Македонија
„Трендафилов, Деаноски и Пешевски ги оштетија работниците за 600 евра минимална плата во 2028 поради политичките игри со СДС и Левица“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Одлуките на ССМ на чело со Слободан Трендафилов го спречија растот на платите за 40% во следните 2 години на штета на работниците или раст од над 10.000 денари за само две години од денес. Слободан Трендафилов како прв синдикалец не застана во одбрана на работниците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Иако Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ понуди конкретно и јасно решение, 40% зголемување на платите на административните службеници во следните две години преку нов колективен договор, ССМ и Слободан Трендафилов одбија да го прифатат предлогот, оставајќи ги работниците без повисоки примања.
ССМ предводен од Слободан Трендафилов и гранковиот синдикат УПОЗ, предводен од Трпе Деаноски го одбиле предлогот од Владата каде минималната плата ќе изнесувала минимум 36.000 денари за административните службеници во 2028 година.
Поради политичките игри на Слободан Трендафилов, Трпе Деаноски и Иван Пешевски работниците се оштетени за 600 евра минимална плата во 2028 година. Ова е доказ дека ССМ го става политичкиот интерес пред интересот на работниците.
Иван Пешевски додека се претставува како загрижен синдикалец дебело профитира заедно со Трендафилов.
Додека глумат загрижени синдикалци платата на Пешевски е 3 пати поголема од минималната.
Поддршката од СДС и Левица ја покажува вистинската агенда на ССМ каде што ги ставаат политичките интереси пред интересите на работниците.
Наместо да ги застапуваат граѓаните, синдикатите предводени од Трендафилов и Деаноски ја жртвуваат минималната плата за да ги следат политичките мотиви и политичката линија на СДС и Левица.
Работниците заслужуваат синдикати што ги штитат работничките интереси а не што ги продаваат за политички интереси на поединци.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи во интерес на работниците и сите граѓани, за повисоки плати и подобар животен стандард“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Обезбедени се средства за набавка на 150 електрични автобуси за Скопје и општините
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа каков е планот за набавка на најавените нови еколошки автобуси, изјави:
„Па ние на владина седница донесовме одлука, во рамките на „Влада со Влада“ договорот којшто го имаме со Унгарија. Дел ќе биде кредит, под оние исти услови коишто ги имавме и во претходниот случај, односно 3 години грејс период, дополнителни 12 години отплата, значи 15 години со истата каматна стапка“.
Градот Скопје во претходна анкета побара 250 вакви автобуси, кажа Мицкоски.
„За него ќе бидат отстапени 100, со 50 полначи, а останатите општини коишто имаат организиран градски превоз, побараа, мислам дека побараа 89, а ќе добијат 50, со 25 полначи“.
Македонија
Минчев: ИСУЧР како единствен систем, носи транспарентност и буџетски заштеди
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати на седница на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), на која го истакна значењето на Информациониот систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР) како единствен, централен и задолжителен систем за сите институции во јавниот сектор, вклучително и општините и јавните установи.
„ИСУЧР не е уште еден информатички проект, туку темелна реформа која обезбедува законита пресметка на платите, транспарентност и реална контрола на јавните трошоци“ истакна министерот Минчев.
Тој информираше дека Владата донела одлуки со кои ИСУЧР станува единствениот извор на податоци за вработените и за пресметка на платите, при што државата по првпат стекна сопственост врз изворниот код на системот, со што се обезбедува долгорочна стабилност и целосна контрола.
Министерот нагласи дека со користењето на еден унифициран систем се остваруваат значителни буџетски заштеди и на централно и на локално ниво, преку укинување на паралелни софтверски решенија и дополнителни трошоци.
Министерството за јавна администрација обезбедува континуирана поддршка и обуки за институциите.
„Приклучувањето кон ИСУЧР не е прашање на избор, туку на одговорност и заштита на јавните финансии“ порача Минчев, нагласувајќи ја клучната улога на ЗЕЛС како партнер во реформата.
Македонија
ССМ следната недела ќе го блокира Собранието: Пратениците ќе мораат на работа пеш и без патни трошоци, ќе ги удриме по џебот како тие нас
Прва институција која ќе ја блокираат работниците како продолжение на протестот за 600 евра минимална плата и зголемување од 100 евра на сите останати плати е Собранието. Блокадите ќе почнат следната недела, а деталите околу блокадите Синдикатот ќе ги објави по средба со владин претставник во понеделник. Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов јавно повика владин претставник да дојде во ССМ и да го потпише колективниот договор со кој не во 2028 туку во 2026 година ќе ги покачи за 40 % платите, по обвинувањето дека ССМ одбиле толкаво зголемување на платите на работниците за две години.
Претседателот Трендафилов објасни дека одлучиле првата блокада да биде на Собранието оти пратениците цела година го чуваат законот во фиока и не сакаат да ги зголемат платите на работниците.
„ Ќе мора да одат пешки за почеток, како што работниците одат пешки на работа. Или ќе треба да дојдат со јавниот градски превоз, како што одат на работа работниците. И дента нема да можат да наплатат патни трошоци. Ќе побараме од претседателот на Собранието да не информира кој пратеник за тој ден побарал патни трошоци. Ќе ги удриме по џебот. Онаму каде што не удираат нас работниците цела година, пред да им ја намалиме платата. Ќе ги чекаме да ги поздравиме дека треба да гласаат, да ги потсетиме дека таму се заради нас и дека ние сме ги бирале“, рече претседателот Трендафилов.
Блокирањето ќе биде следната недела за да им се остави простор на властите да ја покачат минималната плата.
„Зошто наредната недела? Затоа што имаат време да се соберат, онака сложно како што сложно сега молчат за нивните плати кои ќе се зголемат, еве гувернерот на Народна банка кажа за 9,2% затоа што порастот на просечната плата е 9,2%. Да го поздравам и него затоа што и неговата плата ќе се зголеми за повеќе од 300 евра. И кога коментирате за работниците и за тоа како треба да им се зголемат работничките плати излезете на улица и погледнете ги во очи. Ако не искористете ги медиумите од прилозите кои ги прават затоа што луѓето ви кажуваат дека тешко се живее. Срам да им е“, рече претседателот Трендафилов.
Тој и денес нагласи дека протестот не е политички организиран, ниту пак организиран за да ѝ се наштети на Владата туку дека работниците се обединија околу сиромаштијата, околу мизерните плати и околу борбата за достоинствен живот.
Им се заблагодари на работниците за масовната поддршка и јавно кажа дека притисоци да не излезат на протестот имало во Македонски пошти, тутунски комбинат Прилеп, во СОНК Делчево, а најави дека листата ќе ја дополни откога синдикалните организации ќе му достават информации.
Доколку и по блокирањето не се покачи минималнат аплата, ССМ веќе работи на подготовка на генерален штрјак.

