Македонија
Блокадата на ССМ не ги принуди пратениците да дојдат пеш на работа, но Трендафилов вели дека нема да дозволи да наплатат трошоци како да трошат керозин
Добро утро на сите, освен на пратениците, поздрави претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, пред почетокот на денешниот протест за 600 евра минимална плата и зголемување за најмалку 100 евра на останатите плати. Објасни дека не им посакува добро утро на пратениците оти две години го блокираат предлогот на Сојузот на синдикати за зголемување на работничките плати.
Како што најавија, работниците ги блокираа пристапите со автомобил во Собранието, но не ги принудија пратениците пеш да дојадат на работа оти паркингот беше полн кога почна протестот, пратениците утрово подранија на работа.
„Како што им ветивме денска по 21 човек на две локации ги блокираме за да не можат да дојдат со сопствените возила на работа, како што одат. Да не можат да наплатат трошоци како да трошат керозин и да мора да дојдат пешки или со јавен градски превоз на своите работни места. Моите информации се дека голем дел пратеници станале рано утрово, за да дојдат пред девет часот на работа, за да не се соочат со работниците на улица затоа што се срамат од нив“ рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Тој од улица направи пресметка колку ќе се зголемат пратеничките плати.
„Се срамат од своите гласачи затоа што одбиваат да ја зголемат работничката плата, а од друга страна, пратеничката плата ќе се зголеми не само за 9,2% колку што пресмета гувернерот на Народна банка дека се зголемила просечната плата во 2025 година туку и за 12,6% затоа што голема е веројатноста уставниот суд да ја укине уредбата на Владата од претходната година, што ќе каже дек ана 100 или 120 илјади денари добиваат 21% зголемување на нивните плати. Да биде срамот за нив уште поголем тие се подготвени нивните плати, односно коефициенти да ги намалат за 9 %, да не се зголемат, само за да не ги зголемат платите на работниците“ , рече претседателот на ССМ, Трендафилов и кажа дека блокадата ќе трае до 11 часот , кога треба да почне седницата во Собранието.

Голем дел пратеници станале рано утрово, за да не се соочат со работниците, рече претседателот на ССМ, Трендафилов
Побара пратениците денес на седницата да предложат зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати работнички плати за најмалку 6.000 денари или за разликата од претходната минимална плата и новата минимална плата која ќе ја изгласаат.
Доколку не го направат тоа, Трендафилов најави дека како што вети, ССМ собере 10.000 потписи, ќе им стане овластен предлагач, и ќе предложи намалување на пратеничките и функционерските плати.
„Не осудуваа дека иницијативата на ССМ за намалување на нивните плати за 80% била неуставна затоа што ќе дошле на минималец, па сфатиле колку тешко ќе живеат на минималец па затоа сметаат дека е неуставно да им се намалат нивните, онака високи, пратенички плати, но прашуваме оттука јасно и гласно, како тоа ако ги намалат за 9,2% коефициентите ќе биде уставно, а неуставно ќе биде да ги намалат за 80% нивните коефициенти и да ја сменат нивната основица да биде минимална плата наместо сегашната просечна плата“, објасни Трендафилов.
Во четврток, на ист начин, работниците ќе ја блокираат Стопанската комора, а во вторник и Владата.
„Се надевам дека претседателот на Владата и министрите, кои не се излезени од службените автомобили, ќе тргнат пешки до своите работни места и ќе поминат покрај работниците. Покрај 21 работник на две локации пред Владата, за да не можат да дојдат со службените автомобили. Се надевам дека Владата нема да избега како што кукавички избегаа денес пратениците кои денес многу рано станале, можеби и за првпат во нивната пратеничка кариера и дошле на своите работни места пред осум часот, според нашите информации“, рече Трендафилов.
ССМ смета дека за денес пратениците не смеат да побараат патни трошоци и најави дека ќе бара известување од Собранието за тоа кој побарал да му се покријат трошоците за патување до работа денес.
„Ќе се обратиме и до претседателот на Собранието како информација од јавен карактер да нè извести кој е тој алчен пратеник кој за денешниот ден ќе наплати 100, 150 или 200 евра затоа што доаѓа на работа“, рече Трендафилов.
Се заблагодари на големиот број полицајци за кои рече дека биле принудени да мрзнат на ладното со работниците и да ги чуваат пратеници кои и нивните плати не сакаа да ги зголемат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Милошоски – Клајн: Поддршка од Унгарија кон нашите ЕУ интеграции
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, оствари работна средба со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клајн, придружуван од заменик-шефот на Мисијата, Атила Фодор.
Во разговорот беа потенцирани одличните билатерални односи на нашата земја со Унгарија, засновани на меѓусебна доверба, почит и соработка. Посебен акцент беше ставен на економската и политичката соработка помеѓу државите, како и реализацијата на заеднички проекти.
Амбасадорот Клајн ја истакна поддршката на Унгарија кон нашите ЕУ интеграции, истакнувајќи ја важноста на членството во ЕУ на земјите од Западен Балкан кон стабилноста, безбедноста и економскиот просперитет на Регионот.
Македонија
Превентивно повлечени одредени серии „Аптамил“ формули за доенчиња, соопшти АХВ
Агенцијата за храна и ветеринарство информира дека, врз основа на информации добиени преку европскиот Систем за брзо предупредување за храна и храна за животни (RASFF), спроведено е превентивно повлекување од пазарот на одредени серии формули за доенчиња од брендот „Аптамил“.
Направена е итна инспекциска контрола кај увозникот на производите, од кој АХВ доби и официјално известување дека од пазарот веќе се повлечени производи опфатени со нотификациите и дека е извршено и нивно отповикување. Повлекувањето се однесува на ограничен број серии кај кои постои можност за присуство на цереулид.
„Производи опфатени со повлекувањето:
· APTAMIL AR 2
Сериски број (лот) Рок на употреба
20250924 / 111492248 24.09.2026
20251106 / 111505015 06.11.2026
· APTAMIL PRONUTRA 2
Сериски број (лот) Рок на употреба
20250619 / 111450979 19.06.2026
20260720 / 111470149 20.07.2026
20260922 / 111494041 22.09.2026
20261027 / 111509436 27.10.2026
20261130 / 111518857 30.11.2026
20261219 / 111526365 19.12.2026
20270121 / 111539141 21.01.2027
· APTAMIL PRONUTRA 1
Сериски број (лот) Рок на употреба
20260722 / 111473082 22.07.2026
20260904 / 111489543 04.09.2026
20261014 / 111504828 14.10.2026
20261126 / 111519122 26.11.2026
АХВ со апел потрошувачите кои имаат купено од наведените производи со дефинираните сериски броеви и рокови на употреба, истите да не ги користат, нештетно да ги уништат, или да ги вратат на местото од каде се купени.
Македонија
Владата го утврди Предлог-Законот за Советот на јавните обвинители, соопшти Министерството за правда
Владата на денешната седница на предлог на Министерството за правда го утврди Законот за Советот на јавни обвинители.
Овој закон, како што е соопштено, претставува значаен чекор кон зајакнување на независноста, отчетноста и транспарентноста на јавнообвинителскиот систем.
„Клучни измени во Предлог-законот:
Детално уредена постапка за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, која се покренува врз основа на образложено барање од најмалку четири члена на Советот.
Засилена улога на Советот во постапката за избор и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, вклучително и можност за поднесување иницијатива за разрешување до Собранието.
Зајакната транспарентност на работата на Советот, преку јавност на второстепената дисциплинска постапка, со јасно утврдени исклучоци за заштита на лични податоци, угледот на странките и други легитимни интереси.
Воведување прецизни и јасни критериуми за избор на членови на Советот, со кои се гарантира стручност, искуство и интегритет, по пример на новиот Закон за Судскиот совет.
Детално уредена постапка за разрешување на член на Советот, со прецизирани рокови и јасни критериуми“.
Од министерството информираат дека Предлог-законот, заедно со Предлог-законот за Јавното обвинителство, добија заедничко позитивно мислење Венецијанската комисија.

