Свет
Нетанјаху: Не е на маса договор за делумно примирје и ослободување на заложниците
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го повтори својот став дека договор со Хамас за делумно примирје и ослободување на заложниците не е на маса, објавија денес израелските медиуми.
За време на шестчасовната седница на израелскиот кабинет за безбедност, министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир се залагаше за гласање против предлогот за прифаќање какви било делумни договори, на што Нетанјаху одговори дека „нема потреба од гласање бидејќи тоа не е на маса“, објавува „Тајмс оф Израел“.
За време на состанокот, Нетанјаху рече дека претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, го повикал и му рекол дека не прифаќа никакви делумни договори со Хамас и дека наместо тоа, ја води борбата против „таа терористичка група со полна сила“, објавува „Танјуг“.
„Заборавете на делумните договори. Одете со полна сила и завршете го тоа“, наводно му рекол Трамп на Нетанјаху, според израелскиот весник.
Пред состанокот на кабинетот за безбедност вестите на „Канал 12“ цитираа неименувани извори, кои велат дека Трамп врши зголемен притисок врз Нетанјаху што побргу да го победи Хамас.
Реагирајќи на изјавите на премиерот на Израел, Форумот на семејства на заложници и исчезнати лица изјави дека Нетанјаху ги отфрла делумните рамки за кои претходно се согласил и дека води стратегија што „не е стратегија на преговори, туку стратегија на опструкција“.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.
Свет
Од денеска во Бугарија задолжително плаќање во евра, левот излегува од употреба
Од денеска, 1 февруари, еврото станува единствена официјална валута во Бугарија, додека левот повеќе нема да биде прифатлив за плаќање на стоки, услуги и обврски, соопшти Министерството за финансии на Бугарија.
Според законот за воведување на еврото во Бугарија, цените на стоките и услугите и понатаму ќе бидат истакнати во двете валути до 8 август 2026 година, со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречат шпекулативни практики, јавија бугарските медиуми.
Граѓаните на Бугарија кои и понатаму поседуваат левови можат бесплатно да ги заменат во банките и во „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година, додека Националната банка на Бугарија (БНБ) ќе обезбеди бесплатна и неограничена замена на левовите во евра и по тој датум.
Министерството за финансии потсетува дека трговците веќе немаат обврска да примаат левови, а кусурот во секоја трансакција се враќа исклучиво во евра.
Бугарија на 1 јануари 2026 година официјално го воведе еврото и стана 21-ва членка на еврозоната, точно 19 години по влезот во Европската унија.

