Култура
Министерот Љутков: Македонија останува посветен партнер во остварувањето на мисијата на УНЕСКО
Министерот за култура и туризам и претседател на Националната комисија на УНЕСКО, Зоран Љутков, учествува на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, што се одржува во Конгресниот центар „Патот на свилата“ во Самарканд, Република Узбекистан.
Во своето обраќање пред присутните министерот Љутков ја истакна заложбата на Република Македонија за унапредување на соработката со УНЕСКО и активното учество во реализацијата на иницијативите што ги обединуваат образованието, науката, културата и иновациите во функција на одржлив развој.
„Нашата држава негува посебен респект кон УНЕСКО, организација која со своето дејствување го оправдува своето постоење преку промовирање на универзалните вредности и развојни цели од заеднички интерес. Горди сме на придонесот што го вложуваме во промовирањето и имплементирањето на активностите на организацијата на национално, регионално и меѓународно ниво“, истакна министерот Љутков.
Тој посочи дека македонската влада посветува особено внимание на областите што се во фокусот на УНЕСКО -заштитата на културното и природното наследство, справувањето со климатските промени, како и развојот на новите технологии, дигитализацијата и вештачката интелигенција.
Министерот потсети дека во доменот на образованието, со поддршка на УНЕСКО, е изработен извештај за квалитетот на националниот образовен систем кој потврдува дека земјата се движи во насока на еднаков пристап, инклузија и безбедна училишна средина.

Осврнувајќи се на културната соработка, Љутков ги потенцира активностите реализирани во рамките на 20-годишнината од Конвенцијата за заштита и унапредување на разновидноста на културните изразувања (2005), во кои активно се вклучени националните институции, фестивалите „Охридско лето“, „Струшки вечери на поезијата“ и „Мајски оперски вечери“.
Посебно внимание, како што нагласи министерот, се посветува на заштитата на културното и природното наследство, со акцент на Охридскиот Регион – впишан на Листата на светско наследство на УНЕСКО пред повеќе од четири децении. „Како држава сме исправени пред предизвикот да ја зачуваме неговата исклучителна универзална вредност и да ја оправдаме довербата што ни е укажана,“ истакна Љутков.
Тој потсети и дека „Традиционалната изработка и свирење на гајда“ е впишана како мултинационален елемент на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото, а македонски експерти веќе работат на нови номинации.
Министерот изрази благодарност до Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа со седиште во Венеција за континуираната поддршка и потсети дека Македонија годинава претседава со Советот на министри за култура на Југоисточна Европа, во рамките на иницијативата Јакнење на културата во функција на одржливиот развој.
На крајот од своето излагање, Љутков изрази благодарност до досегашната генерална директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, за нејзиното визионерско раководење и му посака успешна работа на новоизбраниот генерален директор Калед Ел-Енани.
„Нашата визија е јасна-Македонија да биде земја во која културата, образованието, науката и иновациите создаваат силна синергија за одржлив развој и општествен просперитет,“ порача министерот Љутков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Култура
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
На премиерата присуствуваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која оцени дека филмот е моќна приказна за семејството, односот меѓу човекот и природата и борбата за достоинствен живот, додавајќи дека делото добива особена тежина пред домашната публика.
„Честитки за Тамара Котевска и целата филмска екипа за достоинствената промоција на високите македонски филмски вредности. Добивме вредно филмско остварување, коешто верувам дека ќе биде инспирација за идни успеси!“, порача Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека филмот уште еднаш потврдува оти македонската кинематографија има глас што одекнува надвор од државните граници, опишувајќи го остварувањето како „светско, а наше“.
„Вечерва имав чест да присуствувам на филмот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска дело кое уште еднаш потврдува дека македонската кинематографија има глас што одекнува далеку надвор од нашите граници, светско, а наше! Филм што допира од Скопје до Њујорк, од Скопје до Лондон. Искрени честитки за брилијантното остварување и надеж дека ова е само еден од многуте идни успеси со кои ќе се гордееме“, порача Мицкоски.
Министерот за култура Зоран Љутков нагласи дека филмот претставува тивко, но длабоко емотивно филмско патување и потсети дека својата светска фестивалска авантура ја започнал во Венеција, каде освоил престижна награда, по што бил прикажуван на фестивали ширум светот и откупен од „Нешнал географик“.
„Приказната за Силјан“ е филм за издржливоста, грижата и малите дела што менуваат животи. Во фокусот е земјоделецот Никола, кој пронаоѓа ранет бел штрк и решава да му помогне, а нивниот однос прераснува во врска што му ја враќа смислата на животот, ги обновува заедничките врски и го оживува односот кон природата.
Филмот беше македонски кандидат во трката за Оскарите.

