Македонија
Лефков до Апасиев: Димче не е тоа што беше, го расипаа кешот и квадратите деловен простор
И Димче не е тоа што беше. Разбирам дека вистината боли, па затоа Апасиев наместо да одговори на фактите – бега во навреди, напиша на социјалните мрежи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, обраќајќи се до лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
Суштината е јасна, додава Лефков.
„Не може да си политичар кој јавно е против ЕУ, кој секојдневно зборува дека ‘глобалистите и амбасадите’ ја корумпираат македонската политика, да држиш анти ЕУ став, а истовремено твојата најблиска фамилија да користи европски пари од Еразмус програмите.
Јас сум член на Комисијата за европски прашања и цел претходен мандат активно се спротивставував на злоупотребите на СДСМ и ДУИ со европските фондови. Ама сега ми е јасно зошто еден цел мандат додека Таљо преку Арбер ја злоупотребуваше комисијата Димче го немаше на ниту една комисија-во тоа време активно си користеле ЕУ финансии по дома!
Денес по веста за ЕУ финансирањето, со цел да ме омаловажи, самопрогласениот Енвер Хоџа на интернет подземјето, ја мобилизираше својата троловска армија со лаги и клевети. Но вистината е една – разобличен е до даска.
И нема лутење јавноста има право да праша:
– Кој му го среди станот по цена што обичен граѓанин никогаш не може да ја добие?
– Кој му ги плаќа одморите низ Европа додека глуми анти-ЕУ револуционер?
– Кој друг, освен тој и Артан Груби, успеа да добие дуќан по таква цена во центар“, прашува Лефков.
Такви двојни стандарди, како што оценува, не се политика, туку како што вели, тоа е лицемерие на квадрат.
Не можеш, додава лефков, да ја плукаш Европа да кажуваш приказни за имеријалистички сили, а да живееш од европски пари.
„Не можеш да проповедаш морал, а да бидеш шеф на троловско подземје што фабрикува лаги за политички противници.
Разобличен си лажго кој нарачува најдолни клевети ама нема лутење, толку ти е силна желбата да ме наклеветиш што изгледаш очајно, порано беше по креативен, те расипаа квадратите деловен простор и кешот другар“, пишува Лефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.
Македонија
Минималната плата не го покрива ни основното преживување, велат од СДСМ
Од СДСМ порачаа дека платите на работниците мора да се зголемат веднаш, а не по најави и проекции за две или четири години, оценувајќи дека актуелната економска политика не одговара на реалните животни трошоци и секојдневните потреби на граѓаните.
„На работниците не им требаат изговори ниту најави за 2028 година. Платите треба да се покачат сега, затоа што парите не им стигаат од први до први“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека животниот стандард е сериозно загрозен, а минималната плата не обезбедува основна егзистенција.
Од партијата реагираат и на изјавите и настапите на премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали тој чекал две години кога купувал часовници во вредност од 65.000 евра, додека работниците се принудени да преживуваат со примања што не ги покриваат ниту основните трошоци.
Според последните податоци, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што, како што посочуваат од СДСМ, значи дека ниту две минимални плати не се доволни за покривање на основните потреби. Со сегашното ниво од околу 400 евра, минималната плата, според опозицијата, не обезбедува заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците во едно просечно домаќинство.
„Работниците буквално се борат за парче леб и не можат да чекаат до 2028 година“, велат од СДСМ, оценувајќи дека Македонија денес има најниска минимална плата не само во регионот, туку и во Европа.
Во реакцијата се споредуваат и состојбите во соседството. Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази, во Албанија од 1 јануари 2026 година минималната плата ќе изнесува 500 евра, во Србија со владина одлука е зголемена на 500 евра, додека во Црна Гора се движи од 600 до 800 евра.
СДСМ предупредува дека последиците од ниските плати веќе се видливи, со масовно заминување на квалификувани работници и млади луѓе во странство, додека во земјата се увезува работна сила. Според партијата, ваквите политики водат кон дополнително намалување на вредноста на трудот, доколку тоа, како што наведуваат, не е и свесна цел на актуелната власт.
Македонија
По реакции од граѓани, се чисти Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека денеска градот е целосно мобилизиран во сеопфатна и темелна акција за чистење на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кој секојдневно го посетуваат илјадници граѓани од сите делови на државата.
Според Ѓорѓиевски, во акцијата се вклучени сите јавни претпријатија на Град Скопје, а целта е уредување на, како што посочи, срцето на македонското здравство, по долгогодишна негрижа за овој исклучително важен комплекс. Акцијата, како што нагласи, е директен одговор на оправданите реакции и забелешки на граѓаните.
„Местото каде што се лекува народот мора да биде чисто, безбедно и достоинствено“, порача градоначалникот, додавајќи дека Клиничкиот центар заслужува уредена и пристојна околина.
Во рамки на акцијата се перат и чистат улиците и паркинзите, се сече и отстранува опасната и запуштена вегетација, се чистат сливниците, се метат сите јавни површини со специјализирани возила, како и се подига кабастиот и комуналниот отпад. Според најавите, секој дел од комплексот ќе биде уреден со цел Клиничкиот центар да добие лик соодветен на неговото значење.
Ѓорѓиевски потенцираше дека ова не е изолирана интервенција, туку почеток на континуирана грижа, најавувајќи дека ваквите акции ќе продолжат и во иднина со цел одржување на хигиената и безбедноста во најзначајните јавни простори во градот.

