Македонија
Работна средба на Јавното обвинителство и ДИК во пресрет на локалните избори 2025
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, и претседателот на комисијата во Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности, Џељаљ Бајрами, денеска остварија средба со делегација од Државната изборна комисија (ДИК), составена од претседателот Борис Кондарко, заменик-претседателот Абдуш Демири и членовите Светлана Карапетрова и Александар Даштевски.
Двете институции се договорија да ја зајакнат меѓуинституционалната координација во рамките на своите законски надлежности за организација и следење на изборниот процес на претстојните локални избори.
Јавното обвинителство и Државната изборна комисија посветено работат за да ги овозможат сите услови за фер и ефикасен изборен процес, велат од таму.
Јавниот обвинител Коцевски ги информира претставниците на ДИК дека колегиумот на Јавното обвинителство на РСМ донесе заклучок и за овој изборен процес да се формира привремена комисија задолжена да го следи постапувањето по евентуални изборни нерегуларности поврзани со постоење кривични дела од Глава 16 од Кривичниот законик – Кривични дела против изборите и гласањето, како и други кривични дела што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.
Комисијата ќе има задача на дневна основа да ги следи сите настани од државата поврзани со процесот на организирањето и спроведувањето на локалните избори. За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за евентуални сторени изборни нерегуларности известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство. Во исто време ќе се дадат задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да ги преземат сите дејства за утврдување на сите релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.
За претседател на комисијата е определен Џељаљ Бајрами, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија, а ќе членуваат и по еден јавен обвинител од сите виши јавни обвинителства, како и еден јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје како основно обвинителство што покрива најголемо подрачје.
Јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите што сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, ќе може да достават поднесок/пријава до комисијата за следење изборни нерегуларности на електронската адреса [email protected], која ќе биде активна и за овој изборен процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нацев кажа дека не бил во земјата кога се случи пожарот во „Пулс“ и се пожали на медиумски и јавен линч од безбедносни аналфабети
Судот ги слушна воведните зборови на сите 35 физички и три правни лица обвинети за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Александар Нацев, обвинет дека е реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ и не подготвил и не поднел план за обезбедување на локалот вечерта кога се случи пожарот, исто како и сите негови претходници, рече дека нема вина и дека во текот на постапката ќе го докаже тоа.
„Девет месеци молчев и бев жртва на медиумски и јавен линч спроведен преку разни квазиексперти и безбедносни аналфабети. Со неверување гледав како со неверојатна леснотија одново и одново беше рушена пресумцијата на мојата невиност додека целиот тој период бев таргет и на разни неосновани политизирани клевети и навреди. Денес, сите овде сме исправени пред брутално силување на Законот за приватното обезбедување со цел одредени негови одредби да послужат како поткрепа на теоријата на случај во обвинението“, рече Нацев.
Со барањето одговорност од агенцијата за обезбедување „Рубикон“ тој смета дека малициозно се префрла вината што ја имаат државните органи задолжени за превенција, надзор и контрола.
„Во текот на ова судење ќе ги неутрализираме ваквите конструкции преку непобитни докази и околности, кои јавно ќе укажат на отсуство на каква било вина кај мене или каква било таканаречена каузална поврзаност со трагичниот настан за време на чие случување јас воопшто не бев ни присутен во државата“, рече Нацев.
Неговиот бранител рече дека во постапката ќе докажат дека „Рубикон“ вечерта немал обврска да направи и да пријави план за обезбедување оти имале само тројца обезбедувачи, а законот пропишува таква обврска за настани на кои се ангажираат петмина или повеќе, па рече дека ќе докаже оти Нацев не е реален сопственик на агенцијата, туку дека кусо време бил вработен како консултант поради неговата стручност.
И бранителите на правните лица „Рубикон“ и „ММММ кафе“ ДООЕЛ во денешните завршни зборови го оспоруваат обвинението, рекоа дека не е јасно со кои конкретни дејства одгворните лица ги презеле за да бодат обвинети правните лица и најавија дека во текот на постапката ќе докажат оти нема вина кај обвинетите правни лица.
Македонија
Општина Илинден: Новогодишен базар „Патека на радоста“ 2026 година
Општина Илинден и оваа година во соработка со општествено одговорни компании подготви интересни содржини за жителите, каде од 26 до 28 декември на новоизградениот парк – плоштад во н.м. Марино, под мотото „Патека на радоста“ се одржува Новогодишен базар, известуваат од Општината.
Базарот, под покровителство на општина Илинден и на неколку општествено одговорни компании, ќе понуди богата и разновидна програма наменета за сите генерации. За најмладите посетители се предвидени средби со Дедо Мраз, Маша и Медо, театарски претстави, танцови настапи и магионичарски перформанси, создавајќи вистинска празнична магија.
„Истовремено, љубителите на современата музичка сцена ќе имаат можност да уживаат во настапи на едни од најпознатите македонски изведувачи: Тони Зен, Јанг Дади, Таско, Пајак, како Ди-Џеј Боно, што ветува одлична атмосфера, особено за младата публика.
Новогодишниот базар „Патека на радоста“ не е наменет само за жителите на општина Илинден, туку со отворена покана ги очекува и сите граѓани од околните општини, за заеднички да ја почувствуваме празничната радост и да ги прославиме новогодишните и божиќните празници во духот на заедништвото!
Општина Илинден ги поканува сите жители да го посетат овој Новогодишен базар, да се дружат и забавуваат во овие празнични денови“, се додава во соопштението на Општината.
Македонија
Ѓорѓиевски за состојбата во која е затекнат Градот: Наследивме катастрофални 40, а сега имаме 400 милиони денари на сметка
На денешната седница на Советот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на град Скопје, се обрати со јасна и отворена порака за состојбата во која е затекнат Градот и за резултатите што се постигнати во краток временски период.
При разгледувањето на буџетот на Град Скопје за 2026 година, градоначалникот посочи дека по наследеното катастрофално финансиско и институционално наследство, Скопје денес чекори кон стабилизација, одговорно управување и реализација на проекти од суштинско значење за граѓаните.
„Наследивме катастрофални 40, а сега имаме 400 милиони денари на сметката на Градот! Денес, го носиме буџетот за Град Скопје за 2026 година. Но, мора отворено да зборуваме и за реалноста што ја наследивме, еден од најкатастрофалните квартални извештаи во историјата на Градот од времето на Петре Шилегов и Данела Арсовска. За девет месеци се реализирани приходи од 2.856.417.717 денари, што значи просек од само 317.379.746 денари месечно. И во претходните години состојбата била слична, а често и полоша“, рече Ѓорѓиевски.
„За споредба, за 40 дена реализиравме приходи од 659.493.349 денари, речиси двојно повеќе од кој било месечен резултат во минатото.
На сметката на Град Скопје наследивме поразителни 40 милиони денари. Веќе првиот работен ден од мојот мандат нѐ дочека извршно решение за наплата од 48 милиони денари плус дополнителни 3 милиони денари по основ на спогодби.
Наследивме презадолжени и девастирани јавни претпријатија и културни установи. Наследивме хаос во образованието, каде што со години не било направено ништо суштинско. Во овој квартален извештај се прикажани само достасаните долгови и кредитите евидентирани во сметководството на Град Скопје. Не се опфатени недостасаните обврски, ниту најтешкиот товар – тужбите.
Наследството од Петре Шилегов и Данела Арсовска изнесува 2,9 милијарди денари во активни судски постапки. На 8.11.2025 година јавните претпријатија немаа земено плата за септември. Тоа беше директен удар врз буџетот на Град Скопје и врз достоинството на вработените.
Некој си поигрувал со нивните судбини“, вели градоначалникот на Скопје.
„Со ребалансот на буџетот овозможивме сите јавни претпријатија да ги добијат заостанатите плати. Само во ЈП ‘Паркови и зеленило’, поради законскиот лимит, успеавме да ги исплатиме сите придонеси за платата за ноември и една и пол нето-плата.
Покрај речиси 200 милиони денари обезбедени за плати, наследени беа и тековни обврски кон доставувачи во износ од 330 милиони денари. Денес тие се намалени на 236 милиони денари.
За 40 дена направивме повеќе во образованието отколку што некои не успеале за цел мандат. Градиме спортски терени во шест средни училишта, обезбедуваме прочистувачи на воздухот за секоја училница, нова ИТ-опрема, паметни табли, лаптопи, нови клупи и столчиња, како и опрема за информатичките кабинети.
Обезбедивме средства за лунапаркот, проект што со години беше само празно ветување. Обезбедивме средства и за првата фаза од првата подземна сообраќајница кај „Лимак“, обезбедивме средства за кружниот тек во Ѓорче Петров.
Ја решивме експропријацијата кај Момин Поток, интензивно продолжува изградбата на таа улица и сме во преговори за откочување на сите други проекти што беа заглавени од претходните раководства.
Почнавме реконструкција и на улицата Фрањо Клуз во Аеродром, а предвидовме средства и за инфраструктурни проекти за многу други улици и булевари, кои ќе се реализираат во 2026 и 2027 година.
Успеавме да склучиме спогодба со Владата, со поддршка на премиерот Христијан Мицкоски, за износ од 360 милиони денари, кои ќе бидат исплатени во период од три години, како обврска за студентскиот превоз, проблем за кој претходната влада на СДСМ немаше слух.
По многу години, го исчистивме град Скопје, а истовремено го украсуваме и му даваме новогодишен дух и новогодишна прослава каква што заслужуваат скопјани“, додаде градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

