Свет
Началник на Генералштабот на Франција: Се подготвуваме за можен конфликт со Русија
Началникот на Генералштабот на француските вооружени сили, генерал на воздухопловните сили Фабиен Мандон, денес изјави дека се во тек подготовките на припадниците на вооружените сили на таа земја за можна војна со Русија, за што зборуваше и во својот говор пред пратениците во францускиот парламент, кога предупреди дека армијата мора да биде подготвена за можен конфликт со Русија во рок од три или четири години.
Во интервју за „Квест Франс“, Мандон рече дека францускиот претседател Емануел Макрон го замолил да предложи опции за да се обезбеди континуирана заштита на францускиот народ и интересите на земјата, за што зборувал и во своето обраќање пред членовите на Комитетот за одбрана на францускиот парламент на 22 октомври.
„Ги споделив моите забелешки со народните претставници за да можеме да ги предвидиме (настаните) и да донесеме правилни одлуки. Ја гледам еволуцијата на Русија – во 2008 година ја нападна Грузија, во 2014 година го анектираше Крим, во 2022 година беше Украина. Русија ја смета Европа за слаба. Знам дека се реорганизира воено за да може да се вклучи во борбата против земјите од НАТО. Мора да се подготвиме за тоа“, рече Мандон.
Кога го прашале кои докази го довеле до таков заклучок, Мандон одговорил дека тоа е збир на различни индиции и разузнавачки информации.
„Оваа проценка ја делат и нашите блиски сојузници. Шефот на германската разузнавачка служба неодамна зборуваше за тоа, перцепцијата на Германија е иста како нашата, исто така и на Велика Британија. Претседателот на Здружениот штаб на вооружените сили на Соединетите Американски Држави е исто така исклучително загрижен за Русија и нејзините сè поблиски врски со различни сили – Иран, Кина и Северна Кореја. Севернокорејците се борат против Украина на нашиот континент. Русија веќе го глобализираше украинскиот конфликт“, истакна Мандон.
Тој рече дека француските сили, во подготовка за потенцијален конфликт со Русија, редовно учествуваат во вежби од голем обем во услови на многу сериозни битки со противник кој има голема моќ, како што е Русија, пренесуваат медиумите во регионот.
Мандон најави организирање на нова вежба следната година, наречена „Орион 2026“, во која ќе учествуваат вооружените сили на Франција и сојузничките земји.
Генералот изјави дека верува оти вклучувањето на целото француско општество е од суштинско значење за заштита од агресијата на друга земја.
„Шок од ваков вид бара многу повеќе од само вооружените сили, туку и поддршка од целата земја. Русија ги проучуваше нашите општества и знае дека нашата сила лежи во единството. Ако успее да нè фрагментира и подели, може да победи“, рече Мандон.
Како неколку примери за обиди за дестабилизација на француското општество, тој ги наведе лажните ковчези, кои беа поставени пред Ајфеловата кула во јуни, и свинските глави, кои беа поставени пред неколку џамии во Франција на почетокот на септември.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нетанјаху најави дека израелските напади врз Иран ќе се интензивираат
Нападите на Израел врз Иран ќе продолжат да се интензивираат, вели израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по состанокот со министерот за одбрана Израел Кац, началникот на Генералштабот на ИДФ, генерал-потполковник Ејал Замир, и шефот на Мосад, Дејвид Барнеа.
„Нашите сили сега напаѓаат во срцето на Техеран со зголемен интензитет, а ова само ќе се интензивира дополнително во наредните денови“, вели Нетанјаху од покривот на седиштето на ИДФ Кирја во Тел Авив.
„Сепак, ова се болни денови“, вели тој, осврнувајќи се на смртоносните ирански напади во Тел Авив и Беит Шемеш.
„Моето срце е со семејствата и во име на сите вас, граѓаните на Израел, им испраќам желби за брзо закрепнување на ранетите.“
Свет
Трамп изјави дека 48 ирански лидери се убиени во тековните американско-израелски напади
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека 48 ирански лидери се убиени во тековните американско-израелски напади врз земјата.
„Никој не може да поверува во успехот што го имаме, 48 лидери исчезнаа одеднаш. И се одвива брзо“, беше цитиран Трамп во интервју за Фокс њуз.
Во посебно интервју за Си-Ен-Би-Си, тој вели дека американската операција во Иран е „пред предвидениот рок“.
Свет
Израелската војска пак го нападна Иран
Израелската војска соопшти дека нејзините сили започнале со спроведување нови воздушни напади врз иранскиот главен град.
„Воздухопловните сили сега започнаа нов бран напади во срцето на Техеран“, се вели во краткото соопштение на „X“.

