Македонија
Ангелов: До 13:30 часот се евидентирани 16 пожари на отворен простор
До 13:30 часот на 27 јули 2025 година, на територијата на државата се евидентирани вкупно 16 пожари на отворен простор, од кои осум се активни, шест се ставени под контрола и два се целосно изгаснати.
Како што информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов најтежок е пожарот на Планината Готен.
-Најсериозен и најкомплексен пожар со кој се соочуваме моментално е оној на планината Готен, која се наоѓа помеѓу општините Радовиш, Василево и Берово, изјави тој на прес-конференција.
Рече дека од страна на Радовиш, пожарот има развиен голем крак, кој од утрово е видлив и од патот Струмица–Радовиш, предизвикувајќи загриженост кај локалното население.
Додаде дека пожарот се шири во насока на населени места, а во текот на денешниот ден се очекува потенцијално приближување до селото Јаргулица, во зависност од насоката на ветрот.
Ангажирани се два хеликоптери на МВР: тип Bell 412 и Bell 212, и тие се активни од раните утрински часови до попладне.
Седум Пинцгауери на Дирекцијата за заштита и спасување, три „Хирмелини“ и 2 БТР-и, со планирано засилување во текот на денот, 50 припадници на Армијата се на терен од утрово. Има и пожарникарски единици од Радовиш, делумно од Струмица и околните општини како и Доброволци од селата, организирани ловци и месно население, чија примарна задача е одбрана на селата и имотите, во случај на проширување на пожарот.
Ангелов оцени дека сите сили и ресурси се ангажирани во борбата со огнот на планината Готен, кој моментално е најактивниот и најризичен пожар во државата. Истакна дела подготвени се дополнителни единици и средства за евентуално пресретнување на пожарот во насока на населени места.
-Со оглед на неповолните временски услови, и ограничената веројатност за врнежи, состојбата и понатаму се смета за критична и бара максимална мобилизација. Во моментов, на територијата на државата се води широка и интензивна борба со активни пожари на повеќе локации. Ангажирани се сите расположливи сили – пожарникари, припадници на Армијата, хеликоптери, теренски возила, доброволци – сите вложуваат натчовечки напори. Свесни сме дека за многу граѓани ова е ново, а за некои – за жал – веќе видено, но одамна заборавено искуство. Разбираме дека чувството на несигурност, страв и загриженост се сосема природни, особено кога огнот се приближува до домовите, изјави Ангелов.
Но, во овие моменти, додаде, најважно е сите заеднички, со трпение и разбирање, да се справиме со предизвикот.
Апелира до сите граѓани да се придржуваат кон упатствата на службите на терен, да не создаваат непотребна паника или притисок, да покажат трпение, дисциплина и доверба во надлежните и каде што можат и е безбедно – да помогнат или се приклучат на доброволни тимови.
Соопшти дека како дел од активната борба со пожарите низ државата, и натаму се водат интензивни теренски активности на повеќе критични точки.
Тоа се пожарите на планината Готен (општини Берово, Василево, Радовиш) каде пожарот се заканува да се прошири кон поквалитетна шума, што дополнително ја влошува ситуацијата.
На терен дејствуваат 40 припадници на Армијата, локални пожарникари од Берово, екипи од „Национални шуми“, на лице место се наоѓа заменик-директорот на „Национални шуми“, Кире Михаилов, кој ја координира акцијата, а има и поддршка од градоначалникот на Радовиш.
Во однос на пожарот кај село Косевица (Општина Македонска Каменица) се ангажирани локална противпожарна единица, јавно комунално претпријатие, доброволно противпожарно друштво и околу 30 припадници од месното население.
Засега пожарот е под контрола, но условите остануваат променливи.
Пожарот кај с. Неров (Крива Паланка, близу српската граница) кој избил вчера попладне, во близина на граничната линија активирани се два ертрактори, со по еден налет секој, еден „хермелин“, 20 припадници на Армијата се веќе на терен, а дополнителни 30 припадници се испратени поради влошување на состојбата.
Пожарот меѓу селата Црешево, Локвици и Крапа (Општина Македонски Брод) е активен повеќе од 10 дена, со екстремно тежок терен за гаснење. Досега се употребени ертрактори и хеликоптери, со ограничен ефект.
Ангелов рече дека непристапност на теренот во некои делови го оневозможува делувањето на сили од копно и дека има делумно ангажирање на локални пожарникари и вработени од „Национални шуми“
Ангелов истакна дека поради влошената и исклучително сериозна состојба со шумските пожари на територијата на државата, денеска бил активиран и Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија.
-Оваа постапка е превентивна, со цел да испитаме дали постои можност некоја од државите-членки на ЕУ да ни понуди поддршка, особено во воздухопловни капацитети, бидејќи сили на терен (од земја) засега има доволно, истакна тој.
Меѓутоа, нагласи дела сите сили се веќе силно ангажирани и физички истрошени. Пожарите траат со денови, и секојдневната борба со огнот бара огромна физичка и психолошка сила. Возачите на специјалните возила, пожарникарите, припадниците на Армијата и сите доброволци се веќе на работ на издржливост, но продолжуваат со максимална пожртвуваност, за што заслужуваат целосна благодарност од целото општество.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вонреден надзор на Гинекологија по смртта на новороденче
Министерството за здравство нареди вонреден надзор по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство и изрази сочувство до родителите.
„Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот Азир Алиу иницираше вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе следи и стручен надзор. Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со инспекторатот ќе постапат професионално, стручно и транспарентно, со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект“, велат од Министерството.
Од таму велат дека во овие тешки моменти за семејството, замолуваат да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход, со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
„Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивање на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Министерството.
Ваквото соопштение доаѓа по веста дека на ГАК на 1 октомври починало новороденче.
Македонија
СДСМ: Мицкоски побегна од резолуцијата, дури во Брисел
Денес, кога Собранието треба да одлучува и кога опозицијата требаше да му поставува прашања на премиерот Христијан Мицкоски, тој наеднаш избега во Брисел, обвинија од СДСМ.
„Ја остави Резолуцијата на СДСМ непотпишана а контра Резолуцијата остави да ја туркаат неговите послушници од ДПМНЕ и ЗНАМ. Оние што верно го следат предавството на својот претседател и оние што ЗНААТ дека ја предале Македонија за пари. Толку за „храбриот“ Христијан Мицкоски. Не смее да одговара на прашањата на опозицијата, затоа што вистината не може да ја погледне во очи“, велат од опозицијата.
Македонија
Стојаноски: Лагите на СДС се разоткриени, резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја гарантира безбедноста во државата
Во изминатиот период бевме сведоци на тоа како СДС сака да внесе несигурност и вознемиреност во јавноста преку ширење на лажни информации, свесни манипулации и дезинформации, кои беа интензивно и гласно пласирани во јавниот простор, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Венко Филипче, продолжуваат по стапките на нивниот ментор Зоран Заев. Секојдневно, гледаме иста реторика, исти методи и исти манипулативни наративи. Ова СДС не го прави случајно, туку е свесна стратегија, поради тоа што нема што ново да понуди. Ваквата кампања на опозициската СДС, која инаку повеќе се одликува со квантитет директно го нарушува мирот на граѓаните, а е и во спротивност со Кривичниот законик, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, како и со Законот за спречување и заштита од дискриминација“, рече тој.
Токму затоа, додава Стојаноски, преку Резолуцијата поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието, јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада предводена од Зоран Заев поврзани со кампови за мигранти.
„Јасно ја потврдуваме определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право. Со оваа Резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои СДС се обиде да ги наметне во јавниот дискурс, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. За секое следно ширење на паника, лажни вести и манипулација на народот, кривично ќе се одговара“, рече тој.

