Македонија
(Видео) Тренчевска: Пратениците да гласаат за 600 евра минималец, трудот на работникот мора да се вреднува
Воведувањето и зголемувањето на минималната плата е една од клучните економско-социјални политики насочени кон заштита на животниот стандард на граѓаните и секоја влада која сака да го заштити стандардот на работниците треба да ја зголеми минималната плата согласно инфлацијата и куповната моќ на граѓаните, нагласи пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска на денешната собраниска Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, на која на дневен ред е Предлог на законoт за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, поднесен од пратенчката група на СДСМ и коалицијата.
Во образложувањето на предлог-измените, Тренчевска ги повика сите пратеници да го поддржат зголемувањето на минималната плата на 600 евра, за да се почитува трудот на работниците и да се овозможи секое семејство кое живее со минимална плата да има достоинсвен живот.
Тренчевска посочи дека барањето за 600 евра минимална плата е оправдано. Инфлацијата и трошоците за живот континуирано растат, а мерките кои што владата ги презема не дадоа никаков ефект.
„Имаме годишна инфлација од 4,1%, а кај храната таа инфлација е многу повисока, односно над 5%. Оваа инфлација многу повеќе ја чувствуваат оние граѓани и работници кои имаат ниски примања. Сите оние мерки кои божем ги преземаше владата за да се органичи растот на цените не дадоа никаков ефект. Куповната моќ на граѓаните од месец во месец, од ден во ден, сè повеќе паѓа. Во февруари годинава, само за еден месец синдикалната кошничка се зголемила за околу илјада денари, а во однос на февруари 2025 година, таа се зголемила за 3.609 денари, а во споредба со 2022 година за повеќе од 30.000 денари. Денес ни требаат скоро три минимална плати за да може да се исполни она што е предвидено како основни производи за живот во синдикалната кошничка“, рече Тренчевска.
Во образложението таа нагласи дека улогата на владата во Економско-социјалниот совет како трипартитно тело не треба да се сведе на посредник.
„Таа секогаш треба да биде во заштита на работникот, а не да смета дека е само посредник или модератор на Економско-социјалниот совет. Напротив, Владата е дел од советот, партнер и учесник којшто директно преговара и соработува и со работниците и со работодавачите, а не ги остава работодавачите сами да одлучуваат дали им одговара да се покачи минималната плата на барање на работниците, затоа што тоа никогаш нема да го видиме“, рече Тренчевска.
Потсети дека во 2022 и 2023 година, кога се зголеми минималната плата, владата на СДСМ не ја префрли целата тежина врз работодавачите, ги субвенционираше придонесите, за компаниите да ги зголемат платите а истовремено да не им се наруши ликвидноста.
„Преку субвенционирање на придонесите се обезбеди поддршка за околу 130 илјади граѓани кои зимаа повисоки плати во компаниите. А за сите оние кои беа на минимална плата, Владата обезбеди поддршка на разликата помеѓу претходната минимална плата и онаам минимална плата што беше утврдена во 2022–2023 година. Тоа значи дека компаниите не беа оставени сами на себе, туку и тука се гледа улогата на Владата, да може да ги поддржи и барањата на работниците, но и барањата на работодавачите“, рече Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.

