Македонија
Муртезани – Странд: Македонија и Финска ја делат визијата за проширувањето како стратешка политика на Унијата
Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Скопје беше домаќин на министерот за европски прашања на Република Финска, Јоаким Странд, кој престојува во работна посета на регионот. Средбата се одржа во контекст на континуираниот дијалог меѓу Северна Македонија и Финска за европската интеграција и реформските процеси, со цел зајакнување на билатералното партнерство и потврдување на стратешката определба за проширувањето како политика од заеднички интерес.
Во фокусот на тет-а-тет разговорот и пленарната средба на двете делегации беа европската перспектива на Северна Македонија, имплементацијата на Реформската агенда и улогата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан како инструмент за економска интеграција и социо-економска конвергенција. Соговорниците констатираа дека оваа иницијатива, преку пакетот од 6 милијарди евра и поврзувањето на финансиската поддршка со конкретни резултати, отвора ново поглавје во политиката на проширување и нуди реални придобивки за граѓаните уште пред формалното членство. Во таа насока, беше оценето дека Реформската агенда претставува кредибилен патоказ за модернизација на институциите, подобрување на владеењето на правото и забрзување на економската конвергенција со ЕУ.
Муртезани се осврна на завршувањето на скрининг процесот и подготвеноста на земјата да го отвори првиот кластер „Фундаментални вредности“, како суштински чекор за системско следење на напредокот во реформите. Тој ја истакна важноста на предвидливиот и меритократски пристап на ЕУ како предуслов за зачувување на мотивацијата и довербата на граѓаните во европскиот проект. Притоа ја потенцираше улогата на Северна Македонија како кредибилен партнер кој активно придонесува за регионалната стабилност и за унапредувањето на европската агенда на Западен Балкан.
Странд, од своја страна, изрази уверување дека Северна Македонија со досегашниот реформски напредок демонстрира сериозна посветеност кон европските стандарди. Тој подвлече дека Финска останува доследен поддржувач на политиката на проширување заснована на заслуги и оцени дека реформите во владеењето на правото, демократијата и институционалната ефикасност се темели на кои ќе се гради понатамошниот напредок. Странд се осврна и на пошироката геополитичка димензија на проширувањето, нагласувајќи дека стабилен и интегриран Западен Балкан е суштински елемент за зајакнување на безбедноста и отпорноста на Европската Унија во целина.
Муртезани и Странд се согласија дека партнерството и сојузништвото меѓу Северна Македонија и Финска има значајна додадена вредност преку конкретни форми на експертска и техничка соработка. Во таа насока, беа поздравени досегашните седум Twinning проекти реализирани со учество на фински институции, во полето на унапредувањето на управувањето со животната средина, административната ефикасност и подготвеноста за користење на европските фондови. Перспективата за нови проекти во областа на јавната администрација, дигиталната трансформација и медиумските реформи беше согледана од министрите како значаен потенцијал за натамошно јакнење на институционалните капацитети на Северна Македонија.
Муртезани и Странд заеднички изразија уверување дека Северна Македонија и Финска ја делат визијата за проширувањето како стратешка политика на Унијата која, преку Планот за раст и реформските агенди, ја надминува традиционалната „техничка“ рамка на пристапните преговори. На денешните средби, проширувањето беше согледано како политички и економски процес од заеднички интерес, кој носи стабилност и безбедност за целиот европски континент, а со тоа и јасна порака дека европската интеграција на Западен Балкан останува нераскинлив дел од иднината на Унијата.
—————————————
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.

