Култура
Ретроспективна изложба на слики „55 години ликовно творештво” на Боро Арсовски-Бабата во Прилеп
Уште три дена љубителите на уметноста ќе имаат можност да ја посетат Ретроспективната изложба на слики „55 години ликовно творештво“ на еминентниот ликовен уметник Боро Арсовски – Бабата во Ликовната Галерија на Национална установа Центар за култура „Марко цепенков“ во Прилеп
Боро Арсовски – Бабата е роден 1952 година во с. Страцин, Република Македонија. Основно и Средно образование завршил во Куманово. Со сликарство се занимава од 1969 година како сликар наивец и воедно изработува скулптури во камен и керамика – теракота. Првпат излага во 1971 година со ДЛУК од кога е и член на друштвото со кое настапува на многубројни годишни изложби ширум Југославија.

Член е на УСУ-Галерија “Југославија” Белград. Од 1986 година членува во УСУ “Трета димензија” Белград. Учествувал на преку 30 меѓународни ликовни колонии на наивна уметност во : Риека, Загреб, Петриња, Врбовец, Нови Винодолски – Р. Хрватска, Сански Мост, Лукавац – Р. Босна и Херцеговина, Врање, Светозарево – Р. Србија, Требње – Р. Словенија.
Има учествувано на преку 200 групни изложби и 4 самостојни. Неговите дела се лицитирани на неколку аукции во Белград и Скопје, за кои имало најголем интерес, најдолго се лицитирани и најскапо продадени. Неговите слики се наоѓаат во многу Галерии, Музеи и приватни колекции ширум светот. За творештвото на Арсовски се снимени 2 документарни филма. Едниот во продукција на Македонска Радио Телевизија, а вториот филм е снимен за меѓународениот филмски фестивал “Златни сунцокрет” во Р. Србија кој е награден со златна плакета. Боро Арсовски – Бабата живее и работи во Куманово, како самостоен сликар – наивец и сопственик е на уметничка Галерија “Art Gallery Arsovski”.

За творештвото на Арсовски историчарот на уметност Роберт Цветковски ќе запише:
При обидот за евалуација на авторскиот придонес кон македонската наива, како едно специфично движење на неакадемските ликовни уметници коешто ги зафати овие простори во текот на доцните 60-ти и раните 70-ти години, неизоставно е името на авторот Боро Арсовски – Бабата. Во таа смисла и одбележувањето на овој значаен јубилеј на Арсовски е настан којшто е значаен за македонската ликовна сцена од повеќе аспекти – авторски, историски, национални и идентитетски. Неговата инвентивност, повеќегодишниот авторски континуитет во земјата и пошироко (Србија, Хрватска и Словенија) како и специфичниот заокружен и јасно дефиниран сликарски израз којшто изобилува со богат визуелен вокабулар, го става во редот на најзначајните претставници на македонската наива. Впрочем, неговата авторска големина ја потврдува и Ретроспективната изложба на слики „55 години ликовно творештво на Боро Арсовски – Бабата“ кадешто посетителите ќе можат да ја видат ликовно-продукциската траекторија на овој врвен автор во периодот од 1970-тата до денес. Притоа забележителни се неговите напори за доследно почитување на една сликарска парадигма која во себе содржи прецизен цртеж, фигуративно-колористички баланс, автентична македонска орнаментика, костимографија и архитектура, мирен рурален секојдневен амбиент осветлен од македонското сонце. Композициската поставеност се движи во две насоки: едната преферира панорамска визура со многу фигуративни елементи рамномерно поставени на сликарското платно, додека вториот пристап е со ставање на една фигура во прв план – обично портрет со запазени морфолошки карактеристики или некоја архетипска фигура (овчар, кавалџија, домаќинка) – и околу нив најразлични фигуративни елементи коишто треба да му дадат насока на гледачот. Тука се гледа способноста на
Арсовски за визуелна нарација, давање филмска динамика на содржината на сликата, а понекогаш присутно е и навлегување во сферата на надреалното. Неговите слики говорат за едно време коешто не постои денес, поточно, зборуваат за периодот кога луѓето беа многу поблиску до природата и нејзината убавина. Единствената слика којашто се занимава со современи теми е сликата „Бегство“ изработена во 2025 година и претставува извонредно авторско остварување во коешто се сублимирани сите творечки квалитети на овој автор. Токму оваа слика говори за постоечките капацитети на Арсовски којшто е во повозрасни години но сè уште може да направи ликовна проекција во негов стил, од која суптилно зрачи пораката: време е за бегство од бетонската џунгла!
Како автор на многу слики коишто се дел од музејски и колекционерски збирки, но и на многу акварели и скулптури изработени на иста тематика – македонски автентичен амбиент со елементи на етнологија од овие простори препознаена во светот како македонски етнографски идентитет – за уметникот Боро Арсовски – Бабата можеме да кажеме дека, покрај тоа што е извонреден ликовен автор, можеме да го сметаме и за хроничар на едно изминато време коешто подразбираше симбиоза на човекот и природата.
Проектот е од националено значење во културата од годишната програма на Национални установи за 2025 година поддржани од Министерство за култура и туризам на Македонија од годишнава програма на Национална установа Центар за култура “Марко Цепенков”- Прилеп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Парусион“ во МКЦ: Авторски фјужн звук во срцето на живиот ритам
Групата „Парусион“ на 28 јануари, со почеток во 20:15 часот, ќе одржи концерт во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, најавувајќи вечер посветена на авторската музика, современиот фјужн израз и ритамот како главен носител на музичката мисла.
Формиран во 2003 година во Скопје, ансамблот „Парусион“ е предводен од Михаил Парушев – композитор и тапанар чија музичка визија се движи низ различни жанровски слоеви, од акустични и електрични звучни пејзажи, преку полиритмија, до современ фјужн пристап што ги спојува импровизацијата, јасната форма и живата сценска енергија. По повеќе од две децении активна концертна работа, „Парусион“ функционира како отворен колектив во кој секој музичар активно учествува во обликувањето на заедничкиот звук.
Во актуелната концертна постава, покрај Михаил Парушев на тапани, како постојан член од 2003 година се издвојува гитаристот Зоран Костадиновски, чиј израз комбинира ритмичка стабилност и експериментален пристап. Останатите музичари се приклучуваат на „Парусион“ во различни периоди, носејќи свои индивидуални сензибилитети и проширувајќи ја звучната палета на ансамблот преку труба, саксофон, пијано, бас и перкусии.
Звучната слика на ансамблот ја надградува трубата на Трајче Велков, која внесува јасни мелодиски линии и динамична боја, додека саксофонот на Петар Колевски се движи меѓу џез-фрази и слободна импровизација. Гитарскиот слој на Костадиновски се движи меѓу прецизна ритмика и истражувачки пристап, а пијаното на Јован Цветковиќ претставува хармонски и структурен столб на ансамблот. Бас линијата на Иван Бејков ја заокружува целината со длабока и стабилна основа, додека Горан Трајков со тарабука и перкусии дополнително го проширува ритмичкиот спектар, внесувајќи етно и ориентални нијанси во фјужн контекстот.
![]()
Роден во 1976 година во Скопје, во семејство на музичари, Михаил Парушев уште од најрана возраст го гради својот однос со ударните инструменти. Ритамот станува негов прв јазик уште на четиригодишна возраст, а на шест години тапаните веќе се негов примарен израз. Своето формално музичко образование го заокружува со дипломирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје, што му овозможува стабилна основа врз која развива слободен, истражувачки и авторски пристап.
Неговиот талент е рано препознаен – во 1992 година е прогласен за најдобар тапанар на Скопскиот рок фестивал, а од 1989 година па сè до денес континуирано настапува на домашната и меѓународната сцена, искуство што директно се влева во звукот и сценската енергија на „Парусион“.
Авторскиот фокус на Парушев е потврден и со солистичкиот албум „Агол“, издаден во 2022 година, кој дополнително го нагласува неговиот интерес за ритамот како самостоен, но и фјужн елемент во поширок музички контекст. Во рамки на концертот во МКЦ, ансамблот ќе изведе авторски композиции што постојано се трансформираат на сцена, оставајќи простор за импровизација, дијалог и жив контакт со публиката.
Паралелно со тековните настапи, „Парусион“ продолжува да работи на нов авторски материјал и современи обработки на традиционални македонски песни, истражувајќи ја тенката линија меѓу музичкото наследство и модерниот фјужн израз.
Концертот во МКЦ е наменет за публиката што бара авторска, современа и жива музика – каде фјужнот не е стилска формула, туку процес во движење, а ритамот колективен јазик што се создава во моментот.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА

