Македонија
Македонија од денес и официјално дел од СЕПА: полесни и побрзи плаќања во евра
Министерството за европски прашања информира дека од денес, 7 октомври 2025 година, Република Северна Македонија официјално започнува со примена на Единствената зона за плаќања во евра (SEPA), со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат и примаат плаќања во евра кон и од земјите членки на SEPA под исти услови како и во Европската Унија.
Денес, со започнување на практичната примена за полесни, побрзи и поевтини трансакции во евра, Северна Македонија и официјално стана активен дел од европската зона за плаќања, што претставува важен чекор во унапредување на интеграцијата со единствениот европски пазар, истакнуваат од министерството.
Приклучувањето кон SEPA, како што е појаснето, е дел од активностите во рамките на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој има за цел да ја забрза економската интеграција на земјите од регионот со Европската Унија преку зголемен пристап до единствениот пазар, поттикнување на инвестиции и унапредување на финансиските услуги.
„Овој значаен напредок претставува конкретен резултат од заложбите на Владата и на Министерството за европски прашања на Република Северна Македонија за спроведување на европските стандарди и подобрување на условите за граѓаните и бизнисите. Со имплементацијата на SEPA плаќањата, нашата земја се приближува кон европските финансиски текови и го потврдува својот континуиран напредок на патот кон членство во Европската Унија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Сарај и високата зона во населба Ѓорче Петров
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради дефект на затварач со пречник од Ф-350 мм на ул. 20 во нас. Сарај, од 07:30 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Лака, Крушопек, Грчец, Шишево, Глумово, Горна и Долна Матка, Арнакија, Љубин и село Сарај, (Општина Сарај) и високата зона, односно повисоките катови од зградите во населба Ѓорче Петров.
Македонија
Дел од Бутел денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 09:30 часот, објектот на ДОГАН ИНВЕСТ ДООЕЛ-СКОПЈЕ, односно објектот на Форд на самата раскрсница булевар Македонско-Косовска Бригада со булевар Босна и Херцеговина. (Општина Бутел)
Македонија
Продолжува периодот на стабилно и релативно топло време за овој период од годината
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 11 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на стабилно и релативно топло време за овој период од годината. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.

