Македонија
Утре почнува учебната година, во клупите ќе седнат 177.800 основци и 67.200 средношколци

Новата учебна 2025-2026 година утре ќе ја започнат 245 илјади ученици, односно 177.800 основци и 67.200 средношколци. Настава ќе има до 10 јуни, а исклучок ќе бидат матурантите за кои редовните часови ќе траат до 15 мај. Обезбедени се учебници за сите ученици, а за првпат по седум години ќе има и учебници по странските јазици.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска и информираше дека во повеќе училишта условите за настава се подобрени, а инклузијата е подигната со ангажирање на зголемен број образовни асистенти во основното и за првпат во средното образование. Учениците ќе се запознаваат со придобивките од вештачката интелигенција и ќе учат етички да ја користат за образовни цели.
„Втора учебна година по ред започнува со учебници за сите ученици. Целосно нови учебници има за седмо одделение во основното образование и за прва година во гимназиите, поради примената на нови наставни програми и најавувам дека овој процес на обнова на наставните содржини ќе има континуитет. За првпат после седум години, учениците ќе добијат и учебници по странски јазици – англиски, француски, германски и италијански јазик“, истакна Јаневска, нагласувајќи дека сите се испечатени и над 90 проценти од тиражот е веќе испорачан.
Министерката информираше дека системски е решен предизвикот со учебниците кој се провлекуваше со години и дека повеќе нема предмети во основното образование без учебници, нема користење на учебници без склучени договори и регулирани авторски права и нема доцнење на испораката со месеци.
Направени се и крупни инвестиции за подобрување на образовната инфраструктура. Во период од една година отпочнат е инвестициски циклус од 67 милиони евра. Дел од градежните проекти се завршени, а дел во фаза на реализација.
Јаневска рече дека започнува примената на нов електронски дневник кој има значително подобри перформанси од претходниот и наставниците ќе можат да се најават и пополнуваат податоци во секој момент.
„Вештачката интелигенција влегува во наставата. Со задоволство споделувам дека е изготвен сеопфатен прирачник за едукација и на наставници и на ученици, со јасни инструкции за етичка и ефикасна примена на новите технолошки алатки за образовни цели“, нагласи министерката.
Освен 1.346 образовни асистенти во основните училишта, Јаневска информираше дека за првпат, образовна асистенција ќе добијат и средношколците со посебни образовни потреби, а нив ќе им помагаат 130 образовни асистенти.
„За првпат е воведено и формално образование за децата на долготрајно болничко лекување и тие повеќе нема да губат настава. Зависно од нивната состојба ќе можат да се вклучуваат онлајн во својот клас или пак, наставникот индивидуално ќе работи со нив“, истакна Јаневска.
Министерката очекува наставниците мотивирани да ја започнат новата учебна година, во која, како што рече, ќе имаат и ново зголемување на платите, онака како што се договоривме пред една година, од 7,5 до 10 проценти во зависност од степенот на инфлацијата, за да има реален раст без манипулации.
Во новата учебна година, обезбедена е поголема поддршка за талентираните ученици, односно целосно покривање на трошоците за учество на меѓународни научни олимпијади, а за сите ученици е овозможено професионално, односно кариерно насочување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Дали службите за безбедност и разузнавање под водство на кадри на СДС го следеле и прислушкувале Мицкоски со знаење на обвинителот Коцевски“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„Злоупотребата на институциите во партиски и политички цели веќе е видено сценарио од СДС, поинаку тие и не знаат. Разликата во последниот случај е во тоа што ги злоупотребиле и ставија во служба на партијата едни од најзначајните институции кои треба да се грижат за безбедноста на граѓаните и државата, и тоа, поддржани и потпомогнати од судско обвинителската власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС на чело со Зоран Заев и Венко Филипче ги злоупотребиле Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност за да го следат и прислушкуваат претседателот Христијан Мицкоски, новинари, бизнисмени, јавни личности.
Со цел хајка и политички прогон против ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски, како и замолчување на гласот на новинарите и уцена на бизнисмени во периодот од 2019-2024 година службите за безбедност и разузнавање работеле за СДС, наместо за државата.
Сознанијата кои ги имаме говорат дека претседателот Мицкоски неосновано бил ставен на оперативна обработка од страна на службите под водство на кадри од СДС, со единствена цел за политичка елиминација.
АНБ и АР водени од кадрите на СДС како Виктор Димовски, Заре Милошески и Еролд Муслиу ја следеле комуникацијата на претседателот Христијан Мицкоски, неговото движење и неговото делување.
Слободата на говорот, на движење и делување се загарантирани со закон и Устав за сите граѓани на Македонија, додека ваквиот начин на злоупотреба на виталните безбедносни институции за следење на политичкиот противник се методи кои ја заробуваат државата и се спротивни на сите закони и прописи.
Овој случај сериозно ја нарушуваат демократијата, но и безбедноста на државата и граѓаните и ваквите методи се крајно тоталитарни, несвојствени за западните развиени демократии.
Но она што од друга страна ја запрепастува македонската јавност е молкот на Јавното обвинителство, иако сите овие информации ги има во подетална форма поткрепени со факти и докази.
Бараме ЈО итно да отвори случај и да бара одговорност раководните лица на институциите во тој период, како и нивните политички наредбодавци во врвот на СДС.
Освен одговорност, очекуваме и одговори дали сегашниот главен јавен обвинител, Љупчо Коцевски бил одговорен да го следи издавањето на ПИМ мерките од 2019 до 2024 година?
Исто така треба да се одговори, кому и зошто му служеле прислушкуваните материјали и дали со добиените информации се тргувало со влијание, се замолчувале новинари и се уценувале бизнисмени?
Со сето ова веќе станува јасно зошто СДС не гласаше за разрешувањето на Коцевски, а можеби и главно обвинителската функција му е награда за сработеното со ПИМ мерките?
Од друга страна Венко Филипче е опкружен со истите луѓе кои прислушкувале и го злоупотребувале државниот систем и денес тие се дел од понудата на партијата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Филипче: СДСМ бара итна декласификација на документите од случајот со АНБ

СДСМ бара итна декласификација на целата документација од случајот кој власта во јавноста го презентираше како афера за прислушкување, наведува претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, д-р Венко Филипче.
„СДСМ бара итна декласификација на целата документација од случајот кој власта во јавноста го презентираше како афера за прислушкување.
За ова има јасна постапка по која АНБ може да ги обелодени сите информации и документи. Случајот треба да биде достапен на јавноста за да се суди дали и кој ја злоупотребил функцијата во службите за безбедност.
Доколку АНБ ова не го направи, ќе биде јасно дека ова ќе биде уште еден неуспешен обид за манипулација. Исто како што беа случаите за неколку дестабилизации, за следење со дронови, за обиди за поткуп од странски компании на премиерот и слични приказни за кои никогаш ништо не се дозна ништо повеќе.
ВМРО-ДПМНЕ си игра со безбедносниот апарат и го користи за дневна политика исто како што тоа го прави со сите други сериозни национални прашања.
Ова е одлика на инфантилни политичари и популистички партии, чиј единствен интерес е како да го оттргнат вниманието од проблемите со кои се соочуваат граѓаните.
Добро е што веќе никој не им верува на овие потрошени стратегии од времето на Никола Груевски, кои сега се рециклираат во услови кога Владата нема никаков резултат.“ стои во објавата.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од потрошувачите на и улиците Тиквешка, Демир Хисарска и улица Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.