Македонија
(Видео) Андоновска: Здружението на судии и обвинители е многу гласно за некој што нема сработено ништо
Здружението на судии и обвинители се многу гласни, за некој што не само што нема сработено ништо, туку има допринесено за нарушување на довербата на граѓаните, истакна на прес-конференција Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што нагласи, остатоците на СДС и ДУИ во судството и обвинителството, се тие кои се спогодија за човекот на Заев, Наке Ѓоргиев, врховен судија и претседател на Судски совет, и Иџет Мемети, јавен обвинител и заменик претседател на Советот на јавни обвинители за местење и влијание при судска пресуда.
„И Наке Ѓоргиев и Иџет Мемети признаа дека земале 10.000 евра за да влијаат на судска пресуда и влијаеле, и тоа едниот се спогоди со ЈО, а другиот доби само условна осуда.
Корумпираното обвинителство и судство не се заинтересира, ниту отвори постапка врз судиите и обвинителите врз кои Наке Ѓоргиев и Иџет Мемети влијаеле.
Да не беше вниманието на јавноста вперено во овој случај, можеби и за невини ќе беа прогласени – толку од ова судство“.
Прашува каде се и кои се луѓето кои под притисок или влијание на Наке Ѓоргиев и Иџет Мемети досудиле поблага казна.
Тие, како што вели, уште судат и правоораздаваат.
„Тие се истите луѓе врз кои СДС и ДУИ и денес имаат влијание и со помош на кои ја избегнува правдата.
Ако Судскиот и ЈО Совет сакаат правда, еве нека почнат со постапка против судиите и ЈО кои биле под влијание на Наке Ѓоргиев и Иџет Мемети и работеле под нивен диктат, а со тоа извршиле кривично дело. Тие не треба да бидат судии. Очекуваме брзи и ефикасни одлуки, а не памфлети и вазалство кон СДС и ДУИ, тоа нема никаде да ги однесе“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Анекс на Протоколот за размена на податоци помеѓу Управата за јавни приходи и Фондот на ПИОМ
Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Никола Мемов, и директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, денеска потпишаа Анекс на Протоколот за размена на податоци.
Со него се дополнува Протколот и се доуредува размената на податоците помеѓу двете институции.
„Сметам дека соработката меѓу нашите институции е на задоволително ниво. Со потпишувањето на Анексот ќе се придонесе размената на податоците да се одвива подобро и ќе се овозможи полесно остварување на правата од ПИО“, рече Мемов.
Тој додаде дека секој чекор што ќе придонесе во подобрувањето на остварувањето на правата од ПИО е за поздравување.
„Со овој Анекс ќе се придонесе соработката помеѓу Управата и Фондот да биде уште подобра и попрецизна“, рече Петрова.
Таа нагласи дека од големо значење е размената на искуствата и континуирани средби за да се решаваат проблемите кои се појавуваат во секојдневната работа, со што ќе се придонесе во подоброто остварување на надлежностите.
На средбата стана збор и за други прашања од интерес на двете институции.
Македонија
ФЗО: Породилното може да доцни поради доцнење на пријава или исплата на плати кај работодавачот
Надомест за породилно отсуство не се исплаќа истовремено и тоа е континуиран процес кој трае во текот на целиот месец, велат од Фондот за здравствено осигурување во врска со изјавите на СДСМ дека исплатата на породилни отсуства доцни 30 дена.
„Надоместот на породилно отсуство е процес поврзан со работодавачот на осигуреничката. Во моментот на исплата на плата од страна на работодавачот, УЈП доставува електронски информации за платените придонеси за соодветниот месец до Фондот, кои се обработуваат и одобруваат од подрачните служби, заедно со надоместоци за друг вид на боледувања, се доставуваат до Дирекцијата на Фондот. Оттука се доставуваат до УЈП за подготовка на МПИН. Потоа пресметаните надоместоци се исплаќаат континуирано. Да потенцираме ФЗО исплаќа бруто надомест, односно пензиски и други придонеси“, се наведува во соопштението.
Од Фондот појаснуваат дека најголем дел од надоместоците се исплаќаат од 10 до 20 во тековниот месец, но има исплати и потоа до крај на месецот.
„Не е можно доцнење од 30 дена од страна на Фондот. Доколку има доцнење тоа е поради доцнење на пријава или на исплата на плати кај работодавачот“, велат од Фондот.
Од таму уверуваат дека буџет за надоместоци има, и доказ за тоа е дека заклучно во месец октомври 2025 година досега се обработени и исплатени 6.268 предмети на породилно отсуство.
За споредба, се наведува во соопштението, во септември 2025 година биле обработени 7.319 предмети и за истиот број на лица е извршена исплата, со вкупен износ од 384 милиони денари.
„Тоа укажува дека дел од пресметките за октомври се уште се во обработка и исплата“, велат од ФЗО.
Македонија
Општина Кисела Вода урна дивоградба во населбата 11 Октомври
Денес, во населбата 11 Октомври, во Општина Кисела Вода, беше рушена дивоградба, по донесено решение за отстранување на објект кој не поседува соодветни технички акти.
Станува збор за поранешен деловен објект во сопственост на ГП „Пелагонија 5 – Градилиште механизација“ во стечај, за кој не постои потребната техничка документација и кој никогаш не бил евидентиран во Агенцијата за катастар.
„Општина Кисела Вода ќе работи исклучиво законски, почитувајќи ги сите закони и правила. Нема да има двојни стандарди за никого и нема да дозволиме прекршување на било каков закон. Законите мора да важат подеднакво за сите. Во мојот мандат ќе сe залагам за работење исклучиво според право и правда“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска – Трајкоска, посочувајќи дека институцијата ќе постапува одговорно за сите случаи каде ќе се утврдат нерегуларности во однос на објекти на територијата на општината.
„За секој објект кај кој ќе се утврдат неправилности ќе биде издадено решение за отстранување. Тоа е единствениот начин да воспоставиме ред и правичност и да го заштитиме јавниот интерес“, рече Стаменкоска – Трајкоска.

