Култура
Архитектонска изложба во Берлин: „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“
На 25.11.2025 година, во 18:30 часот, пред бројна публика во Галеријата „BHROX Bauhaus Reuse“ во Берлин, Германија, беше отворена архитектонската изложба „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ (Women in Macedonian Architecture: Rebuilding Skopje) на авторите Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски.
Сместена на Ернст-Ројтер-Плац (Ernst Reuter Platz), Галеријата „BHROX Bauhaus Reuse“ е изградена од оригиналните фасадни елементи на историската зграда на Школата Баухаус во Десау и претставува пионерски пример за трансформација на архитектонското наследство. Покрај тоа што ја чува значајната историја на Баухаус, галеријата функционира како транс-дисциплинарна урбана лабораторија посветена на истражување на иднината на модернизмот, градежната култура и одржливоста. Таа активно ја ангажира јавноста преку работилници, изложби и партиципативни проекти, што ја прави активна културна платформа за преиспитување на тоа како архитектонското наследство може да ги обликува современите културни и еколошки практики. Изложбата „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ ја заокружува програмата „Модерната еманципација“, која започна со одржувањето на фестивалот „Жените во архитектурата“ (WIA2025-Festival) во месец јуни 2025 година, и е во рамки на архитектонскиот фестивал „Триенале на Модерната“ (TDM2025 – Triennale der Moderne), кое по петти пат се одржува во градовите каде некогаш била сместена Школата Баухаус: Берлин, Десау и Вајмар.

Архитектонската изложба „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ е резултат на повеќегодишно истражување и го претставува креативниот придонес на жените архитекти во македонската архитектура, со цел да придонесе за подобро разбирање, поголема видливост и културолошко вреднување на архитектонското наследство што го оставиле на идните генерации. На изложбата во Берлин се претставени повеќе од 30 дела на избрани жени архитекти: Мимоза Несторова Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска, Прохирија Хаџи Костова Пешиќ, Нада Савеска, Донка Петкова Костиќ и Росанда Мичева.
Образувани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри во поранешна Југославија – Белград, Загреб и Љубљана, каде архитектонскиот модернизам навлегувал директно од европските центри – Париз, Берлин, Виена, Прага итн., по враќањето во Скопје и работата во бројни проектански организации тие извршиле силно влијание врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ја модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации на архитекти.

Промоцијата на македонската архитектура во Берлин продолжува во четврток, на 27.11.2025 година, во реномираната Берлинска галерија (Berlinische Galerie), која е клучна културна институција во Берлин посветена на истражување на модерната уметност, фотографија и архитектура. Сместена во поранешна индустриска зграда во населбата Кројцберг, Берлинската галерија служи и како историска архива и како култ(ур)но место каде активно се преобмислува постојано променливиот уметнички идентитет на Берлин. Кураторката од Берлинската галерија Катарина Депиш, заедно со архитектите Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков и Јован Ивановски, истовремено ќе водат музејска тура и пред посетителите ќе водат разговор на тема: „Другарки и тимски играчи – жените кои ги изградија Источен Берлин и Скопје“ (Comrades and team players – Women who built East-Berlin and Skopje). Разговорот ќе ја истакне работата на жените архитекти и урбанисти во Источен Берлин и во Скопје, во контекст на општествените и политичките настани помеѓу 1945 и 1989 година, преку дијалог меѓу кураторите на двете изложби „Другари и тимски играчи – жени кои го изградија Берлин, главен град на ДДР“, поставена во Берлинската галерија, односно „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“, поставена во Галеријата „BHROX Bauhaus Reuse“.
Претставувањето на македонската архитектура во Берлин продолжува на 29.11.2025, кога архитектите Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков и Јован Ивановски ќе имаат свое излагање на меѓународната конференција на тема „Прогресивно наследство“, што се одржува во рамките на „ЕТОМ – Европско триенале на модернизмот“ (ETOM – European Triennale of Modernism) и „НЕБ – Нов европски Баухаус“ (NEB – New European Bauhaus). На конференцијата ќе бидат претставени различните практики на истражување на модернизмот како „прогресивно наследство“, во смисла на неговата важност во градењето на општествената кохезија и активната културна соработка, особено во Централна и Источна Европа.

Истражувањето „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ (Women in Macedonian Architecture: Rebuilding Skopje) беше финансирано во 2021 година од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, а претходно беше јавно претставено во Музејот на Македонија во месец декември 2021 година, како и во Македонскиот културен центар во Њујорк во месец јули 2025 година. Реализацијата на изложбата во Галеријата BHROX е подржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, компанијата „Рединг ОГ“ Скопје, Универзитетот „Американ Колеџ“ Скопје, Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Континео 2020. Изложбата „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ (Women in Macedonian Architecture: Rebuilding Skopje), ќе биде отворена за јавноста до 14 декември 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

