Топ
(Видео) Филипче: Македонија не смее да остане жртва на странски дестабилизациски операции
Претседателот на СДСМ и претседавач со Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, на денешната седница на која се презентираше Програмата и приоритетите на Данското претседателство со Советот на Европската унија, се осврна на безбедносните предизвици со кои се соочува Македонија, а поврзани со странски влијанија и дезинформациски кампањи.
Филипче побара од амбасадорката на Кралството Данска, Перниле Деилер Кардел, сериозно да се земе предвид делот од Извештајот на Европскиот парламент, каде што стои дека Северна Македонија останува предмет на непријателски операции на странско влијание.
„Би сакал данската амбасадорка да каже дали ова го земаат предвид и дали се анализира овој дел од Извештајот, кога се зборува за зајакнување на безбедносната политика. Тоа дека Северна Македонија останува предмет на непријателски операции на странско влијание, вклучително напори за поделба на општественото ткиво на земјата и искористување на антиевропските чувства, особено преку таблоидите и медиумите на српски јазик кои функционираат како регионални засилувачи на наративите на Кремљ и уживаат значително влијание“, рече Филипче.
Во обраќањето на Советот, Филипче го нагласи значењето на двата клучни приоритета на данското претседателство – безбедна Европа и конкурентна зелена Европа, посочувајќи дека тоа е од исклучителна важност во актуелниот геополитички контекст.
„Уверен сум дека Данска ќе работи силно на решителна Европска унија, која презема одговорност за сопствената безбедност и зајакнување на конкретности. Двата главни приоритети се многу важни во денешниот геополитички контекст, тоа е безбедна Европа и конкурентна зелена Европа. Искрено се надевам дека и ние како зелен кандидат за членството во Европската унија ќе го најдеме своето место во поставувањето на данските приоритети на данското претседателство, безбедна и конкурентна зелена Европа“, рече Филипче.
Тој ја потенцираше и важноста на политичките договори што се направени во минатото, кои, како што кажа, не се само договори коишто решаваат политички проблеми.
„Имено, во Преспанскиот договор има еден сериозен дел кој укажува на развој на потенцијално партнерство со Република Грција во делот на обновливите извори на енергија, и тоа е нешто што во овој контекст Европа, сметам, треба да го има на ум и да го вгради во сопствената стратегија. Вака како што го именувала и Данска – конкурентна зелена Европа, но особено имајќи ја предвид потребата Европа да стане што понезависна од руските извори на енергенси, нешто што се покажа како многу кризно прашање во изминатиот период“, истакна Филипче.
Во однос на безбедноста, тој ја поздрави одлуката на ЕУ за зголемување на инвестициите во воената индустрија и градење на автономна безбедносна политика, независна од трети актери. Во обраќањето на Советот, Филипче стави акцент и на проширувањето на Европската унија, кое, според извештајот на данското претседателство, добива нова тежина, особено со вклучувањето на земјите од Западен Балкан, Молдавија и Украина во заедничката безбедносна политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украинците нападнаа уште една рафинерија во Русија
Нафтена рафинерија во рускиот град Славјанск на Кубан во Краснодарската област беше потресена од силни експлозии синоќа. Се верува дека украинските сили ја нападнале со беспилотни летала. Речиси истовремено, непосредно пред полноќ, беше пријавен и напад со беспилотни летала во Саратовската област, објавува „Киев Индепендент“.
Славјанск на Кубан се наоѓа во јужна Русија, недалеку од Азовското и Црното Море, додека Саратовската област во својата најблиска точка е на околу 330 километри од североисточната украинска граница. Киев сè уште не ги коментирал нападите, а информациите сè уште не се независно потврдени.
Украина редовно извршува напади врз руската воена и енергетска инфраструктура со цел да ја ослабне борбената моќ на Москва во тековната војна. Бидејќи рускиот енергетски сектор директно ги финансира воените напори на Кремљ, Киев ги смета енергетските објекти за легитимни воени цели.
Овие напади следат по големиот напад на украинските сили врз руските воени и нафтени објекти на 14 декември, погодувајќи цели низ Русија и на окупираните територии, вклучувајќи го и Крим, како што објави Генералштабот на Украина. Само два дена претходно, на 12 декември, беше потврден и нападот врз рафинеријата „Славнефт-Јанос“ во Јарослављ, една од петте најголеми во Русија.
Во меѓувреме, гувернерот на Белгородската област, Вјачеслав Гладков, на 14 декември тврдеше дека украинскиот ракетен напад врз градот Белгород предизвикал „сериозна штета“ на локалната инфраструктура.
Македонија
(Видео) Филипче го соопшти новото раководство на партијата: СДСМ има нов тим, нова сила – нова енергија!
Претседателот на Социјалдемократкиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, по завршувањето на вчерашната седницата на Централниот одбор на СДСМ го соопшти новото раководство на партијата. На прес-конференцијата, Филипче посочи дека новиот тим влегува во храбра и многу одлучна борба со „ненародната, корумпирана и криминогена власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН“.
Во продолжение е интегралната изјава на Филипче:
„На седницата на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се избра новото раководство. Нови партиски потпретседатели се доктор Александар Трајановски и пратеничката Јована Тренчевска. Членови на Извршниот одбор се луѓе коишто се еден дел искусни, еден дел млади, одлична спојка. Искусните ќе го пренесат своето знаење и искуство на помладите. Секретарските позиции ги задржаа актуелниот генерален секретар и еден од досегашните организациските секретари. Ова е тим кој влегува во храбра и многу одлучна борба со оваа ненародна и криминогена и корумпирана власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН. И не сме сами, на денешниот состанок се продискутираа многу аспекти, ја шириме нашата платформа, повикуваме многу граѓански организации, независни поединци, интелектуалци. Го формиравме и Советот на партијата кој ќе има улога да привлекува слободоумни луѓе коишто ги делат нашите вредносни политики, поради тоа што нашиот фронт којшто го објавуваме вечерва постепено и сигурно ќе расте, затоа што ние се подготвуваме власта да ја вратиме во рацете на граѓаните. Во рамките на тимот еден од најновите делови на целокупниот тим е Антикорупцискиот тим, составен од млади луѓе, истражувачи, но искусни луѓе коишто ги консултираме за активностите, кои се занимаваат со разоткривање на корумпираните шеми на актуелната власт. И вечерва цврсто и одлучно кажуваме, дека ние сме тие коишто ќе стават крај на политиката на изолација на државата од Европа. Ние сме тие коишто ќе ставиме крај на корупцијата и криминалот на оваа власт. Ние сме тие коишто ќе ставиме крај на предавството на безбедноста и националните интереси на нашата земја преку проектот мигранти за пари. Ние ја враќаме власта во рацете на граѓаните“.
Македонија
МВР: Шалтер за „Безбеден град“, граѓаните од утре ќе можат да ги променат контакт-податоците
Од Министерството за внатрешни работи известуваат дека граѓаните од утре (17.12.2025), на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
„Истото, ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Исто така, граѓаните по електронска пошта на [email protected] ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните“, соопшти МВР.

