски природен мед“ од Трпејца.
Претпоследната вечер од културното лето во Трпејца е резервирана за драмското студио „Цвет 75 “ од Охрид, под раководство на Драгана Боцевска. Младите актери ќе ја одиграат претставата „Пепелашка од Охрид“.
На крајот од дванаесеттото издание на „Зајдисонцето“, охридскиот сликар, фотограф и филмофил Ѓоко Симјаноски ќе гостува со изложбата на портрети „Беше еднаш Холивуд“.
Летото во свој стил со пародијата „Дојдете во Трпејца“ ќе го затворат познатата македонска актерка Марија Кондовска и угостителот Марјан Митрески-Мац.
Култура
Заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп: „…Медеја“ е најдобра претстава
Синоќа со врачувањето на наградата за претставата „Се викам Медеја“ (My Name is Medeja) на Народниот театар од Битола за најдобро уметничко остварување во целина заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Награда за најдобра режија доби Себастијан Хорват, за најдобра главна женска улога – Илина Чоревска, за најдобра музика – Драго Ивануша и за најдобар рекламен материјал – Сашо Илковски.
Скопскиот Драмски театар и претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ освои 5 награди, меѓу кои и за главна машка улога за Дамјан Цветановски и за најдобра женска епизодна улога за Емилија Мицевска.
Наградени беа и Турскиот театар за претставата „Човек перница“, како и Прилепскиот театар за „Мистерија Буфо“ и на Театарот за деца и младинци, за „Роња, ќерката на ограбувачот“.
Наградата за современа сценска драматизација ја доби Лидија Митоска-Ѓоргиевска за „Мистерија Буфо“.
Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Хакан Даци за улогата на Катуриан во претставата „Човек перница“ во изведба на Турскиот театар од Скопје, копродукција со „Машина продакшн“ и „Пик продукција“. За истата претстава, за улогата на Микаил, актерот Дин Ибрахим ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога. Наградата за млада актерка ја доби Матеа Јанковска за Роња во „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци од Скопје.
Со свечената вечер со наградените на финалето на „Черондрински“ и со изведбата на „Последниот балкански вампир“ на Дејан Дуковски и Александар Поповски, на Српското народно позориште од Нови Сад, се спушти завесата на годинешниот МТФ „Војдан Чернодрински“, со најава за нова свежина и афирмација на македонската драма вгодина.