Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Али, Артан, Бујар, Филипче и Заев, оската на злото, ДУИ – СДС нема да избега од правдата
Не ги носи никој во „мрачниот српско-руски свет“ како што сеат магла Османи и ДУИ, туку во светот на одговорноста – пред лицето на законот, за целиот криминал и предавства што ги направи криминалната клика.
Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Венко Филипче и Зоран Заев можат колку сакаат да зборуваат за Европа и за вредности, но токму тие се синоним за криминални тендери, модуларни болници што гореа и убиваа луѓе, уништени институции, раскопана економија и тргување со националните интереси, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„На Бујар Османи „рускиот свет“ му е Павлов рефлекс – веднаш кога нема што да каже, излегува со „руски“ или „српски свет“ и мисли дека со тоа ја завршил работата. Толку многу ги потценува Албанците што мисли дека нафта пијат, токму од онаа што луѓе блиски до ДУИ и до струмичките тајкуни кланови ја носеа во РЕК Битола. Османи има синдром на напуштена љубовница, која очајно сака да се расправа, надевајќи се дека ќе го импресионира својот лидер кој внимателно одмерува дали токму тој ќе биде наследникот.
Додека Албанците и Македонците заедно страдаа, мала корумпирана клика на оската на злото „ДУИ–СДС“ се богатеше на грбот на народот. Јахти, станови и милионски бизниси беа нивната вистинска агенда, додека граѓаните едвај преживуваа во сиромаштија и инфлација“.
Затоа, додаваат од партијата на власт, панично бараат алиби и кријат зад измислени стравови. Но, според ВМРО-ДПМНЕ, времето на ДУИ и СДС завршува. Ова, како што додаваат е време на правда и одговорност, време кога Али, Артан, Бујар, Филипче и Заев ќе мора да одговараат пред законот, а граѓаните конечно ќе живеат во правна држава со европски вредности и чесни институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зоран Димитровски: Не размислуваме, ниту поддржуваме идеи за отворање кампови за враќање одбиени баратели на азил
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, вчера и денес (21-22 октомври 2025) учествува на годишната конференција за миграции во Виена (Vienna Migration Conference), во организација на Меѓународниот центар за развој на миграциските политики – ИЦМПД.
На десеттата виенска конференција за миграции присуствуваат повеќе од 250 носители на одлуки, владини претставници, експерти од областа на миграцијата, меѓународни организации, академската заедница и цивилното општеството, кои прават напори за поврзување на миграциските текови со најсоодветните стратешки политики и решенија.
Во рамките на конференцијата „Западен Балкан: Регионални перспективи за миграцијата и партнерствата“, заменик-министерот Димитровски учествуваше во разговор еден на еден со генералниот директор на ИЦМПД, Михаел Шпенделегер, посветен на предизвиците и можностите што ги носи променливата миграциска слика во регионот.
За време на разговорот беше нагласено дека Западен Балкан се наоѓа на уникатна пресвртница во управувањето со миграциите како регион што истовремено е место на потекло, транзит и сè повеќе дестинација за мигрантите. Овој динамичен контекст отвора нови предизвици, но и можности за економски развој, особено во услови на зголемена побарувачка за работна сила и недостиг на работници во клучни сектори.
Заменик-министерот Димитровски посочи дека нашата земја активно се приспособува на новата реалност преку развивање политики за управување со легалната миграција, кои одговараат на демографските и на економските потреби на земјата. Притоа беше истакната и важноста од градење партнерства со земјите на потекло за развој на одржливи модели на работна мобилност, подобрување на системите за враќање и намалување на нерегуларната миграција.
Во разговорот беше истакнато дека овие процеси се во согласност со европските иницијативи, како што се пактот за миграција и азил, како и акцискиот план на ЕУ за Западен Балкан, кои го потенцираат значењето на соработката со земјите на потекло во делот на мобилноста, развојот на вештини и управувањето со враќањето на мигрантите.
Беше нагласено дека Северна Македонија, како и земјите од Западен Балкан, е дел од Европа и нејзините политики, а не простор надвор од нејзините граници. Во таа насока, нашата држава ниту размислува ниту поддржува идеи за отворање кампови за враќање одбиени баратели на азил.
На маргините на конференцијата заменик-министерот Зоран Димитровски оствари повеќе средби и разговори со истакнати владини претставници и министри, кои учествуваат на конференцијата.
Македонија
Mицкоски се сретна со кралот Чарлс: „Беше искрено и содржајно“
Премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи објави дека во рамките на престојот во Лондон остварил средба со Неговото Кралско Величество, Кралот Чарлс III.
„Средбата беше искрена и содржајна. Разговаравме за пријателството помеѓу Македонија и Обединетото Кралство, за стабилноста, развојот и заштитата на природата, области на кои кралот со години им посветува големо внимание“, информира Мицкоски.
Како што додаде, оваа средба е признание и почит, но и поттик да се продолжи по патот на заедничките вредности, довербата и партнерството.
Во рамките на Берлинскиот процес, што го организира премиерот Кир Стармер, Мицкоски остварува повеќе средби насочени кон економска и инфраструктурна стратешка соработка со Обединетото Кралство.
Македонија
Полицијата претресува на повеќе локации во Скопје поради лихварство и перење пари
Под раководство на предметен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), полициски единици на МВР извршуваат претреси на повеќе локации во Скопје.
Според информациите, се работи за лица осомничени за кривични дела лихварство и перење пари.
Од Обвинителството најавуваат дека повеќе детали ќе бидат соопштени по завршувањето на акцијата.

