Свет
(Видео) „Никогаш нема да ја извадам таа слика од главата“: очевидци на убиството на Чарли Кирк
Присутните на настанот на кампусот на Универзитетот „Јута Вали“, каде што синоќа беше убиен американскиот конзервативен активист Чарли Кирк, ги опишаа сцените на паника што следуваа по фаталната пукотница. Кирк (31), влијателен човек и близок сојузник на Доналд Трамп, беше убиен со еден куршум во вратот додека држеше говор пред речиси 3.000 луѓе како дел од неговата „Американска турнеја за враќање“, објави „Би-би-си њуз“.
„Го видовме телото како паѓа“
Полицијата верува дека истрелот бил испукан од покривот на блиската зграда, на стотина метри оддалеченост. Видеата од социјалните медиуми го покажуваат Кирк како зборува за насилство со оружје само неколку моменти пред да биде застрелан.
„Моите пријатели и јас се забавувавме само слушајќи што се случува. Одеднаш слушнавме гласен крик, силен тресок, а потоа го видов неговото тело како паѓа во забавена снимка“, изјави еден очевидец за „Би-би-си њуз“.
Портер Лафербер, студент и голем обожавател на Кирк, беше на петнаесетина метри оддалеченост. „Седев таму снимајќи го, престанав да снимам и тогаш го слушнав тој истрел. Не разбираш што се случило сè додека не се случи. Чарли паѓа од столот, сите почнуваат да паничат“, изјави тој за Би-би-си“. Лафербер додаде дека се скрил зад бетонска ограда, а потоа истрчал кон најблиската зграда.
„Не сакам да умрам“
Даниел беше уште поблиску, на помалку од пет метри од сцената. „Беше ужасно. Сѐ што слушнав беше врескање. Видов луѓе како трчаат и си помислив: „Не е безбедно да се трча. Не е безбедно да се станува“… И сѐ што велев беше: „Те молам боже, те молам боже, те молам боже, затоа што не сакам да умрам“, изјави за „Ројтерс“.
Поранешниот американски конгресмен Џејсон Чафец, кој беше на настанот со својата ќерка, ги потврди сцените на хаос. „Куршумот отиде директно во него. Сите беа на подот и трчаа“, изјави тој за „Фокс њуз“.
Адам Бартоломеј, кој интервјуира контрапротестанти на настанот, исто така го опиша општиот хаос. „Имаше хаос и луѓето трчаа кон излезите. Неколку луѓе беа во солзи“, изјави тој за Би-би-си.
Фил Лајман, поранешен конгресмен од Јута, ја делеше сцената со Кирк непосредно пред неговиот говор. „3.000 деца, кои во основа гледаат како некој е застрелан пред нив, тоа е навистина трауматично. Навистина е тешко“, рече тој.
Ема Питс од „Дезерет њуз“, која известуваше од настанот, рече: „Никогаш нема да ја извадам таа слика од главата“. Питс додаде дека била изненадена од недостигот на безбедност. „Никој не ја скенирал нашата опрема, никој не ги скенирал нашите торби, немало обезбедување“, рече таа. Бартоломеј се согласи велејќи дека е и изненаден што никој не му ја проверил торбата.
Универзитетот „Јута Вали“ соопшти дека имало шест обезбедувачи за предавањето, покрај приватното обезбедување на Кирк.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Несреќа на брегот кај Либија: 42 мигранти се водат за исчезнати, стравувањата се дека се удавиле
Најмалку 42 мигранти се водат за исчезнати и се верува дека се удавиле кога гумен чамец се превртел кај либиското крајбрежје, соопшти Меѓународната организација за миграции (ИОМ).
Спасени се седум лица што шест дена пловеле по морето по потонувањето на чамецот со вкупно 49 лица во близина на нафтното поле Ал Бури, северозападно од либискиот брег.
Според ИОМ, мигрантите потекнуваат од Судан, Нигерија, Камерун и од Сомалија.
Од падот на режимот на Моамер Гадафи во 2011 година, Либија е клучна транзитна точка за мигранти, кои преку Средоземното Море се обидуваат да стигнат до Европа.
Оваа година во централниот дел на Средоземното Море веќе се удавиле повеќе од 1.000 мигранти, а најновата несреќа дополнително го зголеми овој број, соопшти ИОМ.
Организацијата потсети и на други смртоносни инциденти во последните недели кај Сурман и Лампедуза, како и на случајот во октомври кога западно од Триполи биле пронајдени телата на 61 мигрант.
Свет
Трамп со писмо до израелскиот претседател бара помилување на Нетанјаху
Израелскиот претседател Исак Херцог доби писмо од американскиот претседател Доналд Трамп, во кое го повикува да размисли за помилување на премиерот Бенјамин Нетанјаху, објави денес неговиот кабинет.
Нетанјаху се соочува со три одделни судења за корупција веќе неколку години, а Трамп постојано бара негово помилување.
„Иако апсолутно ја почитувам независноста на израелскиот судски систем и неговите барања, верувам дека овој ‘случај’ против Биби, кој долго време се бореше заедно со мене, вклучително и против многу моќниот непријател на Израел, Иран, е политички мотивиран, неоправдан прогон“, напиша Трамп во писмо до израелскиот претседател.
Канцеларијата на Херцог соопшти дека секој што бара претседателско помилување мора формално да го побара тоа во согласност со постојните процедури, објави „Ројтерс“.
Трамп исто така побара помилување за Нетанјаху за време на посетата на Израел во октомври во говор пред израелскиот парламент.
Лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, одговори на повикот на Трамп со потсетување дека израелскиот закон предвидува дека првиот услов за помилување е признание на вина и изразување каење.
Порано оваа година, Лапид, „со должно почитување кон Трамп“, нагласи дека „никој не треба да се меша во правниот процес на независна држава“ и ја нарече иницијативата на американскиот претседател „компензација“ за Нетанјаху за притисокот врз него да ја запре војната во Газа.
„Тоа е типично за Трамп“, рече Лапид во тоа време.
Фото: ЕПА
Свет
Тужба против „Гугл“: Дали „Гемини“ следи сè што пишувате во „Гмајл“ и на „Чат“?
„Гугл“ се соочува со нова тужба во која се обвинува дека го користи својот асистент за вештачка интелигенција „Гемини“ за нелегално следење на приватните комуникации на корисниците на „Гмајл“, „Чат“ и „Мит“.
Во колективната тужба поднесена во федералниот суд во Калифорнија се тврди дека технолошкиот гигант тајно ја активирал алатката за сите корисници во октомври давајќи му пристап до приватни податоци без нивно знаење или согласност, објавува „Блумберг“.
Додека корисниците претходно имаа можност сами да ја вклучат програмата за вештачка интелигенција на „Гугл“, во тужбата се тврди дека компанијата во сопственост на „Алфабет“ еднострано ја променила практиката. Иако „Гемини“ може да се исклучи, корисниците мора да се движат низ комплицирани поставки за приватност за да ја пронајдат опцијата.
Доколку корисниците не го преземат тој чекор, „Гугл“ наводно го користи „Гемини“ за „пристап и експлоатација на целата снимена историја на приватните комуникации на своите корисници вклучувајќи ги и практично секоја е-пошта и прилог испратени и примени во нивните гмајл-сметки“, се наведува во тужбата.
Тужителите тврдат дека „Гугл“ го крши Законот за нарушување на приватноста на Калифорнија, закон од 1967 година, кој особено забранува тајно прислушување и снимање доверливи комуникации, без согласност на сите вклучени страни.
„Гугл“ сè уште не ги коментирал обвинувањата.

