Свет
„Мораме да ги натераме да се плашат од нас“: Макрон за трговскиот договор меѓу САД и ЕУ
Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека Европската Унија не успеала да го искористи својот огромен единствен пазар и доволно да ги исплаши САД за да прифатат подобар договор од оној постигнат во неделата.
„Мораме да ги натераме да се плашат од нас“, им рече Макрон на министрите на денешниот состанок, изјави француски функционер близок до претседателот за „Политико“.
Макрон беше забележливо тивок откако американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, постигнаа договор, според кој ЕУ ќе плаќа царини од 15 проценти за поголемиот дел од својот извоз во САД, анализира медиумот.
Денес, тој го критикуваше договорот, но со многу поблаг тон од премиерот Франсоа Баиру, кој рече дека тоа е „црн ден за Европа“.
Денес, претседателот на Франција истакна дека верува оти сè уште има време договорот да се подобри и рече: „приказната не е завршена, нема да застанеме тука“.
Францускиот министер за трговија Лоран Сен Мартен и министерот за Европа, Бенџамин Хадад, ја повикаа Европската комисија да престане да го користи таканаречениот инструмент против принуда, алатка дизајнирана да одговори на економскиот притисок што му дава на Брисел моќ да го ограничи пристапот на американските компании до јавни набавки, странски директни инвестиции и финансиски пазари во ЕУ.
Брисел, пак, ги обвини сите критичари дека одлучиле да „играат квотербек“ кога сè беше договорено и тврди дека овој договор е најдобриот што можеле да го добијат и дека претставува значително подобрување во однос на царините од 30 проценти со кои се закани администрацијата на Трамп.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

