Македонија
„Го замолуваме Филипче да не ги лаже младите и да им се извини за тоа што ги заборавија изминатите 7 години“, реагира ВМРО-ДПМНЕ
„Сериозно сме изненадени од настапите на Филипче по локалните средби со млади коишто си ги правел во текот на вчерашниот ден. Филипче им говорел на своите членови од младината, како тешко се живее во Македонија, дека младите се иселувале, дека платите биле ниски, говорел и за инфлацијата и рангот на универзитетите од Македонија на Шангајската листа“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на изјавите на Венко Филипче.
„Да го потсетиме господинот Филипче дека до пред само една година, или еве поточно 15 месеци, тој и неговите пајташи и криминалци од СДС и ДУИ, како Заев, Ахмети, Груби, Османи и останати, ја водеа оваа држава, на начин на кој на сите им е познат.
Господинот Филипче, се нашол за достоен да говори за младите, за инвестициите, за платите и инфлацијата. Епа господине Филипче, да ве потсетиме како беше во ваше време.
Инфлацијата беше над 20%, историски највисока. Платите беа мизерни, инфлацијата ги поразуваше и оние срамни покачувања кои ги имало во периодот кога тие ја водеа Владата. Пензиите да не ги спомнуваме, навистина е срамно СДС и Филипче да говорат за тоа, бидејќи во нивно време се зголемуваа за 185 денари, а сега за само 18 месеци ќе бидат зголемени за 7000 денари. Јавниот долг беше над 60%, а задолжувања, анекси и камати, го празнеа Буџетот на државата, поради неспособноста на СДС. Салата на УКИМ така стои 7 години, со прст не мрднаа, ФИНКИ и ФФК можеби и не знаеле дека постојат па затоа и не ги реновирале, учениците немаа учебници по цела година, учеа од скрипти или ако се снајдеа на некаков друг начин. Студентските домови беа оставени на милост и немилост, градовите и селата се празнеа, младите го бараа спасот надвор од државата, а велеа дека ќе ги врателе оние 600 илјади кои биле избегани од државата, кога доаѓаа на власт. И секако, за сето ова што го направија, добија казна на изборите со најлош историски резултат во нивната историја. Нешто слично ќе им се случи сега на изборите во октомври.
Но, господинот Филипче, можеби сè уште е со паметот на грчките плажи и јахтите со Заев, па еве да му пренесеме што се новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ направи за само година дена.
Платите се покачени во администрацијата, здравството, образованието, културата, полицијата, социјалата. Дел од овие се историски највисоки зголемувања направени со синдикатите во вид на колективни договори. Инфлацијата се контролира и не е веќе 20%, а јавниот долг се намали. Странските директни инвестиции достигнаа историски рекорд, од милијарда и 250 милиони евра. Се отвораат нови работни места, се вложува во енергетиката, дигитализацијата и образованието. Се реконструираат студентски домови, факултети и училишта. Книгите учениците ги добиваат на први септември. Младите добиваат по 250 евра за електронски уред, финансиска поддршка за стартап бизнис, финансиска поддршка за млади земјоделци, како и многу мерки и поволности за вработување со оперативниот план за 2025 година.
Ова се само дел од проектите и мерките коишто за година дена ги имаме преземено како нова власт, од минус во секоја можна државна институција, сега сме на нула и одиме напред, градиме темели на иднината и ги правиме промените кои граѓаните ги заслужуваат“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

