Македонија
И без документи, оние што се сомневаат дека биле непотребно оперирани нека поднесат претставка, повика Клековски
Сите што се сомневаат дека биле непотребно оперирани по скандалот дека се правеле операции на срце само за да се извлечат пари, треба да пријават. Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, вели дека и по објавата на скандалот, кај нив нема претставки за непотребни операции.
„До средата немаше ниедна пријава или претставка за евентуална непотребна операција. Ги повикуваме сите пациенти што се сомневаат, без разлика дали имаат документи или не, да поднесат претставки. Документите за операциите се чуваат во архивите на болниците“, повика директорот Клековски.
Скандалот со наводно непотребни кардиохируршки интервенции во приватни болници во Скопје го обелодени кардиологот Сашко Кедев, кој јавно обвини дека кај пациенти без медицинска потреба се вршеле операции на срце, исклучиво поради финансиски интерес.
Сомневањата ги насочи кон приватните клиники „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“, кои ги отфрлија тврдењата и рекоа дека работат според утврдени медицински протоколи и дека секоја интервенција е документирана и оправдана. Клиниките посочија дека се отворени за соработка со надзорните тела и ги поддржуваат сите иницијативи за транспарентност и контрола.
По наводите за непотребни операции, Министерството за здравство формира две комисии за расчистување на случајот. Едната е интерна, составена од лекари, претставници од Фондот, правници и економисти, која има задача да ги анализира сите кардиолошки и кардиохируршки операции во земјата во периодот од јануари 2023 година со август 2025 година. Втората комисија е меѓународна, составена од тројца лекари, кои ќе извршат надзор и во приватните и во јавните здравствени установи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за слаб локален снег
Утре претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.
Македонија
Новогодишни пакетчиња од Општина Битола за штитениците, децата од центарот за рехабилитација
Традиционално и годинавабеа доделени новогодишни пакетчиња од Општина Битола за штитениците- децата од ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација-Битола.
Дедо Мраз предизвика радост кај децата, а од името на Општина Битола празниците им ги честиташе секретарот на општината Борче Димитровски.
Во овој Центар кој работи со деца со посебни потреби денеска беше предновогодишно весело.
Македонија
Втора вечер од „Новогодишна приказна“ во Кисела Вода: Либеро Бенд, Антониа Гиговска и Оле Поцкова во парк Шопен
По успешниот старт на „Новогодишната приказна“, која вчера ја исполни oпштина Кисела Вода со енергија и убаво расположение, вечерва во паркот „Шопен“ продолжува програмата наменета за сите генерации и вкусови, соопштија од општината.
Настанот е отворен за сите граѓани, а посетителите ќе имаат можност да уживаат и во празничниот амбиент со новогодишни куќарки, украси и содржини наменети за целото семејство.
Втората вечер започнува во 19 часот и ќе ја отвори Оле Поцкова од „Зевзекманија“ со монодрама. Потоа сцената, после 20 часот ќе им припадне на Либеро Бенд, а вечерта ќе ја заокружи настапот на Антониа Гиговска. Водител на настанот е Миро Кацаров. Општина Кисела Вода ги поканува сите граѓани да се приклучат на втората вечер од „Новогодишната приказна“ и да уживаат во празничниот амбиент со своите најблиски.

