Црна хроника
Психички ја злоставувал и застрашувал: маж ја демнел поранешната сопруга
По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп до Основниот суд во Крушево поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Демнење од член 144-а став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти обвинителството.
Во временскиот период од август 2023 година до август 2025, обвинетиот повторено неовластено ја следел и прогонувал неговата поранешна сопруга, се мешал во нејзиниот личен живот и воспоставувал несакан контакт, движејќи се во просторот каде таа се наоѓала. Жената психички ја злоставувал, вознемирувал и застрашувал и со тоа предизвикал чувство на несигурност, вознемиреност и страв кај неа.
Постојано телефонски ја контактирал и ја навредувал, повремено упатувајќи и закани по живот. Се обидувал да влезе и во нејзиниот дом, а ја следел и се појавувал и на нејзиното работно место во Центарот за социјални работи.
Во текот на претходната постапка на обвинетиот му беа определени мерки на претпазливост кои не ги почитуваше, па надлежниот јавен обвинител заедно со обвинението поднесе и посебен предлог за определување мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец повикан на службен разговор по пријава дека ја нападнал партнерката
Полициски службеници од Кисела Вода утрово извршиле службен разговор со М.Х. (22) од Скопје. Разговорот следел по пријава поднесена од неговата 22-годишна партнерка.
Според пријавата, на 17 ноември 2025 година околу 18:30 часот, во домот каде што престојувала на подрачјето на Бит Пазар, таа била физички нападната од пријавениот.
Полицијата информира дека по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Црна хроника
Осуденик нападнат во Идризово oд тројца затвореници
Осуденик во Идризово бил физички нападнат од тројца други затвореници, а во нападот бил употребен и тврд предмет.
Случајот го пријавиле од затворот.
Според пријавата, инцидентот се случил вчера, а нападнат бил И.И. (61) од селото Челопек, тетовско.
Полицијата известува дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Велосипедист тешко повреден во сообраќајна несреќа на патот Струга – Враништа
Во полицијата во Струга било пријавено дека на регионалниот пат од Струга кон селото Враништа се случила сообраќајна несреќа во која учествувале патничко возило „фолксваген голф“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Т.А. (57) од Горно Татеши, и велосипед управуван од Р.Ш. (65) од Враништа.
Во несреќата тешки телесни повреди добил велосипедистот, а повредите му биле констатирани во Специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид.
Увид на местото извршила екипа од ОВР Струга.

