Култура
Изложба „Пурпурна имагинација“ на Сафет Спахиу во Чифте амам
На 11 ноември во 19 часот, во Чифте амам при Националната Галерија на Македонија ќе се отвори самостојната изложба на ликовниот уметник и редовен професор на тетовскиот Државен универзитет, Сафет Спахиу, со наслов „Пурпурна имагинација“.
Ќе бидат изложени педесет дела од овој негов последен циклус на слики изработени во комбинирана техника. Изложбата ќе ја отвори директорот на Национална Галерија на Македонија, Али Синани.
Кустос на изложбата е Маја Крстевска и истата ќе биде отворена до 24 ноември.
„ПУРПУРНА ИМАГИНАЦИЈА“
Изложбата од циклусот „Боја на пурпурот“ на ликовниот уметник Сафет Спахиу во Националната галерија на Македонија, ни го открива неговиот творечки пат преку неколку поетични кругови во кои – низ силен индивидуален израз кој доминира во формирањето на неговата моментална преокупација – е даден белег на поетски приказ. За реализација на комплексната идеја на содржината и начинот на кој ја прикажува темата, поетиката на пурпурната боја ја визуализира во графикон со експресивен тоналитет на заднина со јасни контури и константен впечаток на наративни симболи, со јасно изразена рефлексија. Со истакнати претстави, со студиозно и прецизно обликување на дадените проблеми на творечката способност за креација, Спахиу исцрпно ја конципира својата идеја на правилно изведена композиција.
Во овој Циклус одлика на авторот се јаки контрасти со потези во полутонови и големата желба да се избегне, да се одмине денешницата. Тоа на гледачот му овозможува чувство на контакт со делото, како и допир со радоста на неговото творештво. Патем уметникот ни ја демонстрира својата чиста сведеност на необични, имагинарни и поетски слики, како и уметничката посветеност која води, пред сѐ, кон синтеза врз сопствените искуства. Со својата современа интерпретација и со интензивната употреба на различни вредности во преминот на колоритот кон пурпурната боја, Спахиу постигнува рамноправен уметнички и стилски сроден импакт.
Со својата фокусираност на сепаратно поставени експресии, во еден нов духовен амбиент, со веќе постигнат дигнитет, уметниковата поетска импресија е претставена како универзална информација. Потребата да се пренесе пораката, мислата или идејата, преку исчитување на уметничкото дело, овде е јасна сензација на знакови и симболи, преку формирање наратив кој е продолжение на природата на реализацијата.
Спахиу со изразена динамичност ни ја открива емоцијата во секој свој потег, а со преплетот на боите придонесува спонтано втемелување во единствена приказна, со која ни отелотворува дел од своето битие, ни ги открива своите внатрешни визии, но и доживувањето на надворешниот свет.
Анализирајќи го прикажаното, можеме да заклучиме дека Спахиу со посебна леснотија и прецизност на наративот кохезира до поетичната пурпурна која, впрочем, апстрактно експресионистички ја втемелува како главен принцип, воедно успевајќи да ја задржи виталноста на композицијата.
Маја Крстевска Виш кустос
БИОГРАФИЈА
Роден е 1960 во Призрен – Република Косово, од 1994 година живее во Гостивар.
Образование 1981 – 1985 Дипломирал на Факултетот за уметности при Универзитетот во Приштина, отсек – графички дизајн, во класата на проф. Шиќри Нимани.
Постдипломски студии, 2000 постдипломски студии завршил на Факултетот за уметности на катедрата за графички дизајн во класата на проф. Шиќри Нимани при Универзитетот во Приштина.
Самостојни изложби
Призрен:
1986 Дом на културата
1988 КУД „Агими“
1991 Галерија „Ватра“
1992 КУД „Агими“
1993 Уметничка галерија „РАДА“
1996 Уметничка галерија „РАДА“
2018 Градска галерија „АМАМ“
Гостивар:
1996 Кафе галерија „La Mrage“
1996 Кафе галерија „La Mrage“
2005 Културен центар „АСНОМ“
2018 Галерија КУЛТ
2025 Галерија КУЛТ
Скопје:
2000 Арт клуб „Алтернатива“
2007 Културен информативен центар
2009 Национална галерија „Чифте амам“
2015 Културен информативен центар
2025 Национална галерија „Чифте амам“
Њујорк, САД:
2009 Галерија МЦ во Њујорк
2019 Галерија МЦ во Њујорк
Пула, Р. Хрватска:
2023 Галерија Цвајнер
Истанбул, Р. Турција
2023 Културен информативен центар
Групни изложби
Учествувал на многу колективни изложби во земјата и странство, како што се: Косово, Албанија, Хрватска, Германија, Франција, Турција, Бугарија, Аргентина, САД, Јужна Кореја, Обединети Арапски Емирати итн.
Награди:
1995 Награда “Flaka e Janarit” Гнилане
2000 Награда “Истакнат педагог” ФЛУ, ДУТ-Тетово
2000. Награда “Арс Албаника” Приштина
2007 Награда “Лаза
2008 Награда за давање придонес во ДУТ – Тетово
2010 Награда “Ноемвриска награда” ДЛУМ Драудакум
2012 Награда “Глобален натпревар на уметноста” КОСОВА АРТ Приштина
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

