Македонија
(Видео) Апасиев: Не може лекар да одговара за лекарска грешка, а судија да не одговара за непримена на право
Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев, на собраниска седница го критикуваше предложениот закон за судството оценувајќи дека станува збор за козметички, а не за суштински промени, кои нема да ја искоренат корупцијата во правосудството.
„Како што велеше често на предавањата почитуваната професорка, која што го спомна патем и овој закон во годинешното обраќање, правен илузионизам е да сметаме дека ние со промена на законот ќе ја промениме и перцепцијата за судството и корупцијата во судството“, порача Апасиев, потсетувајќи на римската мисла „Corruptissima respublica, plurima leges“ – колку повеќе закони толку повеќе корупција.
Тој посочи дека во Македонија има околу 800 важечки закони кои создаваат „каша-попара“ во правниот систем, до степен што, како што рече, „и самите судии не знаат кои одредби важат, а кои се укинати“.
Според него клучниот проблем е што законот не го воведува изборот на најдобриот кандидат за судија како задолжителен критериум. „Ако сакаме објективни критериуми, има да воведеме првиот од ранг листата да мора да биде избран, да не зависи од волjата на овие во Советот“.
Апасиев предложи радикални резови како ограничување на мандадтот на судиите на девет години без можност за реизбор, воведување на објективни критериуми за автоматско разрешување како и укинување на фактичката неодговорност на судиите. „Не може лекар да одговара за лекарска грешка, а судијата да не одговара за незаконска примена на правото“.
Во своето излагање се задржа и на слободното судско уверување кое го нарече „системска корупција“.
„Сум бил сведок, како тогашен асистент, кога го фатија еден судија со две искуцани пресуди. Едната одбивателна, другата усвојувачка. И сега кој ќе даде повеќе пари, таа ќе ја пушти. Па зошто ќе ја пушти? Па ќе ја пушти оти има слободно судиско верување“, кажа пратеникот.
Апасиев предупреди и на непостоење на антинепотистички механизми во правосудството и истакна дека цели апелациони подрачја се окупирани, од како што рече, фамилијарни кланови.
„Не може мајката да е судијка, синот адвокат, ќерката е во обвинителството, мажот е нотар, зетот е извршител. До кога така? Барем на ниво на апелационно подрачје имаме правна можност како држава да го решиме, а да не биде дискриминација, нели? Детето на судија нема да биде адвокат во истото апелационо подрачје на неговата мајка. Многу елегантно можеме тоа да го решиме, но не сакаме, немаме политичка волја тоа да го направиме“, посочи тој.
Како дополнителни системски слабости ги наведе заедничката обука на судии и обвинители, недостатокот на централна база на судиски одлуки, непостоење на јавни биографии на судиите, слабата дигитализација и ниските плати на судските службеници.
„Се правиме при очи слепи. Со вакви закони не се чисти византиска корупција“, заклучи Апасиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за слаб локален снег
Утре претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.
Македонија
Новогодишни пакетчиња од Општина Битола за штитениците, децата од центарот за рехабилитација
Традиционално и годинавабеа доделени новогодишни пакетчиња од Општина Битола за штитениците- децата од ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација-Битола.
Дедо Мраз предизвика радост кај децата, а од името на Општина Битола празниците им ги честиташе секретарот на општината Борче Димитровски.
Во овој Центар кој работи со деца со посебни потреби денеска беше предновогодишно весело.
Македонија
Втора вечер од „Новогодишна приказна“ во Кисела Вода: Либеро Бенд, Антониа Гиговска и Оле Поцкова во парк Шопен
По успешниот старт на „Новогодишната приказна“, која вчера ја исполни oпштина Кисела Вода со енергија и убаво расположение, вечерва во паркот „Шопен“ продолжува програмата наменета за сите генерации и вкусови, соопштија од општината.
Настанот е отворен за сите граѓани, а посетителите ќе имаат можност да уживаат и во празничниот амбиент со новогодишни куќарки, украси и содржини наменети за целото семејство.
Втората вечер започнува во 19 часот и ќе ја отвори Оле Поцкова од „Зевзекманија“ со монодрама. Потоа сцената, после 20 часот ќе им припадне на Либеро Бенд, а вечерта ќе ја заокружи настапот на Антониа Гиговска. Водител на настанот е Миро Кацаров. Општина Кисела Вода ги поканува сите граѓани да се приклучат на втората вечер од „Новогодишната приказна“ и да уживаат во празничниот амбиент со своите најблиски.

