Свет
Лазарини: Газа станува гробишта на меѓународното хуманитарно право
Директорот на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (UNRWA), Филип Лазарини, денес предупреди дека Појасот Газа се претвора во „гробишта на меѓународното хуманитарно право“ поради продлабочувањето на хуманитарната катастрофа и целосниот колапс на меѓународниот одговор на повеќемесечната блокада и уништувањето на палестинската територија.
Во интервју за шпанскиот весник „Ел Паис“, Лазарини изјави дека гладот во Газа сега е официјално прогласен со повеќе од 313 смртни случаи од глад и речиси 63.000 убиени од почетокот на војната во октомври 2023 година. „Гладот во Газа не е резултат на природна катастрофа или случајни околности. Ова е глад предизвикан од човекот. Вратите се намерно затворени, а предупредувањата што ги дававме со месеци, едноставно, се игнорирани“, рече тој.
Според него, израелските власти ѝ забранија на UNRWA да внесува помош во Газа од 2 март и покрај фактот дека на границите со Египет и Јордан има повеќе од 6.000 камиони со храна, што, како што изјави тој, „е доволно за да се нахрани целиот појас два месеца“. Иако, додаде тој, во последните недели влегле помал број конвои, тие не биле под контрола на UNRWA и голем дел од нив бил ограбен од очајни гладни цивили.
„Луѓето не умираат само од бомби или болести. Сега тие почнуваат да умираат во тишина – од глад. И тоа во време кога помошта е достапна, но систематски е спречена да влезе“, нагласи Лазарини, пренесува „Танјуг“.
Тој го обвини Израел дека води кампања за дезинформации насочена кон целосно делегитимизирање и расклопување на UNRWA. По обвинувањата дека некои од вработените во агенцијата наводно биле поврзани со Хамас, повеќе од 16 земји го прекинаа финансирањето на UNRWA, вклучувајќи ги САД и Шведска, што сочинуваше една третина од вкупниот буџет на агенцијата.
„Израел сака да ја уништи UNRWA затоа што ја гледа како симбол на правото на Палестинците да се вратат. Целта е да се укине статусот на бегалец и со тоа да се ослаби палестинското право на самоопределување и решение за две држави“, рече Лазарини.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Аеродромот во Цирих воведува нови 3Д скенери
Аеродромот во Цирих воведува нови 3Д скенери кои ќе овозможат патниците да поминуваат низ безбедносна контрола без да ги одвојуваат течностите и електронските уреди од рачниот багаж.
Првиот сет скенери ќе почне да работи во понеделник, а до летото ќе бидат инсталирани на сите контролни пунктови.
Новата технологија, вредна 36,4 милиони евра, може да открие цврсти и течни експлозиви и автоматски ги обележува сомнителните предмети на дигиталната силуета на патникот.
Додека не заврши инсталацијата на опремата, ограничувањето од 100 милилитри по пакување течности останува на сила, но по целосната замена на опремата, патниците ќе можат да носат шишиња до два литри.
Како дел од модернизацијата, аеродромот во Цирих воведува и нови скенери за тело, кои ги заменуваат повеќето рачни претреси.
Свет
(Видео) Масовен руски напад врз Кременчук – делови од градот останаа без струја, вода и греење
Русија синоќа изврши масовен ракетен и дрон-напад врз украинскиот град Кременчук.
Според украинските воздухопловни сили, експлозии биле забележани околу 1:30 часот по локално време. Во нападот биле користени неколку хиперсонични ракети „Зинжал“, како и десетици дронови.
Градоначалникот на Кременчук, Виталиј Малецки, соопшти дека во делови од градот има прекини на струја, вода и греење, и додаде дека екипите работат на стабилизирање на критичната инфраструктура.
Тој ги повика жителите да останат на безбедни места.
UPDATE—-More footage that has come out from tonight’s Russian strikes on Kremenchuk in the Poltava region of Ukraine. pic.twitter.com/D9wBFrEMSw
— 🇷🇺 Vanguard-Veritas🇨🇦 (@RussCan91) December 7, 2025
Засега нема информации за жртви или за обемот на материјалната штета.
Паралелно со нападот, експлозии биле пријавени и во Фастив, во Киевската област. Таму претходниот ден беше погодена главната железничка станица. Украинскиот претседател Володимир Зеленски тој напад го нарече „воено бесмислен“. Според министерот за внатрешни работи Игор Клименко, осум лица се повредени во нападите од 5 декември во регионите Киев, Лвов и Дњепропетровск.
Руските напади продолжуваат додека САД се обидуваат да посредуваат во напорите за запирање на војната.
Свет
Најмалку 25 лица загинаа во голем пожар во ноќен клуб во Гоа, Индија
Најмалку 25 лица загинаа, а повеќемина се повредени во тежок пожар што околу полноќ го зафати популарен ноќен клуб во Арпора, во индиската држава Гоа. Според првичните информации на локалната полиција, пожарот бил предизвикан од експлозија на плинска боца во кујната, по што огнот брзо се проширил низ објектот.
Поголемиот дел од загинатите биле вработени во клубот, но властите потврдија дека меѓу жртвите има и тројца до четворица туристи. Идентитетот и националностите сè уште се утврдуваат. Шестмина повредени се хоспитализирани и се во стабилна состојба.
Главниот министер на Гоа, Прамод Савант, изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите и најави официјална истрага. Таа ќе треба да утврди дали клубот ги почитувал противпожарните правила и дали поседувал валиден безбедносен сертификат.
Првичните извештаи укажуваат дека објектот немал задолжително одобрение дека објектот ги исполнува противпожарните стандарди.

Индискиот премиер, Нарендра Моди, на платформата X објави дека неговата канцеларија ќе понуди отштета до 200.000 рупии (1.889 евра) за секое семејство на жртвите и 50.000 рупии за повредените.
Гоа е позната туристичка дестинација на западниот брег на Индија и секоја година привлекува милиони посетители.

