Македонија
Доживотен затвор за братоубиецот во Кавадарци: го убил бидејќи верувал дека сака да го преземе целиот имот
По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Кавадарци, Основниот суд во Кавадарци изрече пресуда врз основа на признание на вина со која го огласи за виновен 43-годишниот С.И. за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4 (од користољубие) и го осуди на казна доживотен затвор.
Обвинетиот на 27 јули годинава од користољубие го лишил од живот својот помлад брат Илија Иванов. На роденденот на жртвата, двајцата браќа започнале да се расправаат, бидејќи обвинетиот верувал дека неговиот брат сака да го преземе целиот имот. Поттикнат од чувства на гнев и омраза, тој со тапиот метален дел од тесла го удрил брат му по главата, а кога оштетениот паднал, уште два пати го удрил со теслата, нанесувајќи му моментални смртоносни повреди.
Потоа обвинетиот си заминал, а следниот ден се вратил во домот на оштетениот и телото го префрлил во бањата. Во следните неколку дена исто така се враќал за да го прикрие делото, ја бришел крвта од подот и од предметите, а телото го пренел во шупата, го затрупал во ров и врз него ставил шперплоча и други предмети.
Во периодот од 30 јули до 5 август кога било откриено телото, обвинетиот во повеќе наврати повлекувал пари со банкарската картичка на жртвата.
Обвинението беше поднесено на 28 октомври, а обвинетиот во целост го призна начинот на извршување на делото онака како што беше наведен во обвинителниот акт.
При изрекувањето на пресудата, Судот донесе Решение со кое на осудениот му ја продолжи претходно определената мерка притвор до почетокот на издржувањето на казната доживотен затвор, соопшти обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за слаб локален снег
Утре претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.
Македонија
Новогодишни пакетчиња од Општина Битола за штитениците, децата од центарот за рехабилитација
Традиционално и годинавабеа доделени новогодишни пакетчиња од Општина Битола за штитениците- децата од ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација-Битола.
Дедо Мраз предизвика радост кај децата, а од името на Општина Битола празниците им ги честиташе секретарот на општината Борче Димитровски.
Во овој Центар кој работи со деца со посебни потреби денеска беше предновогодишно весело.
Македонија
Втора вечер од „Новогодишна приказна“ во Кисела Вода: Либеро Бенд, Антониа Гиговска и Оле Поцкова во парк Шопен
По успешниот старт на „Новогодишната приказна“, која вчера ја исполни oпштина Кисела Вода со енергија и убаво расположение, вечерва во паркот „Шопен“ продолжува програмата наменета за сите генерации и вкусови, соопштија од општината.
Настанот е отворен за сите граѓани, а посетителите ќе имаат можност да уживаат и во празничниот амбиент со новогодишни куќарки, украси и содржини наменети за целото семејство.
Втората вечер започнува во 19 часот и ќе ја отвори Оле Поцкова од „Зевзекманија“ со монодрама. Потоа сцената, после 20 часот ќе им припадне на Либеро Бенд, а вечерта ќе ја заокружи настапот на Антониа Гиговска. Водител на настанот е Миро Кацаров. Општина Кисела Вода ги поканува сите граѓани да се приклучат на втората вечер од „Новогодишната приказна“ и да уживаат во празничниот амбиент со своите најблиски.

