Свет
(Видео) Неидентификуван дрон влезе во воздушниот простор на Литванија
Неидентификуван дрон влезе во литванскиот воздушен простор утрово, најверојатно од правец на Белорусија, објави литванската јавна телевизија ЛРТ.
„Според добиените извештаи, дронот е забележан на висина од речиси 200 метри и последен пат е виден во близина на Вилнус. Не е јасно за каков дрон станува збор, ќе ги ажурираме информациите“, изјави Дариус Бута, претставник на литванскиот Национален центар за управување со кризи.
🇱🇹 UAV from Belarus has again flown into Lithuania, spotted near the capital Vilnius, — LRT. pic.twitter.com/LE5CjMIFSz
— MAKS 25 🇺🇦👀 (@Maks_NAFO_FELLA) July 28, 2025
Литванските власти објавија дека сите надлежни служби работат на лоцирање на можното место на кое се урна дронот и ги предупредија жителите да не се приближуваат кон дронот под никакви околности.
„Денес, времето е поволно за метеоролошки балони, кои шверцерите ги користат за транспорт на својата стока. Сè уште не можеме да прецизираме за каков вид предмет или предмети станува збор“, нагласи литванскиот министер за одбрана, Довиле Сакалиене.
Министерот исто така истакна дека претстојните воени вежби во Белорусија ја зголемуваат веројатноста за инциденти, дури и ненамерни. Во вежбите „Запад 2025“, кои се очекуваат кон средината на септември, ќе учествуваат приближно 13.000 војници и се меѓу најголемите заеднички вежби организирани од Русија и од Белорусија.
Белорусија, според написите во медиумите, е важен сојузник на Русија за време на војната во Украина. Руските сили ја користеа белоруската територија како појдовна точка за инвазија. Украинската разузнавачка агенција неодамна предупреди дека Минск ги засили своите хибридни операции со насочување на нелегални мигранти кон границите на Европската Унија.
Руски беспилотни летала залутаа на територијата на Полска, Молдавија и Романија за време на претходните напади врз Украина. Покрај тоа, руски беспилотен авион со бојна глава се урна во Латвија во септември минатата година, пишуваат медиумите.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Либанците да останат во својата земја, повика папата Лав Четиринаесетти
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти денеска ги повика Либанците да „останат“ во својата земја, каде што економскиот колапс ја засили масовната емиграција, и повика на „помирување“ за надминување на длабоките поделби во Либан.
Папата, кој дојде во Бејрут од Турција, донесе порака за мир во Либан, земја која стравува од враќање на отворениот конфликт со Израел.
Во говорот во претседателската палата кратко по неговото пристигнување, папата ја нагласи потребата да се работи за „мир“ без да ги спомне регионалните тензии или неодамнешните израелски бомбардирања.
Тој, исто така, ја нагласи потребата властите и институциите да препознаат дека „општото добро е поголемо од доброто на која било група“ и ја повика владејачката класа да „му служи на народот со посветеност и преданост“.
Свет
Зеленски: Ова се важни денови за Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски објави дека денеска разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Разговарав со Марк Руте и ќе разговараме повторно во наредните денови. Ова се важни денови и многу работи можат да се променат. Тесно се координираме и во нашите активности и во активностите на сите партнери, заедничките акции, заедничките позиции ќе бидат исклучително ефикасни. Ви благодарам за вашата поддршка“, напиша Зеленски на Телеграм.
Тој наведе дека телефонски разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Продолжуваме да бидеме во целосна координација со Европската комисија, благодарен сум за поддршката. Разговаравме за ситуацијата во дипломатијата и имаме заеднички став за клучните прашања. Исто така е важно што Урсула е многу внимателна кон потребата од зајакнување на нашата отпорност во услови на постојани руски напади врз инфраструктурата и енергијата. Ја ценам подготвеноста да ѝ се помогне на Украина!, напиша Зеленски.
Свет
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан во рамки на неговата прва турнеја во странство, објави ДПА.
Светиот Отец пристигна попладнево во либанскиот главен град Бејрут, по посетата на Турција.
Посетата на папата се смета за причина за надеж за мир и стабилност во земјата загрозена од воени конфликти и зафатена од кризи.
Тој ќе се сретне со либанските лидери, ќе посети христијански објекти и ќе одржи литургија. Околу 30 отсто од населението на Либан се христијани, додека мнозинството жители се муслимани.

