Македонија
ЕУ ја одобри втората транша средства за Македонија во рамките на инструментот за реформи и раст за Западен Балкан

Со одлука за спроведување на Европската комисија, Европската Унија го одобри второто ослободување средства за Република Северна Македонија во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, соопшти Министерството за европски прашања.
Со оваа одлука, како што е појаснето, се одобрува вкупен нето-износ од 16 милиони евра како комбинирана поддршка: дел неповратни средства и дел заем.
Од овој износ, 7,4 милиони евра се исплаќаат директно во државниот буџет, а остатокот е наменет за финансирање инфраструктурни проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Вкупниот износ е утврден по одземањето на средствата што се користат за порамнување на претфинасирањето, односно на авансно исплатените средства во рамките на Инструментот.
Одлуката, се истакнува во информацијата, која претставува признание за реформите што Владата ги спроведе во насока на усогласување со стандардите на Унијата, следува по позитивната оценка на Европската комисија за барањето доставено од министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, како национален координатор за Инструментот за реформи и раст.
Комисијата утврди дека Северна Македонија ги исполнува предусловите и општите услови за ослободување на средствата, кои се однесуваат на демократското владеење, владеењето на правото, макроекономската стабилност и управувањето со јавните финансии.
Со оценката на Европската комисија се опфатени чекорите од реформската агенда 2024 – 2027, со рок на реализација до јуни 2025 година.
Од вкупно 16 чекори, Република Северна Македонија пријави како исполнети девет врз основа на процената направени од надлежните институции. Европската комисија во рамките на сопствената техничка процена оцени дека четири од овие чекори се задоволително исполнети: три од областа на дигитализацијата и еден во делот на деловната средина, кој се однесува на инспекциските надзори.
Реализираните активности се однесуваат на усвојување нов закон за безбедност на мрежи и информациски системи, усогласен со европската директива за сајбер-безбедност (NIS2), на нов закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, со кој се воведува европскиот дигитален идентитет, како и на закон за архивски материјал, со кој се воспоставува рамка за електронско архивирање во јавната администрација. Дополнително, Комисијата потврди значителен напредок во борбата против неформалната економија преку зголемен број инспекции од страна на трудовата и пазарната инспекција.
За чекорите што не се целосно реализирани Европската комисија утврди продолжен рок (грејс-период) за нивна имплементација до јуни 2026 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива непречено, по влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Отворени избирачките места, право на глас имаат 1,83 милиони граѓани

Во 7 часот денеска започна гласањето на осмите Локални избори од осамостојувањето на државата.
На Локалните избори 2025 во Северна Македонија право на глас имаат 1.832.415 граѓани.
Меѓу вкупниот број државјани со право на глас се и 112 илјади запишани во посебниот Избирачки список со лица во странство, како и 2.162 лица во затвор односно притвор и 450 гласачи од домовите за стари лица.
Локалните избори се одржуваат во сите 80 општини во државата и во Град Скопје.
Се гласа на 3.474 избирачки места.
На Локалните избори 2025 има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати.
Македонија
Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“

Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“ по дождливо време и според вообичаената маршрута, но без давање официјална изјава од нив, што досега беше начин на комуникацијата на родителите на починатите со јавноста.
Преку испишаните пораки на транспарентите, тие и денеска за трагедијата во „Пулс“ ги обвинија институциите, од кои бараат правда и праведно судење. Десетина минути беше блокиран сообраќајот на улицата „Стево Теодосиевски“, кај двојниот мост на Кочанска Река.
Маршот за нивните ангели родителите го почнаа од „Паркот на Револуцијата“, од каде се упатија кон Трговскиот центар. Марширањето продолжи кон Основниот суд со кратки запирања пред зградата на УЈП и Полициската станица.
27. „Марш за ангелите“ во Кочани денеска заврши каде и што почна – во „Паркот на Револуцијата“.