Македонија
Радарот на Скопскиот аеродром е целосно функционален, за само три дена решивме проблем кој траел 30 години, вели Николоски

Радарот на Скопскиот аеродром утрово повторно е ставен во функција и проблемот е решен за само три дена. Сите безбедносни протоколи се испочитувани овие денови и сообраќајот се одвива безбедно. Проблемот постои триесетина години, зошто претходната Влада седум години не го решила проблемот и зошто не е инсталиран новиот радар кој е набавен, – истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, при денешната работна посета на Кавадарци.
„Од утрово имаме целосно функционален радар на Скопскиот аеродром и на тој начин проблемите се решени. Проблемот успеавме да го решиме во рекордно време од само три дена и уште повеќе да детектираме една работа која што можеби не и беше позната на јавноста, а тоа е дека и досега, седум години наназад, овој радар работел само со еден канал. Во овие три дена, со заедничка координација, на повеќе ресори од Владата, како и со активна работа на раководството на М-НАВ, како и во пријателска работа и помошта од контролата за летање од Бугарија, како и Владата на Италија успеавме да најдеме решение и сега двата канали се во функција”, истакна Николоски.
„Сите безбедносни протоколи беа испочитувани овие три дена и гледате дека најнормално слетуваа и полетуваа авиони од сите авио компании и така ќе продолжи да биде и во иднина” додаде Николоски.
Посочи дека моменталниот радар е 27 години стар и за истиот престанале да се произведуваат делови уште пред седум години. Исто така праша зошто претходната Влада на СДСМ не го инсталирала новиот радар кој е набавен, пристигнат во Скопје и стои во депо. Тој ја повика опозицијата да не шири паника помеѓу граѓаните.
„Навистина е на раб на чудо како успеавме да набавиме резервни делови. И во исто време да прашам, зошто претходната Влада на СДСМ не го инсталираше целосно новиот радар кој што е пристигнат во Скопје од компанијата “Леонардо” и стои немонтиран. Еве да најавам дека на следната седница на Влада во вторник, ние ќе донесеме одлука со која што ќе пристапиме кон монтирање на истиот”, рече Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова во ОН: Руската агресија директно ги загрозува меѓународниот мир и безбедноста

Потресите на меѓународниот поредок отворија длабоки геополитички раседи. Еден од најактивните е во Украина, каде веќе три и пол години беснее војна. Руската агресија е флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации и директно ги загрозува меѓународниот мир и безбедноста, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на генералната дебата на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
Таа изрази и загриженост и за неодамнешните нарушувања на воздушниот простор на Полска, Романија и Естонија, земји-членки на НАТО.
„Ја поддржавме Заедничката изјава од 12 септември и повикуваме на итна деескалација, доследно почитување на меѓународното право и примена на превентивната дипломатија за намалување на тензиите и зачувување на мирот“, рече претседателката.
Според неа, геополитичката раседна линија минува и низ регионот на Западен Балкан.
„Процесот на македонското пристапување кон Европската Унија веќе 20 години е континуирано попречуван, но не врз основа на објективните копенхагенски критериуми, туку поради субјективни, националистички причини. Најновиот ЕУ услов за почеток на нашите преговори е нова, наметната промена на Уставот. Уставот како lex superior и општествен договор меѓу граѓаните, во Русоова смисла на зборот, е највнатрешното прашање на секоја држава. Нашиот устав предвидува четири предлагачи на измени: претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници и 150.000 граѓани. Јасно е дека овластен предлагач на амандмани не може да биде наш сосед, ниту Европската Унија“, рече Сиљановска – Давкова.
Таа укажа дека условувањето на почетокот на преговорите со нови уставни измени повторно ги отвора прашањата за историјата, културата и јазикот, за кои бевме убедувани дека се затворени со Преспанскиот договор со Грција.
„Постојано сме предупредувани дека договорите мора да се почитуваат: Pacta sunt servanda. Се согласувам, но напоменувам дека во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија нема одредби за уставни измени. Конечно, со конститутивните акти ЕУ себеси се дефинира како „единство на различности“ и се обврзува да ги почитува „културната и јазична разновидност“, „националниот и културниот идентитет“, „дигнитетот и интегритетот“. Како е можно тогаш од нас да се бара со сосед да разговараме и преговараме за нашата историја, култура и јазик?“, праша таа.
Сиљановска – Давкова предупреди дека по војната во Украина, блокираната евроинтеграција на Западниот Балкан не е само политичко, туку е безбедносно прашање.
„Со затворената политичка врата за земјите од Западниот Балкан и широко отворена врата за влијание на трети геополитички центри на моќ, иронично е Унијата да повикува на отпорност кон нив. Зарем треба да се најдеме на дневниот ред на Советот за безбедност, за ЕУ да го деблокира нашето проширување? Ако Европската Унија сака да биде геополитичка унија, таа не смее да го остави Западниот Балкан во геополитички вакуум. Kако што укажа претседателката на Европската комисија, Европската Унија мора час поскоро да го скрши оклопот на консензусот ако сака да ја заврши ре-унификацијата на Европа и повторно да стане силен геополитички фактор“, рече претседателката.
Македонија
Тошковски: Стабилна безбедносна состојба во Дебар – ГП „Блато“ станува мост на поврзување со Албанија

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на ОВР Дебар при што го посети и Граничниот премин „Блато“ кој се наоѓа во близината на Дебар.
Министерот Тошковски со раководството на ОВР Дебар беше информиран дека безбедносната состојба во целиот регион е стабилна со значително подобрени резултати во справувањето со насилниот криминал, имотните деликти и унапредување на сообраќајната безбедност. На средбата раководството го информираше министерот дека веќе активно се преземаат оперативни активности во насока на обезбедување мирен, безбеден и демократски изборен процес.
„Што се однесува до Граничниот премин „Блато“ евидентиран е значително поголем број на патници од минатата и претходните години. Преминот станува вистинска мост на поврзување за граѓаните кои одат на одмор во соседна Албанија и туристите кои доаѓаат на одмор, бањско лекување, викенд престој, роднинските посети, домашни веселби, како и шопинг. Со тоа, нашата соработка со албанските колеги е насочена кон имплементација на системот „One Stop“, кој преку дополнителни инфраструктурни решенија ќе обезбеди трајно намалување на гужвите и поефикасен проток на патници и возила како во текот на целата година а посебно за периодите на зголемен туристички сообраќај“, истакна министерот Тошковски.
Македонија
Отворен конзулат на Казахстан во Куманово

Претставници од Општина Куманово, предводени од претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, денеска присуствуваа на свеченото отворање на конзулат и инаугурација на Почесниот конзул на Република Казахстан во Куманово, Ејуп Абдулахи.
На пригодниот настан присуствуваа претставници од високи државни институции во земјава, од дипломатскиот кор, амбасадори и претставници од бизнис секторот.
Пред присутните се обрати претседателката на Советот на Општината, истакнувајќи ја важноста на воспоставената соработка во повеќе економски сегменти (технологија, енергетика и трговска размена) меѓу казахстанскиот град Караганда и Куманово.