Македонија
Собраниска делегација во меѓународна мисија за набљудување на парламентарните избори во Молдавија

Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) во состав: Моника Зајкова, шеф на делегацијата; Никола Мицевски и Мимоза Муса, членови; како и Марија Петрушевска, шеф на делегацијата во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ), учествуваат во Меѓународната мисија за набљудување на парламентарните избори во Молдавија, што се одржуваат на 28 септември 2025 година.
Мисијата на ПС на ОБСЕ се состои од повеќе 100 парламентарци од 34 земји на ОБСЕ, кои се распоредени за набљудување на изборите во Кишињев и околината, Анени Нои, Балци, Басарабеаска, Комрат, Каушени, Леова, Орхеј, Сорока, Резина и др. Специјален координатор на краткорочната мисија на ОБСЕ за набљудување на изборите во Молдавија е Паула Кардозо, пратеничка од Португалија, а шеф на набљудувачката мисија на ПС на ОБСЕ е Линеа Викман, пратеничка од Шведска. Мисијата на ПС на СЕ, предводена од Крис Саид, пратеник од Малта, брои 25 пратеници.
Набљудувачите на ПС на ОБСЕ и ПС на СЕ тесно соработуваат со експертите и набљудувачите од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР), на чело со шефицата на Мисијата, Џилијан Стирк (Канада), и со Мисијата на Европскиот парламент, предводена од европратеникот Михаел Галер (Германија).
Во пресрет на изборите набљудувачите учествуваа на дводевни сеопфатни брифинзи со високи претставници на политичките партии и коалиции што учествуваат на изборите, со независни кандидати за пратеници, со шефот и долгорочните набљудувачи на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, како и со претставници на изборната администрација, на граѓанските организации, на медиумите, аналитичари и експерти.
Меѓународната мисија за набљудување на парламентарните избори во Молдавија треба да процени дали изборите се спроведуваат во согласност со демократските заложби содржани во Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 година, кои вклучуваат, меѓу другото, слободно гласање, фер и слободна атмосфера на кампањата, еднаков пристап до медиумите и точно известување за резултатите. Наодите на набљудувачите ќе бидат анализирани и вклучени во изјавата со првични наоди и заклучоци, која ќе биде претставена назаедничката прес-конференција на Меѓународната мисија за набљудување на изборите во Молдавија, што ќе се одржи на 29 септември 2025 година во Кишињев и ќе се пренесува во живо на веб-страницата на ПС на ОБСЕ (www.oscepa.org).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Секој што на каков било начин има поврзаност со случајот во Кочани да биде изведен пред лицето на правдата

Премиерот Христијан Мицкоски, денес, одговарајќи на новинарско прашање во однос на најновата сторија на ИРЛ, која споменува вмешаност на даночни инспектори во случајот во Кочани, а не биле опфатени во обвинението, изјави:
„Благодарам, се разбира дека случајот го води Обвинителството. Јавниот државен обвинител Коцевски, таму видовте и вие, изминатиов период дванаесетина обвинители беа тие што работеа на овој случај. Ако е прашањето дали сум задоволен од работата на Обвинителството, мојот одговор ќе биде – не сум задоволен. И токму тоа беше причината зошто поддржувме во парламентот смена на Коцевски. А зошто СДСМ и ДУИ не ја поддржаа смената на Коцевски, тоа е друго прашање. Така што секој оној што на каков било начин и во каква било форма има каква било поврзаност со овој случај треба да биде изведен пред лицето на правдата“.
Македонија
(Видео) Нема операции на Кардиохирургија, дали министерот за здравство работи за приватните клиники, прашуваат од СДСМ

Според опозициската СДСМ, состојбата во македонското здравство е катастрофална.
Како што оценуваат, неспопсбноста на власта, создаде таков хаос, што болниците остануваат без лекари а пациентите сами со својата мака.
Недостигот на специјалисти, додава Елена Радеска од оваа партија, е огромен проблем кој се продлабочува.
„Клиниката за Kардиохирургија е во толку тешка состојба да поради недостиг од стручен кадар во моментов нема кој да оперира.
Нема операции, нема нови интервенции, нема надеж.
Тоа го признава и актуелниот министер за здравтво но владата на ВМРО-ДПМНЕ нема решение.
Граѓаните слушаат само оправдувања, треба да чекаат лекари од странство привремено да дојдат за да може да се направи операција. Или се принудени да одат на приватни клиники кои им се недостижни.
Ова е срам и голема неправда за сите кои се борат за здравје и живот. Ова власт секој ден покажува и докажува дека работи само за големите приватни болници, додека здравствениот систем тоне во хаос, а за граѓните ништо не се прави.
Министерот за здравсто наместо за доброто на јавното здравство, на болниците, клиниките, здравствените установи како да работи само за доброто на приватните болници“.
Ситуацијата со факторите на коагулација, како што истакнува, е уште еден пример за неспособност и негрижа.
„Наместо да се обезбеди рекомбинантен фактор VIII, тендерот пропадна. Сега се користат плазматски и препарати од четврта генерација. Трошокот е енормен, а пациентите се оставени да живеат во страв дали воопшто ќе имаат терапија.
Ова се тажни приказни на вистински луѓе кои секојдневно живеат во неизвесност поради оваа власт. Секое одложување, секоја погрешна одлука и секоја пропуштена шанса во здравството значи човечки животи.
За овој хаос во здравството мора да има одговорност“.
Македонија
Уапсени 60 лица за подметнување пожари во Македонија

Од 01 април до 29 септември регистрирани се вкупно 2.080 пожари на отворен простор, при што приведени се вкупно 60 лица, а по преземени мерки поднесени се 36 кривични пријави, информира Министерството за внатрешни работи.
Најголемиот број на настанати пожари е утврдено дека се предизвикани од човечки фактор, со различни мотиви и се преземаат мерки и активности за расчистување на случаите и откривање на нивна евентуална меѓусебна поврзаност.
Исто така, од 01.07.2025 година, откако е воведена забрана за движење во шуми, до 29.09.2025 без писмено одобрение за движење во шума, биле затекнати 27 лица. Против истите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци по Закон за шуми.
Во насока на рана превенција од пожари, полициските служби употребуваат дронови за мониторирање на шумските појаси на територијата на државата.
„Со воведувањето на овие оперативни мерки зголемена е ефикасноста во делот на раното предупредување и лоцирање на евентуалните пожари, како и детектирањето на можните причини или причинители на истите“, велат од МВР.