Македонија
СДСМ: Трипуновски бега од одговорност за суспензијата на ИПАРД-средствата
Две недели по обелоденувањето на, како што го нарекува СДСМ, „мега-скандалот со ИПАРД-средствата“, министерот за земјоделство Љупчо Трипуновски и понатаму не дава одговори на клучните прашања поврзани со суспензијата на европските фондови, соопштија од партијата.
Од СДСМ реагираат дека на нивното официјално барање за информации, министерот доставил само „општи законски рамки и цитати од регулативи“, без конкретни податоци за причините за суспензијата, времетраењето и чекорите кои МЗШВ планира да ги преземе.
„Нема ниту збор за причините, нема ништо за времетраењето на суспензијата на средствата од ИПАРД, нема ниту информација за планираните чекори за надминување на овој сериозен проблем. Едно големо ништо“, стои во соопштението, од каде го нарекуваат односот на министерот „директна навреда“ за земјоделците и за компаниите кои зависат од поддршката од европските фондови.
Од партијата предупредуваат дека суспензијата на над 130 милиони евра претставува сериозен удар врз илјадници земјоделци и бизниси кои веќе вложиле средства, земале кредити и очекуваат исплати.
„Овие луѓе имаат право да знаат до кога ќе трае суспензијата и кој ќе им ја покрие штетата од доцнењето“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека министер кој „не чувствува одговорност“ не треба да ја води оваа институција.
Во соопштението се посочува дека Трипуновски избегнува медиумски соочувања и не се појавил на пратенички прашања, што според СДСМ значи дека „нема како да се одбрани“.
Кузеска: Новиот протокол е изговор за застој на реформите
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, во одговор на новинарско прашање за ставовите на власта дека ќе бара нов протокол, оцени дека ваквите најави се „уште еден измислен изговор“ за да не продолжат реформите и евроинтегративниот процес.
„Граѓаните се веќе уморни од нови празни зборови. Велеа дека можат да обезбедат подобар договор со Бугарија, нова преговарачка рамка, дека се во периметарот. Ништо од тоа не се случи“, изјави Кузеска.
Во однос на реформите во правосудството, таа оцени дека власта нема политичка волја да ги спроведе чекорите утврдени од експертите и ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уметност и хуманост во едно: Mozzart дели бесплатни карти za „Олд Сејбрук“
Mozzart подарува бесплатни карти за претставата „Олд Сејбрук“ и ги отвора вратите на една вечер во која театарот дише со полни гради.
Кога светлата ќе се пригушат, а сцената оживее, започнува патување низ смеа што ослободува. Секој дијалог носи трага од искреност, секоја тишина има своја тежина, а секоја емоција го наоѓа патот до публиката.
Театар Комедија ќе биде дом на една посебна приказна на 11 февруари.
Настанот носи и хуманитарна мисија. Присутните ќе имаат можност преку SMS порака да донираат за организацијата Банка за храна. Една порака – еден оброк за оние на кои им е најпотребно. Така секој аплауз ќе одекне двојно: како радост на уметноста и како глас на добрината.
Валентин Костадиновски, Дарја Ризова, Елена Кузманов, Благој Веселинов, Атанас Атанасовски, Маја Љутков и Тони Денковски ќе ве поведат низ свет полн со емоции, каде секој збор и секој поглед на сцената ќе потсетат дека уметноста е најубавиот начин да се сподели човечноста.
Сите љубители на уметноста и хуманоста се поканети да бидат дел од оваа незаборавна вечер каде душата и сцената се спојуваат во едно.
Од понеделник, 26.01.2026, своите карти можете да ги обезбедите на билетарата во Театар Комедија.
Количините се ограничени – најбрзите ќе имаат привилегија да бидат дел од ова искуство. Влезот е бесплатен, а картите ќе се делат сè до пополнување на капацитетот.
Mozzart и Театар Комедија ветуваат вечер што ќе ја паметите – вечер во која уметноста и хуманоста се прегрнуваат и создаваат незаборавна симфонија на добрина.
ПР
Македонија
Филков: Случајот со апелациониот судија не е само скандал, тоа е симбол на длабока системска слабост
Министерот за правда Игор Филков на денешната прес-конференција се осврна на актуелните состојби во правосудството и пристапот на Министерството за правда кон утврдување на фактичката состојба на терен и преземањето конкретни мерки.
,,Во изминатиот период, јавноста беше сведок на настани и случаи кои дополнително ја засилија загриженоста околу интегритетот, одговорноста и функционирањето на судството и обвинителството. Таквите појави не смеат да се релативизираат, ниту да се игнорираат.
Кога предмети за висока корупција стојат со години без разрешница и кога очигледни сомнежи не добиваат институционален одговор – тогаш граѓаните со право прашуваат: каде е правдата?
Случајот со апелациониот судија кај кого беа пронајдени 350 илјади евра, скриени и заѕидани во ѕид, не е само скандал. Тоа е симбол на длабока системска слабост – симбол на култура на неказнивост, молк и меѓусебна заштита што предолго ја разјадува довербата во правосудниот систем”, рече министерот за правда Игор Филков.
Овој случај , според Филков дополнително ја нарушува довербата во целото судство и ја доведува под сомнеж функцијата судија која што треба да е во служба и во интерес на граѓаните и правдата, а не привилегија.
Истовремено, јавноста сведочи и на сериозни предизвици во функционирањето на обвинителството – недоволна ефикасност, ограничени капацитети и недоволна решителност во справувањето со најтешките форми на криминал.
,,Истражувањата за перцепцијата на корупција покажуваат дека довербата во судството и обвинителството е сериозно нарушена.. Таа доверба не може да се врати преку ноќ, ниту со една одлука.
Јасно е дека проблемот е системски и не се однесува само на поединечни случаи. Свесни сме дека без темелни и добро насочени реформи, ваквите појави ќе продолжат да се повторуваат. Затоа, Министерството за правда пристапи системски, со утврдување на фактичката состојба на терен и со преземање конкретни чекори”, нагласи министерот за правда Игор Филков.
Македонија
ДУИ: Дебаклот во Давос како слика за урнисана меѓународна позиција на земјава
Демократската унија за интеграција реагира на како што велат, крајно погрешната и штетна патека по која се движи Република Северна Македонија, стратешките отстапувања и честото менување насока, која, според оваа партија, земјата ја доведе во длабока меѓународна изолација, каква што државата не памети во поновата историја.
„Резултат на оваа промашена политика е дебаклот што премиерот и владината делегација го доживеаја на Светскиот економски форум во Давос – дипломатски пораз кој ја маргинализира и ја става во подредена позиција целата земја. На форум на кој практично целиот свет беше присутен, премиерот заедно со владината делегација речиси да немаа ниту една значајна билатерална средба, а нивните настапи на перифериите од форумот, преку нивните видеа на социјалните мрежи, дополнително ја отсликуваа тажната состојба во која е доведена меѓународната позиција на земјата.
Давос покажа и целосно промашување на таканаречената „Периметар дипломатија“. Додека соседните држави беа поканети од претседателот Трамп на т.н. „Board of Peace“, земјава остана меѓу непоканетите. Незрелото менување правци во надворешната политика, но и нејасната позиција на земјата кон сопствената стратешка ориентација, ја доведе државата денес да е игнорирана и од Европската Унија и од Соединетите Американски Држави – двата клучни стратешки партнери на земјата“.
Последиците од оваа изолација, како што посочуваат од ДУИ, веќе се чувствуваат.
Појаснуваат дека европското досие сѐ повеќе се трга настрана, земјата станува ранлива на странски влијанија од алтернативните центри на моќ, со што ѝ се заканува колапс не севкупниот политички систем.
„Два американски инвеститори ја напуштија земјата, нови инвестиции не доаѓаат, буџетот се празни, а економскиот стандард ги прави граѓаните да живеат сѐ посиромашно. Ова не е апстрактна политика, туку состојба која директно ќе ја погоди секоја фамилија, секој работник и секој бизнис“.
ДУИ предупредува дека продолжувањето на оваа состојба на изолација ќе има долгорочни и тешко поправливи последици за економијата, стабилноста и иднината на државата. „Северна Македонија не смее да биде изолирана земја, без сојузници, без перспектива и без доверба“.

