Свет
Кремљ: Ако Украина сака да ја заврши војната, мора да се откаже од НАТО
Кремљ во понеделникот изјави дека неутралниот статус на Украина останува клучен услов за завршување на војната, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски сигнализираше подготвеност да се откаже од својата долгогодишна аспирација за членство во НАТО во замена за цврсти безбедносни гаранции. Во Берлин моментално се водат интензивни мировни преговори, објавува „Киев пост“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им изјави на новинарите дека прашањето за членството на Украина во НАТО е едно од клучните. „Ова прашање е еден од камен-темелниците и бара посебна дискусија“, рече Песков за време на дневниот брифинг. Тој додаде дека Москва чека САД да „го достават концептот што се дискутира денес во Берлин“, во услови на засилени дипломатски напори речиси четири години по почетокот на руската инвазија.
Зеленски нуди компромис
Украинскиот претседател Зеленски помина околу пет часа во разговори со американските преговарачи во Берлин во неделата, а состаноците продолжија во понеделникот. Домаќин на разговорите е германскиот канцелар Фридрих Мерц, а се очекува да присуствуваат и други европски лидери.
Пред состаноците, Зеленски јавно призна дека некои членки на НАТО се противат на влезот на Украина и ја изрази подготвеноста на Киев да се откаже од своите амбиции за членство, што е голема промена со оглед на тоа што членството во НАТО е загарантирано во уставот на Украина како заштита од руска агресија.
„Од самиот почеток, желбата на Украина беше да се приклучи на НАТО – ова се вистински безбедносни гаранции“, им рече Зеленски на новинарите. „Некои партнери од Соединетите Американски Држави и Европа не ја поддржаа оваа насока“.
Тој објасни дека Украина сега бара правно обврзувачки билатерални безбедносни гаранции од Соединетите Американски Држави, споредливи со Член 5 на НАТО за взаемна одбрана, заедно со обврските од европските сојузници и други партнери како што се Канада и Јапонија.
„Ова е веќе компромис од наша страна“, рече Зеленски, нагласувајќи дека сите гаранции мора да бидат извршни за да се спречат идните руски напади.
Русија постојано бараше Украина формално да се откаже од своите аспирации за НАТО, да усвои трајна неутралност и да забрани присуство на трупи на НАТО на нејзина територија. Претседателот Владимир Путин, исто така, инсистира Киев да ги повлече своите сили од делови од источните региони Донецк и Луганск – познати како Донбас – кои сè уште се под украинска контрола.
Според функционер запознаен со преговорите, американските преговарачи наводно вршат притисок врз Украина да се откаже од контролата врз Донбас како услов за мировни преговори, што Киев го одбива. „Путин сака територија“, изјави функционерот за АФП, додавајќи дека Вашингтон бара од Украина да се „повлече“ од регионот, што е неприфатливо за Киев.
„Донекаде е зачудувачки што Американците ја заземаат руската позиција по ова прашање“, додаде функционерот. Москва во моментов ги окупира поголемиот дел од Донецк и Луганск, кои нелегално ги прогласи за своја територија, додека украинските сили сè уште контролираат околу 10% од областа.
И покрај подготвеноста на Зеленски да направи компромис за членството во НАТО, украинските функционери досега останаа цврсти во својот став дека нема да ја предадат својата територија.
Фото: депозитфотос
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан: Европејците избраа војна, Унгарија мора да каже „не“
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави денеска дека војната претставува голем ризик за Унгарија, бидејќи, како што рече, „за разлика од САД, Европејците одлучија да ја поддржат војната и ќе ѝ обезбедат на Украина сè што ѝ е потребно за водење војна“.
– Порано или подоцна ќе испратат војници. Постојат писмени договори меѓу Франција и Велика Британија. Кога трупите ќе бидат испратени во Украина, војници ќе заминат и од Унгарија, особено ако земјата има влада која не може да каже ‘не’ во Брисел“, изјави Орбан.
Тој оцени дека за избегнување на вклучување во војната е потребна „памет“, додавајќи дека лидерите мора да бидат паметни, лукави и искусни.
– Можам да ја задржам Унгарија надвор од војна, за разлика од Иштван Тиса или Миклош Хорти, рече Орбан, алудирајќи на поранешни унгарски државници од периодот пред Втората светска војна.
Орбан изјави дека се спротивставува на „бриселската илузија“ дека војната нема да ја чини Европа ништо, бидејќи, според таа логика, Русија ќе плати репарации и ќе биде „плен“.
– Ако Унгарија влезе во војна, тоа би нè чинело нас, нашите деца и внуци во следните 10 до 20 години, затоа мораме да кажеме ‘не’, рече Орбан.
Тој додаде дека Унгарија не мора да зазема страна ниту со Украина, ниту со Русија.
– Јас стојам на страната на Унгарија. Имаме сопствени цели и национални интереси. Ќе купуваме гас и нафта од Русија и ќе тежнееме кон добрососедски односи со Украина по завршувањето на војната, изјави Орбан.
Според него, Унгарија не би можела да го задржи системот на ограничување на цените на комуналните услуги без евтина руска енергија, додавајќи дека прекинот на снабдувањето со руски гас и нафта би довел до повеќекратно зголемување на цените во споредба со соседните земји.
– Украина бара 800 милијарди евра за управување со државата во следните 10 години и уште 700 милијарди за воени цели. Таа сума би го финансирала унгарскиот пензиски систем 60 години и семејните субвенции 40 години, изјави Орбан.
Свет
Експлозии пријавени низ Иран
Неколку експлозии се пријавени нво Иран денеска, во услови на зголемени стравувања од војна во регионот, јави ДПА.
Во пристанишниот град Бандар Абас, на Персискиот Залив, едно лице загина, а 14 се повредени во експлозија, соопшти новинската агенција Тасним, која е блиска до Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).
Очевидци пријавиле и најмалку една експлозија во близина на главниот град Техеран. Иранските медиуми, повикувајќи се на официјален извор, наведоа дека се запалила трска во корито на река.
Во југозападниот дел на Иран, онлајн-порталот Нур њуз, повикувајќи се на шефот на противпожарната служба во градот Ахваз, објави дека експлозија на гас усмртила четири лица.
Тасним ги демантираше гласините дека експлозијата во Бандар Абас била обид за напад врз командантот на морнарицата на ИРГЦ, Алиреза Тангсири.
Државната новинска агенција ИРНА објави фотографија од делумно уништениот преден дел на повеќекатна станбена зграда. Државната телевизија соопшти дека експлозијата била предизвикана од истекување гас.
Наскоро треба да започне тридневна поморска воена вежба на ИРГЦ во Персискиот Залив, во која се очекува да учествуваат и Кина и Русија.
Маневрите се најавени во период кога американскиот претседател Доналд Трамп распореди флота, вклучително и носачи на авиони, во регионот.
Трамп во повеќе наврати ѝ се закануваше на власта во Техеран со интервенција, поради, како што наведе, бруталното задушување на протестите од страна на иранскиот безбедносен апарат.
Свет
Во Белград се урна напуштен двокатен објект
Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.
Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.
При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.
Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.

