Култура
Промоција на „Времето пред јазикот“ од Моника Херцег во киното „Фросина“
В понеделник, 1 декември, од 19:00 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, ќе се одржи промоција на стихозбирката „Времето пред јазикот“ од хрватската поетеса, драмска авторка, есеистка, активистка и уредничка Моника Херцег.
Ова е трета нејзина стихозбирка објавена на македонски јазик од страна на „ПНВ Публикации“ од Скопје, и таа, како и претходните две, е поместена во едицијата „Гравири“. За книгата, низ разговор со авторката, ќе говори Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник во „ПНВ Публикации“, но и авторка на препевот од хрватски јазик. Изданието е поддржано од ТРАДУКИ.
Добитничката на Нобеловата награда за литература, Олга Токарчук, за поезијата на Моника Херцег вели: „Поезијата на Моника Херцег е како рана низ која свети светот – болна, вистинита, натопена со сеќавања и гнев, но и со надеж за нови приказни. Нејзините песни, произлезени од искуствата на војна, прогон и насилство, ги надминуваат границите на времето и географијата за да проговорат во име на оние што никогаш немале глас. Ова е поезија што не се плаши да зборува за одговорност – за Европа, за жените, за оние што системите и идеологиите ги исфрлиле на маргините. Херцег пишува за историјата што веќе не им припаѓа на победниците и за убавината што не може да се смести во рамките што некогаш ги познававме“.
Поетот Марко Погачар, пак, за „Времето пред јазикот“ истакнува: „Книга на тишината, самотијата и љубовта што нè надраснува, чија метафорика (како онаа на птиците) е речиси еднозначно изградена околу симболот на срцето“.
А писателот Миљенко Јерговиќ, додава: „Отсекогаш, уште од крајот на основното училиште, поезијата ја читам со молив в рака и со една што помала тетратка што ја собира во секој џеб, во која запишувам зборови, фрази, конструкции, стихови што ќе ми се допаднат. Помалку за да се потсетувам на нив, повеќе за, запишувајќи ги, да ги запаметам. Од книгата на Моника Херцег почнав да препишувам уште од насловот, а потоа препишав многу, многу повеќе. Она што ќе го подвлечам во тетратката, тоа ми е најмилото на светот. Многу работи од Моника подвлеков. Некои од нив би сакал, како во онаа прозна сцена кај Болањо, да се испишат на небото со траги од млазни авиони. На пример: ‘и време е да се откачиме од бога’, и она кога го смета бога за одговорен ‘за ситните раце со кои не можам / да му удрам парче небо врз глава на татко ми’. А особено: ‘Тука, тишината се прикрадува како стоногалка’. Поезијата почнува, сè почнува со сликата на тишината што се прикрадува како стоногалка“.
МОНИКА ХЕРЦЕГ (Хрватска, 1990) е поетеса, драмска авторка, есеистка, феминистка, активистка и уредничка во издавачката куќа „Фрактура“, Загреб. Добитничка е на повеќе од десет книжевни награди. Во 2023 г. беше избрана за Европски млад лидер во рамките на програмата „Пријатели на Eвропа“. Членка е на Управниот одбор на П.Е.Н. центарот на Хрватска и на уредничкиот одбор на списанието „Поезија“ што го издава Хрватското друштво на писатели. Добитничка е и на наградите на Град Петриња и Град Загреб, а во 2021 г. ја добила и наградата „Храбри жени“ (“Fierce Women”) за активизам.
Aвторка е на стихозбирките: „Почетни координати“ (2017), за која освои бројни награди, меѓу кои: „Горан за млади поети“, „Квирин за млади поети“, „Фран Галовиќ“, „Славиќ“ и „Мостови на Струга“; „Ловостој.“ (2018), за која ја доби наградата „На врв на јазик“ и „Времето пред јазикот“ (2020) за која ја добива наградата „Звонко Милковиќ“. Книгите ѝ се преведени и објавени во: Македонија, Србија, САД, Грција, Полска, Украина, Германија и Албанија, а во подготовка се и словенечките изданија. Поединечни песни, раскази, есеи, избори и драми ѝ се преведени на дваесетина јазици, а избори од нејзината поезија се објавени во Литванија и во Франција, како и во бројни антологии. Во 2024 г. ја добива значајната европска поетска награда „Европски поет на слободата“, што ја доделува градот Гдањск, за книгата „Ловостој.“, како и на престижната книжевна награда за млади автори што ја доделува ЦИЕ (Средноевропска иницијатива).
Авторка е и на наградуваните драмски текстови: „Каде што се купуваат нежности“, „Мртвите не треба да се мрдаат“, „Закопани чуда“, „Молк“, „Убиј се, тато“, „Мамо, смееме ли денес да умреме“ и „Убави ентериери“. Некои од нив се преведени на: француски, полски и германски јазик и играни се во театрите во Хрватска. Режирала и неколку пократки форми според сопствени текстови, како и долгометражната документарна радиодрама „Потресни приказни“ за Хрватското радио, а во моментов го привршува нејзиниот прв краток документарен филм „Јосо“, што го потпишува како режисерка и сценаристка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

