Македонија
Објавени конкурсите за стипендии, поддршка за 7.880 ученици и студенти, најави МОН

Министерството за образование и наука ги објави конкурсите за ученички и студентски стипендии за учебната и академската 2025/2026 година.
Најмногу стипендии се наменети за поддршка на учениците запишани во дуални паралелки во средно стручно образование – 1570. За учениците во стручните училишта кои посетуваат програми со тригодишно траење предвидени се 150 стипендии.
Министерството за образование и наука ќе додели и 300 стипендии за средношколци запишани на наставни програми од угостителство и туризам, шумарство и обработка на дрво, градежништво и геодезија, земјоделство-рибарство и ветеринарство, машинство, текстил и кожа, додека 180 стипендии ќе бидат поддршка за ученици со посебни потреби, а 50 за ученици – деца без родители.
За талентирани ученици се наменети 150 стипендии, исто толку и за талентирани ученици – спортисти, додека талентираните ученици од средното образование од областа на уметностите можат да конкурираат за 50 стипендии.
Министерството за образование и наука ќе додели и 900 стипендии за социјална поддршка на ученици од јавните средни училишта како и 1200 стипендии за ученици Роми запишани во јавните и приватните средни училишта.
И студентите можат да конкурираат за различни категории стипендии.
За студентите од социјални категории се наменети 1.470 стипендии. За студентите кои постигнале висок успех во текот на студиите, од научното подрачје на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките, медицинските, општествените и хуманистичките науки предвидени се 770 стипендии, а посебно за студентите по информатика 85 стипендии.
По 15 стипендии се доделуваат на студенти запишани на студиски програми по македонски јазик, македонска книжевност и јужнословенски книжевности, потоа на студенти на студиски програми по историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија, како и на студенти на студиски програми за преведување и толкување од македонски на албански јазик и обратно.
За студентите запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки кои постигнале просечен успех од првата до тековно запишаната студиска година најмалку 7.50 просечен успех предвидени се 500 стипендии.
Вкупно 130 стипендии ќе користат студентите кои постигнале просечен успех од првата до тековно запишаната студиска година од најмалку 7,00 просечен успех, а се запишани на студиски програми по хемија, физика и математика, односно успех 8,00 на студиски програми од областа на земјоделските, ветеринарните и шумарските науки.
За студентите на студиски програми за наставен кадар во предучилишно воспитание, основно и средно образование наменети се 30 стипендии за студенти кои се запишани во прва година. Министерството за образование и наука ќе додели вкупно 150 стипендии на редовни студенти Роми.
Сите конкурси се објавени на веб-страницата на Министерството за образование и наука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци

Од 19:45 часот на магистралниот пат Маврово – Дебар воведена е забрана за тешки товарни возила поради задржување на снег на коловоз, извести АМСМ.
Од 19.55 часот воведена е забрана за тешки товарни возила и за патниот правец Гостивар – Стража, додаваат од АМСМ.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре во Скопје

Од утре петок до сабота, во официјална посета на Р.С.Македонија ќе присуствува претседателот на Владата на Република Србија, Ѓуро Мацут.
Од тие причини Едницата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на подрачјето на град Скопје.
МВР апелира до граѓаните да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Судијата за врски на Франција за балканскиот регион во посета на Јавното обвинителство

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, на средба за претставување на новоназначениот судија за врски на Република Франција за регионот Сирил Лакомб.
Тој е еден од вкупно 20 судии за врски на Франција во светот, а од државниот обвинител Коцевски се информираше директно за состојбите во обвинителството. Притоа, судијата за врски Лакомб понуди поддршка со оперативна и техничка помош, но и експертиза преку француските правосудни органи.
Бидејќи и самиот бил јавен обвинител и лице за врски на Република Франција со Европравда, Лакомб се интересираше и за постапката за делегирање на обвинителот за врски на Република Северна Македонија во оваа меѓународна институција.
Јавниот обвинител Коцевски, од своја страна, изрази благодарност за континуираната француска поддршка за работата на Јавното обвинителство.