Свет
Германија сака да ги подготви децата за војна преку училишна програма: „Тоа е разумна подготовка“
Германскиот сојузен министер за внатрешни работи Александар Добриндт (CSU) предложи учениците во училиштата систематски да се учат како да реагираат во кризни ситуации и во случај на војна. Тој планира да го презентира својот план во ноември на конференција на државните министри за внатрешни работи, а тој би вклучувал воведување на специјални двочасовни предавања.
„Важно е младите луѓе да разберат какви закани може да постојат и како да се подготват за нив. Децата се важни пренесувачи на знаење во семејството“, изјави Добриндт за весникот Ханделсблат, објави DW.
Остри реакции во Бундестагот
Предлогот предизвика жестоки реакции во германскиот парламент. Опозициската левица верува дека ова „шири страв кај децата и младите“, додека десничарската радикална Алтернатива за Германија (AfD) го обвини министерот за „подбуцнување војна“. Пратеникот на AfD, Готфрид Курио, тврди дека Добриндт сака „да ја направи војната неизбежен дел од секојдневниот живот“.
Од друга страна, Зелените веруваат дека идејата има смисла, но дека не е доволна. Нивниот претставник, Леон Екерт, предлага постојниот „Ден на предупредување“ да се прошири во национален ден за вежбање со цел практично да се подготват граѓаните за кризни ситуации.
Ова не е прв пат слична идеја да се дискутира во Германија. Уште за време на мандатот на претходната влада, тогашната министерка за образование Бетина Старк-Вацингер (ФДП) презентираше сличен предлог, осврнувајќи се на практиката во Велика Британија, каде што вежбите за вонредни ситуации се дел од училишната програма.
Добриндт, исто така, најави нов „пакт за заштита на населението“, кој би вклучувал подобрување на системот за предупредување, означување на заштитни зони и обезбедување основни потреби во вонредни околности.
„Нема ништо лошо во тоа секој да има основна залиха од храна, батерии и радио дома. Тоа не е паника, тоа е разумна подготовка“, рече Добриндт. Тој додаде дека интересот на граѓаните за прирачниците за цивилна заштита е голем, што покажува дека луѓето „сакаат да бидат подготвени“ во случај на криза.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.
Свет
Каталонија: Една жена загина, деветмина тешко повредени во бурата „Нилс“
Една жена го загуби животот, додека 86 лица се повредени, од кои девет потешко, во бурата Нилс што ја погоди Каталонија, објавија денес шпанските медиуми.
Четириесет и шестгодишна жена почина од повредите здобиени кога покривот на индустриска зграда се урна врз неа во Барселона за време на бура, објави Ефе.
Според Каталонската здравствена служба, девет лица се примени во медицински центри во регионот.

