Македонија
МОН: Почнува пријавувањето на наставниците за обуката за примена на вештачката интелигенција во наставата
Наставниците од средните училишта во државата можат да се пријават за напредна обука за примена на вештачката интелигенција во наставата. Доколку имаат основно ниво на познавања на дигитални алатки и активно го владеат англискиот јазик, можат да аплицираат за обуката „AI во училница“, што ќе им помогне да ја вклучат вештачката интелигенција во сите фази на наставата, од подготовката за час до оценувањето, соопшти МОН.
Министерството за образование и наука во соработка со групацијата Brainster го објави јавниот повик за учество во обуката, а пријавувањето трае до 12 септември, по што, до крајот на месецот ќе се изврши селекција и тестирање на кандидатите. Обуката почнува на 1-ви октомври.
Наставниците што ќе учествуваат во обуката ќе добијат бесплатен пристап до 8 различни курсеви секој месец, со најсовремена и практична содржина, а за нивно успешно совладување следат 8 дигитални сертификати месечно, како и печатен сертификат за успешно завршување на целосната програма. Предавачи ќе им бидат инструктори со меѓународно искуство, а Brainster Next факултетот ќе формира менторска група што ќе обезбеди индивидуализирана поддршка за наставниците.
Соработката на Министерството за образование и наука со групацијата Brainster во делот на обуките за користење на вештачката интелигенција во наставата следи по потпишувањето на Меморандумот за соработка, како реализација на институционалните заложби за воведување на вештачката интелигенција во националниот образовен систем, информираат од МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Фантастична предновогодишна вечер на Боемска, центарци со позитивна енергија влегуваат во 2026
Со предновогодишната забава „Вечер под ѕвездите“, општина Центар симболично ја заокружи 2025 година и посака добредојде на Новата година.
Боемска улица синоќа беше преполна со расположени и весели скопјани кои се препуштија на празничната атмосфера, подготвена специјално за нив.

Уште на самиот почеток, вештите акробати и жонглери во ритамот на диско музиката на ди-џеј Александар Јорданов ги воодушевија посетителите со своите трикови и мајсторски точки, известуваат од Општината

Вечерта кулминираше со настапите на „Brass Brothers“ и „Либеро бенд“, чија енергична изведба на популарните хитови ја разигра публиката, која, и покрај студеното време, остана насмеана и во добро расположение.
На присутните им се обрати и градоначалникот Горан Герасимовски, посакувајќи им здравје, среќа и весели моменти во следната година.

„Ова беше навистина фантастична забава! Ви посакувам и во 2026 година да ве следи оваа иста позитивна енергија која вечерва заедно ја споделивме“, порача Герасимовски.

Вечерта заврши со спектакуларен огномет, кој ја најави магијата на претстојните празници.
Македонија
Декемвриската пензија ќе се исплати навремено, на 2 јануари 2026 година, известува Фондот на ПИОМ
Фондот на ПИОМ ги известува сите корисници на пензија дека целосно се обезбедени потребните средства за исплата на пензиите за месец декември 2025 година.
„Како институција одговорна за исплата на пензиите и обезбедувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување и социјанта сигурност на пензионерите, Фондот навремено ги заврши сите подготовки за непречена реализација на исплатата на пензиите.
За оваа намена се обезбедени средства во вкупен износ од 9.289.521.686,00 денари (девет милијарди 289 милиони 521 илјади 686 денари) за вкупно 340.156 корисници на пензија. Поради тоа што 1-ви јануари е неработен ден (државен празник), средствата ќе бидат префрлени до деловните банки на 2 јануари 2026 година“, соопшти Фондот на ПИОМ.
„Известувањата со прецизните податоци за бројот на пензионери и соодветните износи Фондот на ПИОМ веќе ги достави до сите деловни банки, со што се гарантира дека процесот на исплатата ќе се одвива ефикасно и без доцнење“, се додава во соопштението.
Македонија
Какво ќе биде времето за дочекот на Новата година и 1 јануари
Времето утре ќе биде сончево и студено, со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен ветер, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец.
Во Скопје се очекува претежно сончево и студено време, со умерен северен ветер.

Прогноза за 1 јануари
Минималните температури ќе се движат од -12 до -2 степени, додека максималните ќе бидат од -1 до 7 степени Целзиусови. Времето ќе биде претежно сончево и студено, со слаб до умерен ветер од северозападен правец.

