Свет
Пеколни температури во Италија: има жртви, африканскиот систем Камила гори
Во рок од 24 часа во понеделникот и вторникот пет лица загинаа на плажите во Саленто, крајбрежната област на Јадранското Море на југот од регионот Апулија во Италија.
Сомнежите се дека смртните случаи се поврзани со високите летни температури, кои, според извештаите на медиумите, ќе се искачат на над 40 Целзиусови степени во регионот оваа недела.
Во вторникот двајца туристи ги загубија животите. Околу пладне маж во шеесеттите години починал додека пливал во морето во Торе дел’Орсо, дел од крајбрежниот одморалиште Мелендуњо. Други пливачи го забележале неговото неподвижно тело во водата и ги известиле спасувачите. И покрај брзото пристигнување на болничарите и итните обиди за реанимација, човекот не можел да се спаси.
Недолго пред тоа сличен инцидент се случил во Торе Инсералјо. Осумдесет и двегодишен маж, кој бил на одмор, доживеал срцев удар на плажата на одморалиштето. И тука пливачите, спасувачите и медицинскиот персонал реагирале веднаш, но без успех. Карабинерите и крајбрежната стража почнале истрага; телото ѝ било дадено на сопругата.
Уште три смртни случаи веќе се случија во понеделникот: 79-годишен маж почина на плажа во туристичкото одморалиште Порто Чезарео; 66-годишен бизнисмен од градот Остуни почина на својот брод. Претходно, 19-годишна девојка од Молдавија, која беше на одмор со своите родители во Италија, го загуби животот.
Целиот јужен дел од Италија во моментот е погоден од топлотен бран, кој се очекува да продолжи и во наредните денови, што предизвикува загриженост за можни понатамошни топлотни вонредни состојби. Африканскиот систем со висок притисок, кој метеоролозите го нарекуваат Камила, носи температури до 42 или дури 45 Целзиусови степени во јужна Италија.
Екстремно високи температури се очекуваат на Сицилија до сабота. Максимални температури над 40 Целзиусови степени се очекуваат и во Апулија, Базиликати и во Калабрија.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.
Свет
(Видео) Извлечени 51 лице заглавени на жичница на планината Улудаг во Турција
Технички дефект на жичницата на планината Улудаг, во близина на северозападниот турски град Бурса, предизвика блокирање на 51 лице кои во тој момент се превезувале, јави државната телевизија ТРТ Хабер.
Инцидентот се случил околу 11 часот по локално време во областа Османгази, каде што се наоѓаат голем број хотели и капацитети за зимски туризам. Поради дефектот, десетици луѓе останаа заглавени во кабините на неколку метри над земјата.
Веднаш по добивањето на сигналот на бројот за итни случаи 112, на терен биле испратени 96 спасувачи од жандармеријата, медицински екипи, пожарникари и претставници на Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД). Како поддршка беа ангажирани и тимови од соседниот округ Сакарија.
Uludağ’da arızalanan telesiyejdeki 51 kişi kurtarıldı. https://t.co/WE42RAdUjO pic.twitter.com/ivqJba0cg0
— TRT HABER (@trthaber) January 31, 2026
По координирана акција, сите 51 патник се безбедно евакуирани. Министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја, упати честитки до спасувачките тимови за нивната пожртвуваност.
Надлежните органи веќе започнаа истрага за причините за инцидентот. Жичницата во Бурса, отворена во 1963 година и целосно обновена во 2015 година, со своите девет километри е една од најдолгите во светот и е исклучително популарна за еднодневен туризам во текот на целата година.

