Топ
Убиство среде бел ден во Тетово, во пукањето повредени се четири лица меѓу кои и дете

Едно лице загина, а четворица се повредени, меѓу кои и малолетно девојче, во вооружена пресметка што денеска околу 12:30 часот се случила на крстосницата меѓу улиците „Илинденска“ и „Благоја Тоска“ во Тетово. Според првичните информации од Министерството за внатрешни работи, во инцидентот учествувале лица од две возила, при што дошло и до сообраќајна незгода, по што возилата го напуштиле местото на настанот.
„Едното возило се упатило кон улица ‘113’, додека другото заминало во непознат правец“, информираат од МВР. Очевидци изјавиле дека возилото што се упатило кон улица „113“ било „Форд Фиеста“ со тетовски регистарски таблички, кои од извршената проверка се утврдило дека се одјавени и припаѓаат на 19-годишен жител на село Гајре.
При преземените мерки, полицијата на крстосницата меѓу улиците „Благоја Тоска“ и „107“ пронашла патничко возило „Фолксваген Голф“ со тетовски регистарски таблички, сопственост на 46-годишен жител на Тетово. „Во возилото било пронајдено едно починато лице со прострелни рани од огнено оружје“, соопшти МВР.
Во престрелката биле повредени и малолетно девојче од Тетово, кое е задржано на опсервација во Клиничката болница во Тетово, двајца мажи на возраст од 34 и 46 години, кои со тешки повреди се пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, како и 60-годишен пешак, кој бил случаен минувач и е пренесен во истата здравствена установа.
„Формиран е тим со кој раководи дежурен јавен обвинител при ОЈО-Тетово, а увидната екипа од СВР Тетово врши комплетен увид. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, наведуваат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: СДСМ настапува со слоганот „се бориме за нашиот дом“, а заборавија дека до пред година дена управуваа со домот кому му ги уништија темелите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Битола во рамки на кампањата за локалните избори на 19 октомври која е под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина! се осврна на слоганот на опозициската СДСМ.
Мицкоски посочи дека е фино што на СДСМ им текна да излезат со таков слоган „се бориме за нашиот дом“, но заборавиле дека до пред година и некој месец тие управуваа со домот, односно Македонија и државата ја оставија не со нарушени, туку со уништени темели, вработени без исплатени плати, земјоделци без исплатени субвенции, пола милион граѓани со по 150 денари на ден, двоцифрена инфлација.
Претседателот истакна дека, од моментот на преземањето на одговорноста да ја води Владата, секој ден во владата доаѓаше по некој кој сведочеше за аванси, провизии кои му ги барале во време на власт на СДСМ, за да му завршат работа.
„СДСМ на овие избори настапуваат со слоганот „се бориме за нашиот дом“. И сè е тоа фино, ама забораваат дека пред година и три месеци тие управуваа со домот. И она што го затекнавме не беа нарушени туку уништени темели. Кога ќе се сетам дека првите одлуки кои ги донесов како премиер беа да враќаме плати кои тие не ги исплатиле и дека делевме субвенции кои тие со години не ги исплаќаа. Секој ден во владата ми доаѓаше по некој кој сведочеше за аванси, провизии кои му ги барале за да му завршат работа. Немаше темел кој не беше руиниран од домот кој тие ни го водеа. Се сеќавате дека 500 илјади наши сограѓани, поточно секој трет човек во државата живееше со 150 денари на ден. Дека имаше двоцифрена инфлација, дека го руинираа животниот стандард на чие кревање напорно и постепено работиме“, рече Мицкоски.
Од друга страна, додаде Мицкоски, ДУИ беа господарите кои одлучуваа за целата економија, за тендерите, купуваа трговски центри, бензински пумпи и што уште не.
„Се сеќавате ли на Артановци кога во државните канцеларии, онака, лаконски и мирно си играа фудбалче и даваа кошеви, додека народот страдаше за корка леб? Ете, така тие се грижеа за домот. Сега нивната борба е за враќање на ова време кое народот веќе еднаш го порази. Тоа време на народот не му носи ништо добро“, заклучи Мицкоски.
Македонија
(Видео) Петрушевски: СДС не може да има црвени линии, тоа е уште една лага како жицата од гитарата на Заев во која се колнеше

СДС не може да има црвени линии, тоа е уште една лага како жицата од гитарата на Заев во која се колнеше, кажа денеска на прес-конференција, Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Венко Филипче или имаат многу лош ПР или мислат дека народот заборава кои се тие. СДС се партијата чиј претходен претседател и ментор на Филипче, Заев, викаше како ако го смени името ќе му се скине жицата, го смени, а од жицата ништо. Сега и Филипче си најде своја жица, ја нарекува црвени линии, а всушност се бонбона бизнис за Бугарија, државата од каде со Заев вртат милиони, од адреси каде фирма има и тој самиот. Венко Филипче праќа порака до Бугарите дека е спремен на се, и тоа народот го гледа. Никој не очекува од СДС и Венко национална политика, сите знаеме што се крие зад тоа, затоа и ќе бидат казнети на овие избори со историски најслабиот резултат“, рече Петрушевски.
Македонија
(Видео) Николовски: 90% лаги на Орце, од 30 каптални ветувања нема остварено ниту едно

Кандидатот за советник во Град Скопје од СДСМ, Емил Николовски, денеска на прес-конференција го критикуваше кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, обвинувајќи го за „неисполнети ветувања“. Тој вели дека Кисела Вода станала симбол на застој и корупција.
„Орце ветуваше „Туристичко Драчево“, ревитализација на старата чаршија, уредување на пешачки зони и културна понуда за развој на домашен туризам. Но, четири години подоцна, населбата остана во запуштена состојба, без ниедна реконструирана фасада, без осветлување, без сигнализација, без туристичка понуда. Ѓорѓиевски ветуваше субвенции и проекти за изградба на зелени покриви на јавни и станбени објекти, како дел од борбата против загадувањето и урбаната топлинска изолација. Не само што не е имплементиран ниту еден зелен покрив, туку не постои ниту еден јавен повик. Една голема 0. Орце ветуваше велосипедски патеки, катни гаражи, базени, спортски сали – четири години само рендери и фотографии, ниту еден реален објект. Од 30 капитални ветувања во изборната програма, Орце нема испорачно ниту едно.“, истакна Николовски на прес-конференцијата.