Македонија
Ако ДУИ беше опозиција пред десет години, и тогаш ќе го имавме овој изборен резултат, тие немаа можност за злоупотреби, вели Алиу
Граѓаните во нашата земја десет години сакаа промена на политичкиот амбиент и ако ДУИ пред десет години беше опозиција, ќе го имавме резултатот што сега го имаме на локалните избори. Вака актуелниот министер за здравство од коалицијата „Вреди“ гледа на изборните резултати, а на прашањето дали ќе остане министер одговара дека секој ден работи како да не му е грижа на која позиција ќе биде утре оти верува во својата експертиза.
„Резултатите се видливи, но, за жал, видливи се по десет години. Граѓаните во нашата држава и пред десет години сакаа да има промена во политичкиот амбиент во државата. За жал, беа искористени сите можни политички притисоци и администрација од страна на ДУИ за да може да опстои десет години, без желба на граѓаните. Тие првпат се соочија со локални избори од позиција на опозиција и ги немаа тие можности да се злоупотреби овој политички момент. Реалноста, ова фактички што го гледаме денеска, сите општини во државата се менаџираат од стручњаци од ‘Вреди“, верувам дека би била не денеска, ако се вратиме десет години и ако ДУИ била во опозиција тогаш, истиот резултат ќе го имавме и тогаш. За жал, тоа е тоа, по десет години, имаме нов амбиент во државата“, рече министерот Алиу денес при посетата на Клиниката за кардиологија.
Како владин коалиционер, министерот Алиу уверува дека фокусот на „Вреди“ е постигнување добри резултати оти бргу се доаѓа до процеси во кои граѓаните, ако не ги почувствуваат промените, ќе се почувствуваат разочарано.
„Тогаш разочараноста ќе биде многу поголема. Ние како политичари ќе имаме голема одговорност ако навистина по ваков добар резултат, по вакви избори, граѓаните не почувствуваат дека ние знаеме поинаку да менаџираме со политичките процеси и на локално ниво. На централно ниво тоа веќе го докажавме за една и пол година. Верувам дека и на локално ниво за една и пол година ќе се почувствуваат тие инфраструктурни подобрувања“, рече министерот Алиу.
Алиу стана министер за здравство пред половина година откога поранешниот министер за здравство Арбен Таравари ја напушти коалицијата „Вреди“ по низа несогласувања за настапот на локалните избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Охриѓани ги разбуди земјотрес
Земјотрес со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала е почувствуван ноќеска во Охрид и околината. Земјотресот бил со Рихтерова магнитуда од 2,2, а е почувствуван во 03:18 часот.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека епицентарот потекнува од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга на околу 105 километри југозападно од Скопје.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да одговори на кое име му е станот во Дубаи?
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека, како што велат, вистинското лице на СДСМ излегува на површина, откако по седумгодишното владеење, кое според партијата било обележано со корупција и уништување на државата и економијата, поранешните функционери ги пренасочиле своите бизниси во една од најбогатите држави во светот – Обединетите Арапски Емирати.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека по долг период на јавно укажување и неколку дена по сведоштвото дека поранешниот премиер Зоран Заев гради 42-катница во Дубаи, стигнала и потврда од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На новинарско прашање дали заедно со Заев гради висококатница во Дубаи, Филипче одговорил дека тој не градел, што, според ВМРО-ДПМНЕ, претставува индиректна потврда на нивните тврдења и на сведоштвото на Тома Аврамски дека токму Заев е инвеститорот на 42-катната зграда.
„Признанието дека Филипче не гради, не може да се толкува поинаку освен како официјална потврда дека неговиот ментор, Зоран Заев, го проширил својот бизнис и инвестира во градежништвото во Дубаи“, соопштуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче сега треба јавно да одговори како се стекнал со таканаречената златна виза во Дубаи, со оглед дека, како што велат, досега не презентирал докази за најавуваниот работен ангажман во тамошни здравствени установи.
„Ако не градел со Заев, на кој начин се стекнал со златна виза?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, отворајќи и дилема дали станот спомнат во сведоштвото на Аврамски е во сопственост на Филипче или истиот бил префрлен на трето лице.
Партијата нагласува дека одговори ѝ должи и јавноста и Зоран Заев, кој, според нив, треба јавно да соопшти како дошол до милионите со кои инвестира и гради облакодери во Дубаи.
„Апелираме да не се одолговлекува, бидејќи вистината, порано или подоцна, секогаш излегува на виделина“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Една година затвор за обид да прегази полицаец кој сакал да го легитимира
Четириесет и шестгодишен кавадарчанец е осуден на една година затвор затоа што со автомобил удрил во полициски службеник кој сакал да го легитимира.
На 21 декември по полноќ, со возило „фолксваген“ обвинетиот не запрел на даден знак од полициските службеници, а кога на една од крстосниците во градот бил опколен од две полициски возила за да го запрат, сакал да прегази полициски службеник.
Полицаецот излегол од службениот автомобил за да го легитимира и во тој момент осомничениот се залетал кон него со возилото со голема брзина, го удрил во стомакот и левата нога, а потоа удрил и во полициската кола, по што продолжил да вози. Полицаецот од ударот се здобил со неколку телесни повреди.
Осомничениот бил приведен на 25 декември и следниот ден бил изведен пред судија каде го признал делото. Судот во Кавадарци изрече пресуда со која го огласи за виновен и го осуди на казна затвор од една година, а до правосилност на пресудата одлучи обвинетиот да биде обезбеден со мерка притвор поради опасност од бегство и можноста да го повтори делото.

