Топ
Уапсена лихварка од Струмица: дала 2.700 евра, а барала да се вратат 15 илјади евра, фатена кога ја примала каматата
Вчера во 12:00 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица ја лишија од слобода 53-годишната Ј.Т. од Струмица. Според пријавеното, таа во јуни 2025 година на жител на струмичко село му дала пари во износ од 2.700 евра, за кои сега барала да му врати несразмерен износ од 15.000 евра.
Имено, вчера оштетениот остварил средба со Ј.Т. на која требало да ѝ плати 100 евра, сума која ја определила како месечна камата за основниот лихварски долг. Во моментот кога ѝ ја дал банкнотата од 100 евра, која била претходно обележана, Ј.Т. е лишена од слобода.
Притоа, бил извршен преглед кај неа и биле пронајдени обележаната банкнота од 100 евра, тетратка и листови хартија на кои ги нотирала износите на парични средства кои ги давала на лица и износите кои како камата требало да ѝ бидат вратени.
Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во нејзиниот дом, при што се пронајдени и одземени пари (денари и евра), нотарски акти, како и тетратки и листови на кои ги евидирала дадени износи на пари, од кои е утврдено дека Ј.Т. досега во повеќе наврати давала пари на лица, а тие требало да ѝ вратат несразмерен износ со кој таа се стекнувала со противправна имотна корист.
Ј.Т. е задржана во Полициската станица Струмица и за случајот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основано сомневање дека сторила кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) 73,2% ученици пушачи не биле спречени да купат цигари поради возраста, ИЈЗ спроведе истражување на 7,8 и 9-одделенци
Од 2002 година, откога се прават истражувања за пушење меѓу учениците, во 2024 година е забележан највисок процент на ученици кои пушат, најголем борј ученици и покрај тоа што се малелетни, кажале дека не им бил побаран документ за идентификација кога си купувале цигари и енормно расте бројот на ученици кои користат електронски цигари, покажа последното истражување на Институтот за јавно здравје за употребата на тутун и тутнски производи кај младите спореведено со поддршка од Светската здравствена организација како дел од глобално истражување за пушењето кај учениците од седмо, осмо и деветто одделение. Истражувањето кај нас е спроведно во 75 училишта, а учествувале 4.706 ученика.
„Податоците од истаржувањето покажуваат дека 13,6 % од ученицит ена возраст од 13 до 15 години моментално користат некаков тутунски производ и тое е највисоката преваленца досега регистрирана во нашата држава. Вкупно 10% од нив користат електронски цигари што е повеќе од двојно зголемување во споредба со 2016 година. Дополнително загрижувачки се податоците дека дури 57% од младите биле изложени на тутунски чад во домот, додека 55,4 % биле изложени на чад во затворени јавни простории. Во однос на достапноста на тутунските производи ова истражување покажува дека 73,2 % од младите пушачи не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст“, рече министерот за здравство Азир Алиу.
Резултатите од ова истражување министерот Алиу вели дека се основа на новиот предлог-Закон за забрана на пушењето чија цел е да се денормализира пушењето преку четири столба.
Првиот столб е целосна заштита од пасивно пушење, без чад и без аеросоли во затворени и работни простории. Заштитата важи и за аеросоли од електронските цигари чија безбедност при пасивна изложеност не е докажана.
Втор столб е намалувањето на привлечноста односно предлог – Законот забранува продажба на производи што содржат карактеристични ароми кои создаваат препознатлив вкус или сензорен ефект различен од природниот тутунски профил како што се овошни, слтки, ментол и други вкусови кои ја маскираат штетноста и го оследнуваат првото пробување. Тие ќе бидат забранети за продажба кај нас со предлог- Законот.
Третиот столб се однесува на ограничување на маркетингот и изложувањето. Министерот Алиу вели дека ќе се стави крај на таргетирањето на младите преку социјалните мрежи, преку инфлуенсери игри и други дигитални форми. Тутунските и никотинските производи повеќе нема да бидат јавно изложени туку во затворени ормари.
Четвртиот столб е ограничување на достапноста и засилена контрола на продажаба за малолетници.

Новиот Закон ви дозволува да пушите ако сакате, само ве спречува да пушите онаму каде што може да им наштетите на други, рече претставниот на СЗО, Али Аким
Претставникот на Светската здравствена организација (СЗО), Али Аким, кажа дека глобално 14.000 деца на возраст од 13 – 15 години сега пушат тутун, а зависноста не треба да биде нешто со кое почнувате во адолесценцијата. Аким смета дека нашата земја мора да се повести посебно на тоа што тутунот е насекаде и е дозволен, што ќе се надмине со новиот предлог – Закон за забрана на пушењето.
„Законот ви дозволува да пушите ако сакате, само ве спречува да пушите онаму каде што може да им наштетите на други“, рече претставниот на СЗО, Аким.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, вели дека истражувањето покажало три важни работи одноно дека никотинот кај младите останува значаен предизвик , дека зема се поголем замав и ја менува сликата на зависности кај адолесцентите и дека изложеноста на чад преку пасивно пушење, влијанието на маркетингот и достапноста на производите за малолетни лица се уште претставува сериозен системски предизвик кој треба да биде во државните приоритети за решавање.
Македонија
Откриен обид за криумчарење на 4.800 пакувања никотински ќесички вредни 1,2 милиони денари
Царинската управа откри и спречи обид за криумчарење на 4.800 пакувања со никотински ќесички со вредност од 1,2 милиони денари. Против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава заради сторено кривично дело „криумчарење“.

„Осомничениот е застанат за контрола од страна на мобилен царински тим, во внатрешноста на државата, веднаш по влезот во државата преку граничен премин Табановце, при што се пронајдени 4.752 пакувања со никотински ќесички со никотин и 48 пакувања никотински ќесички – снус кои содржат никотин и тутун. Стоката и возилото се запленети, а осомничениот е приведен на сослушување од страна на инспекторите за истраги“, соопштија од Царина.
Во предистражната постапка е утврдено дека стоката требало да биде предадена на лице за кое Царинската управа минатата година поднесе кривична пријава за прикривање стоки кои се предмет на криумчарење – цигари без акцизни маркички и царинска измама.

По целосно завршување на истрагата, против осомничениот ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за сторено кривично дело криумчарење.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.

