Македонија
Лукровски: На Карпош му е доста од бетонизација, ќе се формира ЈП ,,Карпош план“ со цел ревизија на сите урбанистички планови

На Карпош му е доста од бетонизација. Нашата општина, која со години важеше за пример на хумано и квалитетно живеење, денес е под притисок на непланска градба, урбанистички решенија кои ја гушат секоја населба, вели Сотир Лукровски,кандидат за градоначалник на Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
На Карпош, додава тој, му е доста од градби кои го одземаат зеленилото и создаваат бетонски џунгли.
„На Карпош му е потребна хумана урбанизација, со рамнотежа меѓу домувањето зелените површини, инфраструктурата, јавниот интерес.
Јас велам не,за дуповите за мерка на урбаната мафија и не за пренатрупување на нашите населби.
Досега видовме како интересите на мал број инвеститори беа ставени пред интересот на граѓаните. Сведоци сме како паркови, игралишта исчезнуваа, а на нивно место никнуваа згради.
Луѓето од Карпош живеат во страв, дека паркот пред зградата, дека дрвото до нивниот влез, дека просторот за нивните деца, ќе стане само уште една нова градежна парцела.
Јас Сотир Лукровски, ви ветувам дека тоа ќе престане. Како идно раководство на Општина Карпош ќе направиме неколку клучни чекор“и.
Најави целосна ревизија на сите детални урбанистички планови, дупови.
Секој план што е донесен спротивно на јавниот интерес, како што рече, ќе биде вратен и преиспитан.
„Формирање на ЈП ,,Карпош план“ кое ќе биде по целосна контрола на општината и граѓаните и ќе изработува планови во интерес на хуманата урбанизација, а не по нарачка на некој.
Ви давам гаранција дека ќе го штитам јавниот интерес, граѓаните и нема повеќе да се плашат дека паркот пред нивната зграда, игралиштето или малото парче зеленило ќе прерасне во нова зграда.
Гарантирам, отворен процес на консултации со жителите, и ниту еден план нема да се носи без транспарентна дебата и директна вклученост на оние што живеат во таа населба.
Карпошани заслужуваат чист воздух, зеленило, простор за децата, и мирен живот на своите маала. Не заслужуваат хаос. Не заслужуваат бетони и уништување на се што е вредно околу нас“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Костова: Бројот на работници во индустријата намален за 2,6 процента, лоши политики на Мицкоски и ДПМНЕ

Во кругот фабрики во Штип, пред само неколку дена ѝ беше ставен клуч на уште една фабрика, чии работници останаа без плата, без здравствено и пензиско осигурување, без социјална безбедност.
Со Мицкоски и ДПМНЕ, фабричките погони се празнат и затвораат, работниците остануваат на улица, вели Кристина Костова, потпретседателкта на СДСМ.
„Индустриското производство паѓа, а за една година бројот на работници во индустријата е намален за 2,6 проценти. Ова е резултатот на лошите економски политики на Владата на Мицкоски и ДПМНЕ. Со овој податок јасно се потврдува дека и индустријата е во лоша состојба. Најсилен удар има во преработувачката индустрија, пад од 2,7 проценти, во рударството пад од 1,7, во енергетиката пад од 0,6. Странските инвестиции се преполовени за само една година.
Од јануари до август падот на бројноста изнесува 3,8 проценти“.
Овој пад, според неа е директен резултат на лошите економски политики на Владата на Христијан Мицкоски и ДПМНЕ.
Оценува дека без план за индустријата, без предвидливост и без сериозна поддршка за инвестициите и индустријата, економијата и натаму ќе биде во ризик.
Но, ова, според неа, не е единствен проблем во економијата.
„Нема реално зголемување на платите. На хартија нешто се менува, ама во паричникот ништо. Инфлацијата го јаде секој денар, стандардот паѓа, кошницата поскапува, а Владата не убедува дека сме биле четврта или шеста економија во Европа. Нема контрола на цените. Основните продукти се недостапни за илјадници семејства, маржите не се контролирани, инспекциите молчат. Економијата стагнира. Падот кај капиталните производи е 7,1 процент, што значи стопирани инвестиции и одложени набавки на машини. Тоа е јасен знак дека индустријата нема доверба во насоката на Владата. Енергетската политика е хаотична. Сметките за струја останаа високи, договорите непредвидливи, компаниите ја губат конкурентноста. Во вакви услови нема нови работни места, има само отпуштања“.
Како што вели таа аминистрацијата е партизирана, процедурите се бавни, повратот на ДДВ касни, извозниците чекаат. Кога државата кочи, економијата не може да оди напред.
Порача дека ова е владин неуспех.
СДСМ, подвлече таа, бара веднаш, план за стабилизирање на индустријата и стандардот. „Итни мерки за предвидливи енергетски договори за индустријата, зајакната контрола на цените во основната кошница, реален социјален дијалог за плати што ќе ја победат инфлацијата, деблокада на капиталните инвестиции и партнерство со извозниците“.
Македонија
Муцунски – Странд: посочена важноста од поголема динамика во процесот на интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ

Денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со Јоаким Странд, министер за европски прашања и државно сопствеништво на Финска, кој престојува во работна посета на земјава.
Разговорите беа посветени на актуелните европски и регионални прашања, со посебен акцент на политиката на проширување на Европската унија и перспективите во пристапниот процес. Министерот Муцунски ја реафирмираше цврстата посветеност за забрзување на евроинтегративниот процес со цел полноправно членство во ЕУ, во согласност со воспоставените критериуми и стандарди. Тој истакна дека државата останува доследен и кредибилен партнер на ЕУ, кој континуирано работи на спроведување на реформите и активно придонесува кон регионалната стабилност и соработка.
Муцунски посочи и на важноста од поголема предвидливост и динамика во процесот на интеграција на земјите од регионот во ЕУ, изразувајќи благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од страна на Финска.
Двајцата министри разговараа и за билатералните односи, потврдувајќи ја заедничката заложба за нивно натамошно продлабочување и унапредување на соработката во сите области од заемен интерес.
Македонија
Набавени 80.000 вакцини против сезонски грип – имунизацијата ќе почне во втората половина на месецот

Министерството за здравство информира дека е потпишан договор за набавка на 80.000 вакцини против сезонски грип.
Во текот на следната недела се очекува да пристигнат вакцините, по што традиционално, имунизацијата против грип ќе почне во втората половина на месецов, соопштуваат од министерството.
„Годинава се набавени најголем број вакцини за оваа намена досега. Станува збор за четиривалентна вакцина од реномираниот производител Абот од Холандија.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните групи население, како што се: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми и компликации, особено кај ризичните групи“.