Култура
Ова се добитниците на наградите на фестивалот „Војдан Чернодрински“
Со врачувањето на наградите во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, синоќа заврши 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Аплаузи, воздишки, силни пораки за изградба на нов театар и реновирање на зградата на постоечкиот што е затворен, но и за одличната организација на фестивалот чиј квалитет кој од година в година расте.
„Прилеп е град театар, Прилеп е местото на фестивалот, Прилеп е фестивалот. Прилеп треба да има театар, тоа повеќе не е ниту прашање ниту тврдење, туку насушна потреба“, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот и селектор на програмата на затворањето на фестивалот.
„59. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп од вечерва оди во нашата колективна меморија. Го затвораме со едно чувство на мир и исполнетост на сите зададени цели и визии, како може покрај сите предизвици да се смееме и осмелиме на сето тоа во и околу нас. Ова е фестивал на сите театри во Македонија и дека заслужува да биде третиран како таков. Ова е местото што ги спојува сите идеи, креативни процеси, конструктивни дијалози, ова е платформата на заедничкото театарско живеење. За жал, сѐ уште не сме дојдени до реализација на таа идеја – сите да работиме за уште поуспешен фестивал“, рече Стојаноска.
Таа се заблагодари на публиката за секој знак поддршка, за секоја посетена претстава, за секој осведочен настан на нашиот фестивал, на својот тим, на Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, сите пријатели на фестивалот, сите медиуми што нѐ поддржаа, новинарките што ревносно ги следеа сите настани, домаќините на фестивалот, актерите и театарските креативци од Прилеп што се секогаш наша поддршка.
„Мојот најсилен аплауз е за овие млади луѓе во црвени маички што осум дена го шаренееја Прилеп и ни помагаа на сите нас. Драги волонтери, вие го правите нашиот фестивал најубавото место за дружење. Мојата листа со прекрасни нешта за крај: Прилеп наутро додека се буди градот, волонтерите на сите страни, смеата на тимот и сите осмелувања и решавања на предизвиците, прекорот кај оние што треба да ни кажат какви сме, радоста во очите на дечињата на детска зона, прегратките меѓу нас, благодарната публика, отвореноста да создаваме уште повеќе. Се гледаме на 60. јубилејно издание!“, рече Стојаноска.
Големи аплаузи им посвети публиката на волонтерите, кои се многу важна нишка за да имаме подобар фестивал. Поголемиот дел од лауреатите пристигнаа синоќа во Прилеп за лично да ги подигнат своите награди. Меѓународното жири, составено од Лилија Абаџиева, претседател, Иван Меденица и Нела Оташевиќ ги одбра наградите. Абаџиеца и Меденица ги читаа наградите на македонски јазик.
Награда за кореографија и сценски движења ја доби Васил Зафирчев за „Рацин“.
„Необично сум возбуден поради големата чест за ова награда, а второ, среќен сум што ја примам на 13 јуни, 82 години од погибијата на Рацин. Како велешанец, за мене тоа е големо. За вербата на оваа визија им благодарам на Дејан Пројковски и Сашо Димоски, се разбира, и на публиката“.
Наградата за најдобар рекламен материјал ја доби Медина Хоџа за „Слепци“ и рече дека истата е поттик за младите уметници.
Музичарот Сашко Костов награден за најдобра музика во „Рацин“, рече:
„На 13 јуни беше убиен Рацин и на оваа дата тој воскресна го Прилеп. Ова е моја прва награда по 14 год во Велешкиот театар. Голема благодарност до колешката Орхидеја Дукова за наградата. Извини што бев напорен и строг додека работевме. Им благодарам на мојата сопруга и на мојот син Олег за поддршката, зашто во последните 3 години не сум прибран дома“.
Валентин Светозарев примајќи ја наградата за најдобра сценографија, рече:
„Мојата професија е архитект. Може никогаш не направив куќа со високи шимшир порти, ама по некоја сценографија направив“.
Актерот Атанас Атанасовски во негов дух рече дека пред 10 години ја добил наградата за млад актер и дека овој гест на жирито значи дека не старее.
Слаѓана Вујошевиќ, примајќи ја наградата за најдобра млада актерка, упати силна порака до прилепчани.
„Пред 10 години Турскиот театар немаше своја зграда, односно, во тој момент ја изгуби. 10 години подоцна уште ја нема, но има еден ансамбл со големо срце истрајност и гордо изјавувам дека сум дел од тој колектив кој храбро не престанува да твори во секакви услови. Ова е награда за мојот колеги без кои оваа награда немаше да се случи, Прилепчани, не давајте се, бидејќи уметноста ќе победи“.
Оливер Митковски ја прими наградата за најдобра епизодна машка улога.
„Речиси секоја година доаѓам во Прилеп и се чувствувам релевантен да кажам дека од година в година се подобрува нивото на фестивалот. И се надевам дека Прилеп конечно ќе добие зграда во која ќе може да ужива публиката“, рече Митковски.
Актерката Марија Минчева Андонов од Народниот театар од Штип, наградена за главна женска улога, истакна дека ù е чест што ја добива оваа награда.
„Голема благодарност со режисерката Нела Витошевиќ и до Ана Ристоска Трпеноска, до жирито и, секако, до публиката што дише со нас. Оваа награда е доказ дека театарот сè уште има моќ да лекува и дека има прекрасни нешта за кои вреде да се живее“.
На публиката ѝ се заблагодари и Мартин Мирчевски, кој беше награден за улогата на Доне Совичанов во претставата „Црно семе“ на Битолскиот театар.
Примајќи ја наградата за најдобра режија, Ќендрим Ријани истакна дека фестивалот во секоја наредна година станува сè подобро организирам, ама во полоши услови.
„Убаво е што жирито е странско. Наградата му ја посветувам на ансамблот на Турскиот театар. Ова е колективна режија и тие ја заслужуваат повеќе од мене. Ние уметниците понекогаш можеме да правиме нешто добро и без пари, но театарска зграда не може да се направи без ништо. Се надевам дека тие што треба, ќе дадат пари за нова зграда“, истакна Ријани.
И Никола Кимовски, директорот на МНТ, го пофали квалитетот на фестивалот.
„Им благодарам на сите учесници од организацијата на фестивалот. МНТ годинава одбележува 80 години постоење и ова е петта награда што ја добиваме за половина година. Му ја посветувам наградата на целиот ансамбл“.
И режисерот Синиша Евтимов им се заблагодари на актерите во претставата и на својата фамилија.
„Животот кој го создава актерскиот ансамбл на 12 е како филмска сцена во еден кадар – во овој театарски „one shot“ актерите постигнуваат совршена органика, и во партнерството, и во градењето на ликот преку перипетиите на сижето. Секој од овие актери, коишто на различен начин се дел од историјата на современиот македонски театар, сјae со својата посебна автентичност како исклучително актерско присуство“, рече во своето обраќање Евтимов.
Наградата за костимографија ја доби Самка Гери за „Ричард Трети“ на Албанскиот театар. Наградата за најдобра споредна женска улога ја доби Маја Љутков за „Пар-распар“ на Театар Комедија. Наградата за современа сценска драматизација и адаптација ја доби Јелена Цветановска за „Црно семе“. Награда за современ драмски текст со мнозинство на гласови ја доби Ана Ристоска Трпеноска за текстот „Парови“ во претставата „Парови“ во изведба на Драмски театар – Скопје.
Во чест на наградите, Театар Комедија ја изведе претставата „Вистината 2“ во режија на Владимир Јурц.
Покровители на 59. издание на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп. И оваа година фестивалот има предзнак екофестивал и има соработка со „Пакомак“. Спонзори се: Витаминка, Прилепска пивара и „Diners Club International“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

