Македонија
Мицкоски: Со црвените линии за Бугарија, Филипче подготвува ново предавство и нов бонбона бизнис

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Вевчани порача дека на овие локални избори, Социјалдемократскиот сојуз го очекува уште еден изборен дебакл.
Посочи дека лицемерие е кога Венко Филипче вели, дека нема да води негативна кампања, а веќе во наредната реченица ја злоупотребува големата човечка трагедија која се случи во Кочани, а истиот тој, како што дополни Мицксоки, спрема и ново предавство и поклон за нашиот источен сосед, Бугарија преку нивните т.н. црвени линии.
„Тоа е всушност реалното лице на опозицијата која во најновите пазарџиски трикови сака и да спакува нов поклон за нашиот источен сосед. Тоа е подарок којшто тие го нарекоа Резолуција или црвени линии, после кој СДСМ сака, нормално, да изроди некоја нова отстапка на грбот на македонскиот народ, на грбот на македонските граѓани. Сосема сигурно оттука може да се заклучи ако францускиот т.н. предлог беше толку прекрасен и Венко ни велеше дека идентитетот бил заштитен, тогаш прашањето ни е зошто, тогаш, ни требаат овие црвени линии, коишто се дел од т.н. резолуција на СДСМ. Одговорот лежи во тоа дека СДСМ, повторно, со трикови сака да направи некој нов бонбона бизнис, познат за нив како карактерна особина од минатото“, истакна Мицкоски.
Затоа порача Мицкоски на овие избори мора да се излезе масовно и во огромен број и да се изрази волјата јасно, дека народот владее во оваа држава а не, како што рече, тесните клики кои владеењето го гледаат само преку призмата на наместени тендери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: СДСМ отсекогаш била повеќе од партија, била движење за слобода

Вечерва СДСМ и коалицијата по слоганот „Се бориме за нашиот дом“, ја претставуваат програмата од Пробиштип од каде лидерот на СДСМ Венко Филипче порача дека не смее да се доволи Македонија да стане приватна сопственост.
„Од овде, од Пробиштип, испраќаме јасна порака – да го одбраниме нашиот заеднички дом. Да ја одбраниме Македонија како дом за сите, не како приватна сопственост на неколкумина од власта. Македонија е наш заеднички дом – дом во кој секој граѓанин е еднаков, во кој има место за сите, а не само за привилегираните околу власта. Да изградиме општество каде што младите ќе остануваат, а не ќе заминуваат. Да создадеме Македонија во која чесниот труд ќе се вреднува, а не партиската книшка“, рече Филипче во Пробиштип.
Притоа тој истакна дека изборот на локалните избори не е само политичка, туку е битка за праведност, за достоинство и за иднината на следните генерации.
„СДСМ отсекогаш била повеќе од партија, била движење за слобода, за правда, за еднаквост. Нашите корени се во АСНОМ, во генерации што ја вградија темелната вредност државата да биде дом на секој човек. Вечерва таа вредност ја ставаме на прво место. Зашто без вас, без нашето јадро, без нашето членство, нема СДСМ. Без вас, нема иднина за правда, за еднаквост, за грижа“, рече тој.
Филипче исто така порача дека е време да се врати надежта и да се покажее дека СДСМ знае да ја исправи државата во секое маало и секоја зграда.
„Не ветувам лесен пат. Ветувам борба чесна, упорна, со главата горе. Ние сме наследници на идејата за слободна, праведна и солидарна Македонија. Време е да се собереме и да ја изградиме силата што ќе ја запре неправдата и ќе ја врати државата во рацете на народот“, рече Филипче.
Македонија
Лабудовиќ: Центар ќе го вратиме во рацете на граѓаните, време е за нова енергија и вистински промени

Кандидатот за градоначалник на Центар од редовите на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, остварија средба со граѓаните на Центар, на која во фокус беа проблемите кои ја засегаат општината – урбанистичкиот хаос, загадувањето, недостигот на паркинг и потребата од повеќе зелени површини и подобра инфраструктура.
„Центар не смее да остане заглавен во апатија и хаос. Време е да ја прекинеме праксата на импровизации.
Мојата визија е јасна – чист и зелен Центар, со современа инфраструктура, со правилен урбанизам и транспарентна локална власт што ќе биде сервис на граѓаните, а не на малкумина привилегирани.
Ќе ја вратиме општината во рацете на жителите и ќе изградиме средина во која младите ќе сакаат да останат и да создаваат своја иднина.“ – истакна Лабудовиќ.
Лабудовиќ посочи дека Центар заслужува раководство што работи како вистински сервис на граѓаните – со подобра комунална инфраструктура, решенија за сообраќајниот метеж, нови простори за спорт и рекреација и културен развој кој ќе ја врати душата на општината.
За да се постигнат вистински промени, потребно е обединето дејствување. Во тој контекст, соработката меѓу Движењето ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ е клучна, како гаранција за стабилност, системски решенија и долгорочни резултати за Центар.
„Само заедно можеме да го изградиме Центар кој ќе му припаѓа на народот. Секоја средба со граѓаните е потврда дека силата е во заедништвото, во искрените разговори и конкретните решенија. Ви благодарам за довербата, таа е најголемата мотивација да донесеме вистински промени.“ – додаде Лабудовиќ.
Центарци изразија целосна поддршка за Лабудовиќ, нагласувајќи дека е време за нова енергија, визија и чесно водење – Центар да стане општина со која сите ќе се гордееме.
Македонија
Сајкоски: Време е Струга да добие надеж за подобра иднина

На денешниот митинг во Струга генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски истакна дека со преземањето на одговорноста да ја води Владата, ВМРО-ДПМНЕ покажа како за кратко време, односно за година и половина може да се направат многу проекти кои го подобруваат животот на граѓаните.
Сајкоски порача дека од новите советници на Општина Струга, како и од стружани кои се директните учесници во извршната власт се очекува да испорачаат проекти кои во градот ќе го направат услови за подостоинствено живеење кои го подобрат квалитетот на животот.
Додаде дека време е Струга да добие надеж за подобра иднина, надеж за развој, надеж за пораз на криминалот и корупцијата.
„Долго време Струга е во рацете на луѓе коишто немаат чувство ни за своите, ни за туѓите. Во рацете на оние коишто се борат само за себе, но за да ги поништат сите други, во рацете на оние коишто тонат во криминал и коишто направија огромна штета и за Струга и за сите општини со кои раководат тие. ДУИ направи штета и за своите, и за Албанците, и за Македонците, Турците, Ромите и другите граѓани и во Струга и во другите региони“, истакна Сајкоски.
Затоа, Сајкоски ги повика сите стружани на овие локални избори да направат референдумско гласање во Струга и со тоа да се поразат сите политички чинители и да се даде нова надеж на градот, за Струга да биде подостоинствен град и да се гради со поддршка од централната власт.
Сајкоски посочи дека изминатите години Струга беше препознаена по неработење и криминал, но заеднички, со гласање за број 9, Струга ќе стане туристичко место кое ќе сакаме да го посетуваме сите граѓани од Македонија, како и посакувана туристичка дестинација и за граѓаните од регионот. Сајкоски заклучи дека токму затоа е време за Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето Место! За твојата иднина!