Македонија
ДУИ: „Вреди“ вети Европа, донесе српски свет

„Вреди“ дојде на власт со големи ветувања и со строги рокови за уставните измени. Прво ветија дека тоа ќе се случи пред формирање на Владата. Потоа рекоа во првите 100 дена. Потоа во три месеци. На крај, во шест месеци. Денес, по една година, Албанците слушаат само оправдувања од Изет Меџити и неговите соработници дека „времето не било доволно“, велат од ДУИ.
Вистината како што додаваат од оваа партија е едноставна: немаат ниту визија, ниту храброст, ниту политичка волја. Наместо уставни измени и европска интеграција, „Вреди“ ја отвори вратата за опасни влијанија од Белград и Москва, ја поткопа Охридската рамковна спогодба, ја ослаби позицијата на Албанците и ја блокира европската иднина на државата.
„Оваа власт стана симбол на неуспеси и секојдневни скандали. Изборните измами станаа нивната единствена владејачка практика:
• Ветија 2.500 работни места – граѓаните добија разочарување.
• Ветија финансиска поддршка за младите – граѓаните добија нула.
• Ветија национални проекти – го донесоа Иван Стоилковиќ како вицепремиер за имплементација на Охридскиот мировен договор.
• Ветија уставни измени и интеграција во ЕУ – донесоа партнерства со политичари што го пропагираат „Српскиот свет“.
Како што нагласи поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, избегнувањето на дебатата за ЕУ и одбивањето на мониторинг-механизмите не се случајни – тоа е стратегија за прикривање на корупцијата и неуспесите на оваа влада и за спречување на еднаквоста на Албанците“.
„Вреди“ оценуваат во ДУИ, се покажа како голема политичка измама и национален срам кој ја изолира државата и ги исклучува Албанците од одлучувачките процеси.
Октомври, според нив, ќе биде моментот кога граѓаните ќе кажат „доста“ на измамите, неуспесите и слепата послушност кон антизападните интереси.
„Граѓаните заслужуваат достоинствено претставување и јасна европска визија, а не празни ветувања и смешни оправдувања. Во октомври, тие ќе ја манифестираат својата волја на народниот референдум. Никој нема да може да избегне од политичката и правната одговорност“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ресенскиот Сарај блесна во ликот на балканскиот рис

Синоќа, во позитивна атмосфера исполнета со љубопитност, во Ресен беше отворена патувачката изложба на фотографии посветена на балканскиот рис – организирана од Македонското еколошко друштво, во соработка со Националниот парк „Галичица“ и Домот на културата „Драги Тозија“.
Фотографиите се изложени во познатиот ресенски Сарај, еден од најрепрезентативните споменици на неокласичното архитектонско наследство во земјата од почетокот на минатиот век. Изложбата ќе биде достапна за посетителите во следните две недели, по што ќе го продолжи своето патување во друг град. Досега таа беше поставена во Галичник, Битола и Охрид.
Балканскиот рис претставува критично загрозен подвид што живее исклучиво во регионот на Западен Балкан, а денес брои помалку од педесет возрасни единки во природата. Неговата иднина е сериозно загрозена од загубата на живеалишта, криволовот и ниската генетска разновидност, иако овој редок предатор е незаменлив дел од природното, но и културното наследство на регионот.
Повеќето од прикажаните фотографии се снимени со фотозамки – метод што најчесто се користи при истражувањето на притаени и тешко забележливи диви животни, и тоа како дел од активностите на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ започната во 2006 година.
Македонското еколошко друштво ја продолжува својата повеќегодишна мисија за закрепнување на балканскиот рис преку научни истражувања, работа со локалните заедници и едукативни активности. Целта на оваа изложба е јавноста не само да се запознае со убавината и реткоста на овој вид, туку и да ја препознае својата улога во неговата заштита – како дел од заедничките напори за зачувување на биолошката разновидност на Македонија и целиот Балкан.
Македонија
Времето денес променливо облачно, во следните денови дожд, најавува УХМР

Времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Во наредните денови следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во петок и понеделник врнежите ќе бидат поројни со услови за појава на грмежи, а во понеделник наместа и пообилни. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец кој ќе надминува брзина од 70 километри на час.
Македонија
Македонија го одбележува 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба

Во Македонија денеска се одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, државен празник и неработен ден за сите граѓани.
Денот се празнува по повод основањето на Македонската револуционерна организација во Солун. На 23 октомври 1893 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собрале шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, коешто ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја македонски револуционерен комитет.
Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Формирањето на МРО значело почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, а потоа преку НОБ резултира со создавање современа самостојна македонска држава. Овој датум се поврзува со организираната борба на македонскиот народ и народите кои живееле во Македонија за формирање независна држава. Во политичка смисла, борбата за автономија значела формирање самостојна држава и затоа 23 октомври симболизира континуитет на македонската борба за независност.
По повод Денот на македонската револуционерна борба, во Собранието ќе биде доделена државната награда „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.