Македонија
Адвокатите однапред изнесуваат неосновани очекувања за предметот со дикотеката „Пулс“, реагира Коцевски
Најостро реагирам на начинот на кој дел од адвокатите јавно го коментираат поднесеното обвинение за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ и однапред изнесуваат неосновани очекувања во однос на траењето на судската постапка, без воопшто да се запознаени со содржината на обвинението, доказниот материјал или планираната динамика на Судот за одржување на рочиштата, истакнува јавниот обвинител Љупчо Коцевски во писмото кое го испратил до претседателот на Адвокатската комора на Македонија.
Ова, како што вели е спротивно на член 13 од Кодексот за професионална етика на адвокатите, согласно кој во извршувањето на својата професија, адвокатот е должен да го чува угледот на судот и институциите пред кои се јавува.
„Изнесувањето на неосновани проценки во поглед на долгото траење на судската постапка наштетува пред се на угледот на Судот и претставува обид истиот да се прикаже како спор и неефикасен, иако судењето воопшто не е започнато. Нагласуваме дека Јавното обвинителство во моментов води повеќе активни судски постапки со кои се опфатени повеќе десетици обвинети, а судењата течат редовно и без застој. Јавните обвинители се водат единствено од доказите и немаат никаква можност да избираат колку обвинети ќе вклучат во постапките што ги водат“.
Во писмото укажува дека одредени адвокати, како што вели, го злоупотребуваат професионалното својство, се претставуваат и ја коментираат постапката и обвинението како непристрасни правни експерти, без притоа да појаснат дека всушност се бранители на обвинетите кои во основа ги застапуваат интересите на својот клиент, доведувајќи ја со тоа во заблуда јавноста и особено оштетените.
Коцевски потенцира дека местото за соочување на доказите е судницата.
„Избегнувањето на судската постапка и обидот да се влијае на процесот со јавно изнесување на дезинформации, само ја покажува цврстината на доказите обезбедени од Обвинителството. Во прилог на тоа говори и фактот дека ниту еден од бранителите до овој момент до обвинителството не доставил доказ или известување дека презел самостојно дејствие за обезбедување докази во корист на неговиот клиент согласно член 306 од ЗКП.
Во тој контекст, особено би сакале да го посочиме учеството на адвокат Сузана Јошевска Атанасовска во емисијата “Студио 10“ на Телевизија 24 на 08.10.2025 година како пример за неетички јавен настап, спротивен на принципите на Кодексот за професионална етика на адвокатите. Во емисијата таа изнесува комплетни невистини дека не и бил даден дел од доказниот материјал кој е приложен заедно со обвинението, обидувајќи се на тој начин да го наруши интегритетот на истрагата и угледот на јавнообвинителската институција. Наведените пораки се дел од извештајот за анализирана телефонска комуникација изготвен од МВР-БЈБ кој е дел од доказниот материјал доставен интегрално во судот и до сите бранители.
Целокупниот доказен материјал за предметот “Кочани” е навистина обемен и е резултат на макотрпна интензивна работа на јавните обвинители. Доколку почитуваната адвокатка не го презела во целост или се уште не стигнала ни да го прегледа, што е нејзина должност како бранител, тоа ќе има можност да го истакне пред Судот онака како што налага Законот за кривична постапка. Ова особено бидејќи наведените пораки воопшто не се однесуваат на нејзиниот клиент. Ваквиот јавен настап е целосно спротивен на општиот принцип број 5 од Кодексот кој им забранува на адвокатите да се рекламираат и да бараат личен публицитет на недостоен начин, какво што е впрочем изнесувањето целосни невистини.
Пред нас како држава е тежок, но исклучително важен судски процес со кој треба да испорачаме правда за сите жртви во кочанската трагедија. Адвокатите исто така имаат професионална одговорност да дадат придонес за ефикасно и правично судење. Барам од Вас, како претседател на организацијата која треба да ги штити професионалните стандарди на адвокатурата, да апелирате во тој поглед. Јавните обвинители, поради обврската кон семејствата на жртвите и кон повредените, но и кон целокупната јавност, ќе реагираат и остро ќе се спротивстават на секој обид за одолговлекување или компромитација на постапката.
Јавнообвинителскиот тим кој ќе го застапува обвинението во предметот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ е единствен и ја има апсолутната поддршка од целокупната јавнообвинителска организација. Како одговорна и сериозна институција нема да дозволиме ниту едно единствено рочиште да се одложи или да биде обременето по вина на јавен обвинител.
Поднесениот обвинителен акт е потврден од Судот и е стапен на правна сила. Наскоро ќе следуваат одлуки и во други постапки поврзани со овој тежок настан. Јавното обвинителство до крај ќе ја почитува пресумпцијата на невиност на обвинетите, но ќе инсистира на кривичен прогон на секој еден сторител на кривично дело“, пишува Коцевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман улица 5, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Претежно облачно и тивко, максималната температура до 17 степени
Времето денеска ќе биде прeтежно облачно. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен во четврток кога ќе има услови за слаб локален дожд. Во четврток и петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.

