Македонија
Божиновска со водечки компании од рударскиот и енергетскиот сектор во Лондон: заинтересираност за зајакнување на инвестиците во Македонија
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на својата работна посета на Лондон, оствари средби со три водечки компании од рударскиот и енергетскиот сектор – Anglo American, Central Asia Metals (CAML) и Pacific Green.
Средбите беа фокусирани на унапредување на соработката со британските компании кои се глобални предводници во примената на иновативни и одржливи технологии во рударството и енергетиката, со акцент на одговорно рударство, енергетска безбедност и зелена транзиција.
Претставниците на компаниите истакнаа дека се сериозно заинтересирани да го зајакнат своето присуство и инвестиции во Македонија, почитувајќи ги националните закони и европските стандарди за заштита на животната средина, безбедност и социјална одговорност.
На средбата со Pacific Green, компанија специјализирана за развој на системи за складирање на електрична енергија и интеграција на обновливи извори, разговорот беше фокусиран на можностите за примена на батериски системи за складирање енергија, кои се клучен сегмент во модерната енергетика. Божиновска истакна дека со новиот Закон за енергетика, Македонија за првпат предвидува воведување на батериски системи за складирање енергија, со што државата фаќа чекор со современите светски трендови и создава услови за поефикасно користење на обновливите извори и стабилен електроенергетски систем.
„Македонија ја гледаме како земја која создава предвидлива и транспарентна рамка за инвеститорите. Новиот законски и институционален амбиент овозможува инвестиции кои се во согласност со највисоките стандарди на одговорно рударство, енергетска безбедност и заштита на природата,“ изјави Божиновска.
Компаниите Anglo American и CAML, кои веќе имаат присуство во земјата, го поздравија донесувањето на новиот Закон за минерални суровини, со кој се воспоставуваат јасни и транспарентни правила за работење, што ја зајакнува довербата кај странските инвеститори и го поттикнува развојот на модерно и еколошки одговорно рударство.
Раководните лица на двете компании го изразија своето задоволство од формирањето на новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, оценувајќи дека воспоставувањето на посебна институција која се грижи исклучиво за овој сектор е значаен чекор за подобра координација, брза комуникација и стратешко управување со ресурсите. Тие ја изразија својата благодарност за професионалниот пристап на Министерството и ја оценија оваа институција како место каде што инвеститорите конечно имаат конкретен и компетентен партнер за соработка, поддршка и решавање на прашања од областа на енергетиката и рударството.
Божиновска нагласи дека Владата е посветена на тоа Македонија да биде партнер на сериозни и одговорни компании, кои работат според европски стандарди, вложуваат во иновативни и еколошки технологии и придонесуваат кон локалниот економски развој.
„Нашата визија е јасна – да ја изградиме Македонија како регионален пример за балансиран развој на енергетиката и рударството, каде што економскиот раст оди рака под рака со заштитата на животната средина и благосостојбата на заедниците,“ додаде таа.
Anglo American, CAML и Pacific Green се препознаени како современи компании што ја интегрираат одржливоста, безбедноста и иновациите во своето работење, со што го потврдуваат потенцијалот за натамошна, продлабочена соработка со македонскиот енергетски и рударски сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со магла и малку сонце
Времето денеска ќе биде променливо облачно и тивко со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла претпладне. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.
Македонија
Возете внимателно, маглата ја намали видливоста на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла од 100 до 200 метри има од Тетово – Скопје – Куманово – Кочани – Сарамзалино – Велес – Неготино – Д.Капија и магла со видливост до 50 метри има Битола – Прилеп – Ѓавато – Ресен – М.Брод – Кичево и Дебар, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.

