Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Извештајот на Вајц е нова потврда дека власта ја турка Македонија во изолација
Извештајот на известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајс, е уште потврда на она што СДСМ со месеци го говори: Македонија е заглавена, реформи нема, процесот на пристапување кон ЕУ е сопрен, власта ја турка земјата во изолација, велат од СДСМ.
„„Процесот на пристапување е сопрен“ ова не е оценка на опозицијата, туку официјален став од овој извештај. Во документот јасно се наведува дека нема напредокот во владеењето на правото, правосудните реформи и борбата против корупцијата. Пораката од Брисел е јасна: проширувањето може да се забрза, но само ако има вистински реформи и владеење на правото. Со владата на Мицкоски Македонија денес нема ниту едното ниту другото. Корупцијата и криминалот цветаат, секојдневно сме сведоци на криминални тендери. 161 тендер за една фрима, 51 тендер преку општините за друга фирма, 74 тендери за трета, 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени, тендер 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта. 57 дена поминаа а Обвинителството и ДКСК молчат и не преземаат ништо“, велат од СДСМ.
Според опозицијата, портпаролката на Владата, Марија Митева, потврдила дека Мицкоски управува со судовите со јавно изнесување информации од судски процес кој се уште трае.
„Мицкоски си поставува судии и обвинители под негова контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет, сега советник на Мицкоски во Уставниот суд. Се носат закони за правосудство кои не е во согласност со препораките на ЕУ. Наместо реформи Владата намерно отвора кавги со соседите, за да ја оправда изолацијата и да ги блокира преговорите. Води анти ЕУ кампања со обвинувања дека Европа е виновна. Високи 71% од граѓаните даваат поддршката за членство во ЕУ што значи дека политиката на изолација на ВМРО оди против волјата на народот“, се наведува во соопштението.
Македонија
Сиљановска – Давкова: Имаме најмало и најстаро владино авионче во регионот, секогаш имам дилема дали да летам со него
Претседателката, Гордана Сиљановска – Давкова, призна дека секогаш има дилема кога треба да се вози со владиниот авион затоа што е стар 25 години. Таа, исто така, вели дека имаме најстаро и најмало владино авионче во регионот.
„Што можам да кажам? Ајде, да ве насмеам. Владиното авионче моите колеги претседатели во регионот го нарекуваат авиончето на браќата Рајт, бидејќи е најмало и најстаро. Јас можам да кажам за мене, употребата на владиното авионче понекогаш овозможува функционално извршување на државната работа, ама и поевтина од користењето на комерцијални летови. Е сега, не е многу пријатно, и самата секогаш кажувам дека секогаш имам дилема кога немам друг избор, бидејќи знам дека е старо 25 години, а и купено е на старо“, одговори Сиљановска -Давкова на новинарско прашање.
Таа смета дека е многу порационално и поевтино да се има поголемо, како што кажа, авионче од нашето.
„Моите колеги претседатели велат дека е многу порационално и поевтино да се има поголемо авионче од нашето најмало авионче, бидејќи тогаш со еден лет ќе може повеќемина да одат и да се вратат кога сакаат, а ми замеруваат, а знам дека тоа е мој голем хендикеп, што со нас нема новинари. Со нив понекогаш доаѓаат и новинари“, рече Сиљановска – Давкова.
Македонија
Кривична пријава против раководни лица од Министерството за одбрана поднесе Независниот синдикат на професионални војници
Денес Независниот синдикат на професионални војници СО Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против раководни и овластени лица од МО поради основано сомнение за Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик и кривично дело Несовесно работење во службата по член 353-в, информираат од таму.
„Кривичната пријава ја поднесуваме врз основа на негативниот Конечен извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2024 година за Министерството за одбрана каде што е констатирано непочитување на законските одредби и Колективниот договор на МО.
Јавноста знае дека до 2023 година буџетот на МО е оштетен од тужби од вработени лица со 20 милиони евра, средства кои се исплатени од буџетот на МО за судски трошоци и исплати на припадници на Армијата.
Државниот завод за ревизија во извештајот утврди повторно непочитување на Колективниот договор на МО и Законот за служба и евидентирани се 1221 нови тужби за 2024 година. Оваа претставува повторно штета на буџетот со милионски суми“.
Како што појаснуваат од синдикатот, бројката на тужби од 2024 година, е веќе надмината во 2025 година , повторно поради непочитување на КД и законите, само за дискриминација и трансформирање на работниот однос за неполни три месеци има поднесено 280 тужби против МО, истакнуваат од таму.
Извештајот утврдил дека состојбата е непроменета во некои сектори цели 10 години, не се испочитувани забелешките и препораките на претходните ревизии и ништо не е подобрено.
„Очигледен е односот на МО и раководните лица, нивната негрижа за буџетските средства кои граѓаните на РМ ги обезбедуваат како даночни обврзници.
Бараме од ОЈО Скопје да отвори предмет за утврдување на одговорност на раководните и овластени лица од МО врз основа на доставениот Конечен извештај од Државниот завод за ревизија за МО за 2024 година“.

