Македонија
Дезинформациите привлекуваат кликови, но фактите градат доверба
Поминавме долг пат од економијата на пари, преку економијата на информации, потоа до економијата на внимание, па се до економијата на емоции. Денес имаме економија на доверба. Клучната промена е што повеќе не прашуваме ‘Дали е вистина?’, туку ‘Дали му верувам на изворот?’ — прашање што бара да градиме критичко размислување, дигитална писменост, комуникација, соработка, емпатија и сочувство. Со овие зборови медиумската експертка од Романија, Јоана Авадани, ја отвори работилницата „Фактс Контент Лаб“ во Подгорица, кој се одржува во рамките на кампањата за медиумска писменост на DG ENEST WeBalkans – „Фактите на прво место“.
Pаботилницата претставуваше ретка можност за новинари, инфлуенсери, факт-чекери и креатори на содржини од целиот Западен Балкан да се соберат и да ги споделат своите локални перспективи за дезинформациите. Тие дискутираа за влијанието на овој феномен врз секојдневниот живот во регионот и ја истакнаа важноста на точноста на информациите кои треба да се базираат на факти, на критичкото размислување и информираното граѓанско учество.
„Дезинформацијата не е само ширење на невистини, туку контрола на јавниот дискурс и поткопување на демократските вредности. Спротивставувањето на дезинформациите ја штити демократијата, го поттикнува информираното донесување одлуки и води кон посилни, медиумски писмени општества,“ рече Ралука Костаке, тим лидер на програмата WeBalkans и додаде: „Преку кампањата „Фактите на прво место“ нагласуваме дека создавањето конфузија е поволно за ширење на дезинформации, додека пак фактите носат јасност. Перспектива за пристапувањето кон ЕУ заснована на факти им овозможува на граѓаните на Западен Балкан критички да ја проценуваат информацијата и да ги отфрлаат лажните наративи.“
Главен фокус на работилницата беше разобличување на вообичаените заблуди за пристапувањето кон ЕУ. Учесниците дискутираа како креаторите на содржини, особено новинарите, можат да ги разоткријат лажните наративи и да и понудат на публиката од ЕУ и Западен Балкан појасно разбирање на процесот на пристапување кон Европската Унија.
Еден од најинтересните сегменти беше проекцијата на „иднина на вистината“. Учесниците размислуваа што би можело да влијае врз вистината во 2040 година. Вести генерирани со помош на вештачка интелигенција беа препознаени и како предизвик и како призма преку која повторно се афирмира улогата на човекот. Заклучокот беше јасен: вештачката интелигенција може да помогне, но човечката емпатија ќе води — затоа што луѓето секогаш ќе имаат потреба од луѓе.
„Кога известувате и се обидувате да ги проверите изворите и тврдењата, станувате свесни не само за брзината со која се шират дезинформациите, туку и за нивната масовност во јавниот дискурс — и колку длабоко го обликуваат јавното мислење. Нашата задача не е само да ги коригираме невистините, туку и повторно да ја освоиме довербата на луѓето, буква по буква, приказна по приказна,“ рече новинарот Дејан Шајиновиќ од „Независне новине“.
Учесниците на настанот истражуваа нови и ефективни начини за спротивставување на дезинформациите. Работејќи во динамични тимови, тие развија креативна мултимедијална содржина дизајнирана да влијае врз публиката и да промовира кредибилни извори кои својата работа ја базираат на факти.
„Како инфлуенсерка, верувам дека најважно е да останам верна на тоа која сум во вистинскиот живот. Не сум само личност што зборува за книги — ја користам својата платформа за да ги споделам своите вистински ставови и да придонесам за значајни разговори во албанското општество, секогаш проверувајќи ги изворите и фактите. Како и со рецензиите на книги — не можете да зборувате за книга кажувајќи сосема друга приказна. На социјалните мрежи искреноста треба да биде вашата цел ако сакате да изградите долгорочна врска со публика што навистина ви верува,“ рече Џорџина Роци, инфлуенсерка.
Покрај дезинформациите генерирани со помош на вештачка интелигенција, учесниците анализираа и техники на убедување, пристрасно известување и тешко воочливо рекламирање, кои сè повеќе ја замаглуваат границата меѓу информација и манипулација.
Во овој контекст, беше нагласена важноста на проверката на факти како процес кој не е само лов на лажни тврдења—туку начин да се успори сензационализмот во јавниот простор за да има време да се увиди вистината. Во морето од вирални содржини, улогата на факт-чекерите е повторно да го стават фокусот на доказите.
Исто така, работилницата ја потенцираше потребата од создавање подобри услови за зајакнување на независна и професионална медиумска средина. Преку поддршка на интегритетот на медиумите, иницијативите за проверка на факти и медиумската независност, ЕУ има за цел да ја зајакне довербата на граѓаните во кредибилното новинарство низ Западен Балкан.
„Борбата против дезинформации не претставува само презентирање на факти — туку повторна изградба на доверба. Луѓето треба да веруваат не само во точноста на информацијата, туку и во интегритетот на оние што ја споделуваат. Довербата е мостот меѓу вистината и разбирањето, а без доверба, фактите можат да бидат занемарени,“ рече Авадани.
Тридневната интензивна работилница резултираше со содржини подготвени за објава: видеа, статии и приказни за социјалните мрежи кои не само што ги отсликуваат ставовите на новинарите, инфлуенсерите, факт-чекерите и креаторите на содржини за темата дезинформации, туку и начинот на кој тие би комуницирале за оваа тема со својата публика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

